Чествување на Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка (05.01.2009)
На Попова Шапка во манастирскиот комплекс посветен во чест и слава на светиот Наум Охридски – Чудотворец, во понеделникот на 05. 01 . 2009 лето Господово беше одбележан патронот на манастирот. Оваа година обилните снежни врнежи за поклониците и верните почитувачи на ликот и делото на големиот чудотворец не претставуваа никаква пречка, туку уште поголем предизвик за да ги освојат живописните и величенствени шарпланински врвови и да му се поклонат на својот светец во неговиот свет манастир на надморска височина од скоро 2000 м. Снежната покривка која достигнуваше отприлика 60 см и прекрасноро зимско сонце, тој ден го правеа посебен и навистина од Бога даруван преку застапништвото на големиот чудотворец за да ги зарадува и стопли срцата на своите верни чеда и се разбира да им донесе радост посебно на најмладите и сите љубители на зимските спортови.
По повод патрониот празник на манастирскиот комплекс „ Свети Наум Охридски – Чудотворец “, во манастирската црква, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение со свештениците од Тетовското архиерејско намесништво отслужи Света Божествена Архиерејска Литургија. На Светата литургија традиционално како и секоја година настапи реномираниот женски младински хор „Менада“ од Тетово, под диригентско раководство на Маестро проф. д – р Ивица Зориќ. На оваа Света Литургија заедно со големиот број верници, со своето молитвено обраќање кон Свети Наум, на големиот чудотворец достојна почит му оддаде и госпоѓата Наташа Јаневска, актуелната пратеничка во Собтанието на Република Македонија.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во своето обраќање до присутните верници, направи една ретпроспектива и го истакна епохалното значење на ликот и делото на Свети Наум Охридски – Чудотворец и меѓу другото рече:
„Светата Христова Црква не повикува на празничните денови да се собираме во светите Божји храмови за да се потсетиме на големите настани од времето на Спасителот Господ Исус Христос, преку големиот број чудеса кои што ги направиле неговите последователи, преку кои и светиот, вечно жив пред Бога, Наум Охридскиот Чудотворец во чија чест и слава е посветен овој наш манастирски бисер, овој свет Божји храм, и по кој повод еве и оваа година се собираме на заедничка молитва. Еве деценија и половина, а полека ќе се исполнат скоро две децении како традиционално, ако не повеќе, барем двапати во годината, секогаш се собираме за патронските чествување на манастирот. Со најголем пиетет, со најголема евангелска христијанска љубов се поклонуваме пред неговиот светол лик и го молиме вечно да се застапува за нашиот благороден христијански народ. Да се застапува за Господ да ни дарува мир на овие прекрасни шарпланински простори и на просторот на целата родна и мила татковина Република Македонија. Да му се молиме на Бога да ги послуша молитвите на Свети Наум и нашите молитви од ова свето место и од овој бел македонски небесен покрив да се развива Божјата благодат и да царува вистинското единство, вистинската евангелска љубов, вистинскиот мир меѓу целиот наш благороден македонски народ. Радоста да ни биде вечна!
Свети Наум и неговиот собрат Свети Климент најдостојно го продолжија големото епохално дело на рамноапостолните, солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј и го оплодотворија. Овие наши две блескави духовни личности биле, и остануваат засекогаш за нас да бидат, светлозрачни и светозарни ѕвезди деници кои цел еден милениум, а и ден денес не прават да бидеме горди и да зрачиме со достоинственост на нашите простори. Со богопросветеност и со евангелска љубов да торжествуваме во радостите заради победата на нашата национална и црковна правда. Свети Наум и Свети Климент се втемеливачите на нашата сеопшта средновековна ренесансна преобразба и инспиратори за остварување на крупни епохални дела. Свети Наум е основоположник и организатор на монаштвото во нашата татковина Р. Македонија. Тој на живите средепади од Охридското Езеро го изградил својот манастир, каде што се наоѓа и денес неговиот свет гроб и каде што почиваат неговите свети мошти. Неговите чуда се многубројни, колку што се бројни свездите на небото. Свети Наум подеднакво го почитуваат и ја бараат неговата молитвена закрила и христијаните и припадници на други вери.Тој со својата возвишена духовност и молитвеност, уште за време на овоземниот живот како и Свети Климент, бил почитуван како светител и чудотворец. Тој и денес е жив чудотворец. Сите што ја бараат искрено неговата молитвена закрила пред Бога, Свети Наум ги лекува од секакви духовни и телесни безнадежни болести и ги заштитува ослободувајќи ги од заробеништвото на нечестивиот.
