Книга „Фрагменти“ на Епископот Хераклејски г. Климент (29.12.2008)
Книгата Фрагменти на епископ Хераклејски Климент, која деновиве излезе од печат во издание на Темплум, е импозантен, разговорлив, полемички поставен придонес кон актуелната историјата и кон крефкиот општествен и духовен миг. Во околу триесетина записи (интервјуа, рзаговори, писма, беседи), кои се забележани низ македонските печатени и електронски медиуми во периодот од 2004 – 2008 година, епископот Климент ги искажува не само своите теолошки смели ставови и гледишта, туку нуди и важен ракурс на најновиот процес на возобновувањето на монаштвото во Македонија, што доведе до редефинирање на духовноста во овие транзициски времиња. Обоен со сепцифичен и слоевит полижанровски јазик, кој упатува не само на теолошките референци туку и на актуелните потреби, слабости и значења на современиот човек во новото македонско општетсво, епископ Климент отвора поинаков хоризонт во восприемањето и значењето на верата и на духовноста. Преку неговиот, пастирски и грижлив поглед, како на дланка ги добиваме најзначајните аспекти за сите чинители на општествената заедница. Тој во своите промислувања и искази секогаш е поттикнувачки прецизен во метафорите кои релационо ги поставува во однос на нашата стварност, истакнувајќи ги храбро сите нејзини доблести и маани. Неговите согледби изобилуваат со спектар на тропи и стилски фигури. Токму литерарната дарба на епископот Климент е можеби она што и дава особено значење на оваа книга.
Во предговорот кон книгата Никола Трајковски, игумен на манастирот „Св. Никола“ во Мариово, забележува: “Библиската и светоотечката семантика, колоритот на личниот духовен опит во конкретен простор и време, можностите на фигуративниот говор во творештвото и мислењето на македонскиот народ, го сочинуваат препознатливиот дискурс на епископот Климент. Очигледно е дека неговата автентична поетика, односот кон словото и словесноста, е негувана и совладувана низ сите скалила во потрагата по сопствениот духовен и народносен идентитет. Верувам дека повеќето од читателите нема да првпат да се сретнат со еден специфичен јазик, кој уште во самиот творечки чин бива помогнат од моќта на синергијата и комуникацијата. Но, јазикот на личноста која го вкусила неизговорливото во молитватa сепак е поинаков: тоа е јазик на собеседник, на соговорник, на личност која не пелтечи туку се обраќа стоејќи пред Лицето на Живиот Бог и пред лицето на ближниот. Тоа е јазик што е вешт не слаткоречиво да освојува - туку пастирски да ослободува, што не го потчинува соговорникот -туку му припаѓа, што не е затворен во оковите на индивидуалноста и херметичноста, што не е натоварен со ризикот на човекоугодничка мудрост. Несомнено, тоа е една од причините што дури и едно класично интервју за таквиот соговорник може да стане творечки предизвик... Во Фрагменти читаме ставови што нудат длабоко преживеана егзегеза на духовните состојби што ги искусува Македонецот на нашето време.“