Прослава на празникот Рождество Христово – Божик во Гостивар (07.01.2009)
Во средата на 07. 01. 2009 лето Господово во катедралната црква Пресвета Богородица во Гостивар, беше прославен големиот христијански празник Рождество Христово – Божик.
По повод божикните празнувања во Гостивар, Света Божествена Архиерејска Литургија во катедралниот храм Пресвета Богородица како надлежен епархиски архиереј отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил, во сослужение со свештениците од Гостиварското архиерејско намесништво. Во текот на оваа Света Божествена Архиерејска Литургија од раката на Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во чин ѓакон, беше хиротонисан дипломираниот теолог и актуелен постдипломец г. Александар Стојановски од Гостивар. Со извршувањето на овој свечен чин на хиротонија во пониската свештена ерархија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил, кон свештениот строј на Гостиварското архиерејско намесништво причисли уште еден ангелогласен служител на олтарот Божји.
Исто така, како и секогаш досега Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил пред сите верници во преполнетиот катедрален храм во Гостивар го прочита божикното послание кое што Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква секоја година, редовно го упатува до своите верни чеда, на тој начин честитајќи и го големиот христијански празник Рождество Христово – Божик.
По завршувањето на Светата Божествена Архиерејска Литургија во дворот на црквата како и секоја година, крај преполнетата празнична трпеза на љубовта која гостиварци традиционално ја приредуваат за празнично почестување на големиот број верници, дедото Владика го изврши чинот на режење на кумските славски колачи.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко Кумановски г. Кирил при оваа божикна средба на својата возљубена паства од Гостиварското архиерејско намесништво и на сите верни чеда на Македонската православна црква им посака новородениот Богомладенец да им подари крепко здравје, мир и благослов Божји во новата Година и да се множи македонскиот благороден народ.
Подготвил:
свештеник Жарко Мицковски, професор