Свети Наум бил вистински полиглота, знаел повеќе јазици, и земал посебно учество во преведувањето на Книгата на вечноста, Книгата на мудроста над мудростите, на Светото писмо заедно со Свети Климент. Нивно дело е формирањето и на првиот словенски универзитет во Охрид, низ кој поминале преку 3500 просветители и свештенослужители, и го сееле евангелското семе, евангелската наука не само на просторот од родна и мила Македонија, туку и во целиот словенски свет. Всушност на нив, на континуитетот, на тие огромни епохални дела што ги создадоа Солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј, Свети Климент и Свети Наум – Седмочислениците им го должиме и денешниот наш опстој и национален и државотворен и црковнодуховен на овие наши освештени македонски простори. Затоа Црквата не повикува да го следиме нивниот пример, да се вдахновуваме од нивните создадени епохални дела за да можеме и ние еден ден да го добиеме венецот на вечната слава. Да се оддолжиме достојно како што прилега и за што сме создадени од Бога. Преку добрите дела, да оставиме добри спомени за нашите идни поколенија и идниот македонски род и пород“.
Потоа во дворот на манастирскиот комплекс, на убавото зимско шарпланинско сонце Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил пред големиот број верници ja прочита молитвата за Нова Година и го изврши чинот на режење на кумскиот славски колач. Оваа година милостивиот Бог благослови, паричката преку која се наследува кумството да се најде во лепчето на госпоѓата Жана, претставничката од здружението „ Вешта жена “, во кое членуваат голем број вредни домаќинки од целата наша татковина Р. Македонија и кое се занимава исклучиво со реализиране на програми и цели од хуман карактер. Во рамките на овој свечен чин, а со цел што поскоро да се доврши со градбата на манастирскиот конак Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил свечено изјави дека манастирот „ Свети Наум Охридски – Чудотворец “ на Попова Шапка до средината на 2009 година од епархијата ќе добие финансиска помош во висина од 10 000 евра. А кон радосната вест на почитуваниот дедо Владика се приклучија и поголем број верници со свои парични даренија за истата цел.
И оваа година во организација на Манастирското Настојателство беше организиран превоз за сите верници кои не беа во можност сами да дојдат до манастирот, и за сите присутни на овој голем духовен собир, со помош на кумот г. Михајло Мишковски беше организирана посна трпеза на љубовта, за прв пат во манастирскиот конак.
ЈА КОРИСТАМ ОВАА ПРИЛИКА ВО ИМЕТО НА МАНАСТИРСКОТО НАСТОЈАТЕЛСТВО ДА ИЗРАЗАМ ЈАВНА БЛАГОДАРНОСТ ЗА ПОСРЕВЕНОТО ВНИМАНИЕ И ЉУБОВ, ЗА СРДЕЧНАТА СОРАБОТКА И ПОМОШ НА МАНАСТИРОТ СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ – ЧУДОТВОРЕЦ ОД СТРАНА НА НЕГОВОТО ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНСТВО МИТРОПОЛИТОТ ПОЛОШКО – КУМАНОВСКИ Г. КИРИЛ, АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ГОСПОЃАТА НАТАЃА ЈАНЕВСКА, АКТУЕЛНА ПРАТЕНИЧКА ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, А. Д ЕЛЕМ ОД СКОПЈЕ, ЗДРУЖЕНИЕТО ВЕШТА ЖЕНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНСКАТА ДИЈАСПОРА И ДО СИТЕ ВЕРНИ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА.
Подготвил:
свештеник Жарко Мицковски, професор