Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Собор на Пресвета Богородица (08.01.2009)

На 08.01.2009 год. на празникот на Соборот на Пресвета Богородица во соборниот храм на свети Никола во Куманово, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение на повеќе свештеници и ѓакони ослужи Света Архиерејска Божествена Литургија. На присутните христијани Митрополитот г. Кирил им се обрати и меѓу друго рече: „Денес се собравме во чест на Пресвета Богородица. Нека Господ помогне што почесто да се собираме и да сме побројни во светите Божји храмови за да ги слушнеме овие живоносни и животворни спасоносни евангелски пораки. Господ ни помогна еве трет ден по ред да ги исполнува нашите христијански благородни души и срца со радоста којашто доаѓа од големата спасоносна вечна светлина и радост Боговоплотувањето, раѓањето, слегувањето од Бога на Бога од небото на земјата примајќи ја човечката природа како Богочовек, пак ќе повторам сѐ заради спасение на човечкиот род. Достојно како што прилега према востановените убави источно-православни христијански обичаи и традиции, а обичаите и традициите се еден од камен темелниците за да може да ја сочуваме чистотата и убавината на нашата православна вера. Му се радувавме на празникот Бадник, се собравме во светите Божји храмови, а онаму каде што не се собираат, тоа треба да се практикува од причини што Бадникот подобава заедно со присуство на голем број искрени и чесни верници во светите Божји храмови да се изврши осветување на Бадникот, да се изврши осветување на бадниковите гранчиња преку поросување со светата водичка, преку помачкувањето на Бадникот со мед бидејќи пораката гласи така: „И го насади Господ дрвото на животот посреди рајот помеѓу реката Тигар и Еуфрат, каде што течеше мед и млеко“. Значи, празникот Бадник не е од вчера или од пред четириесет или педесет години, потекнува од поодамнешниве времиња, затоа не треба на се внесуваат забуни во однос на тие убави традиции и обичаи. Ами, Господ даде откако, велам, ги извршивме сите тие убави традиции и обичаи, да го дочекаме и најголемиот најрадосниот семеен христијански празник Рождеството на нашиот Спасител Господ Исус Христос - Божик. Благодарение на грижата на актуелната власт, вдахновени од Бога, ете и Бадник го имавме како празник којшто беше неработен, а и Божик, а ќе го имаме и празникот Водици. Но, празниците не се празни денови, празниците се исполнети со големи содржини, содржини што му даваат посебен вистински содржај и осмисла на нашето овоземно животно чекорење и вечното спасение во небесната Црква Христова. Затоа во празничните денови треба што побројно да се доаѓа во црква заедно со рожбите што Господ ви ги дарувал и истите да се воведуваат, да се упатуваат во убавините, во чистотата, во спасоносните убавини на нашата христијанска вера. Еве, Господ помогна пак - Парламентот и Владата донесоа закон да се изучува веронауката и со тоа ќе помогне да оформуваме вистински морални личности од нашите млади коишто ќе умеат како да се однесуваат кон верата, како да се држат према традициите, према обичаите. Го славиме Божик, ќе продолжиме и утре да го славиме во чест на страдањето на првомаченикот - светиот архиѓакон Стефан, а денес на посебен начин се собираме во светите Божји храмови за со најголема побожност, со најголема почит, со најголема синовска евангелска љубов, да се поклониме пред ангелскиот лик на нашата заедничка духовна Мајка - Пресвета Дева Марија, преку Која Господ допушти, преку Нејзината девствена благословена утроба, да се боговоплоти Спасителот Господ Исус Христос. Затоа и покрај тоа што на повеќе пати во текот на годината имаме посветено повеќе светодени во чест и слава на Света Мајка Богородица, и на денешниот ден на посебен начин молитвено си споменуваме за големото спасоносно епохално дело за човечкиот род, што е извршено преку Пресвета Мајка Богородица. Да го следиме примерот на Пресвета Богородица, да го следиме примерот на нашите свети борци - поборници за сочувување на нашата источна православна вера, се пораките што ни ги упатува Мајката Црква, со тие вечни и неменливи пораки сметаме дека ќе обезбедиме вечен опстој на нашиот благороден христијански македонски народ на нашата суверена македонска држава. Христос се роди и нека ни биде од Бога благословено среќно и бериќетно Новото 2009 лето Господово! Амин.

 

                        

 

                        

 

 Известува: прота Жико Тодоровски