Водокрст во Тетово (18.01.2009)
Во неделата на 18. 01. 2009 лето Господово во Тетово во црквата Пресвета Богородица, традиционално веќе со децении, беше прославен големиот христијански празник Водокрст, денот на крштевањето на Свети Јован Крстител. По тој повод во споменатата црква беше отслужена Света Божествена Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил како надлежен епархиски архиереј, а во сослужение на свештениците од Тетовското архиерејско намесништво. Воодушевувачки оваа година црквата Пресвета Богородица беше преполна од верници, а уште повеќе верници го исполнија црковниот двор чекајќи го со нетрпение Големиот Водосвет и фрлањето на Светиот Крст во црковниот базент.
Во своето обраќање кон возљубената патства по повод празникот Водокрст, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил меѓу другото рече:
„Возљубени во Господа Исуса Христа, се исполнуваат децении веќе, како се собираме на овој од Бога даруван светоден во овој свет божји храм. Во почетокот помалубројно, а од година во година, се побројно и побројно, за да можеме откако веќе зачекоруваме во новото од Бога благословено лето Господово, лета Господови кои што Господ ни ги дарува да ги нижеме на нашиот индивидуален овоземен животен гердан, се собираме и што повеке и повеке се трудиме тие прекрасни традиции и обичаи да ги втемелуваме во нашето ежедневно црковно - духовно живеење.
Порано не беше пракса тука да се излегува во црковниот двор и да се извршува Голем Водосвет и да се фрла Светиот Крст во базентот. Благодарение на штедриот дар на еден од ретките вистински чеда, благородни семејството Васоски, г. Мишко Васоски заедно со неговиот сега покоен татко, кои помилуваа, даруваа од нивниот семеен буџет за да биде изграден убавиот базент во кој еве заеднички ја споделуваме радоста по повод денот посветен во чест на крштевањето на Свети Јован Крстител. Свети Јоваан Крститрел живеел и го споил Стариот и Новиот завет. Живеел во тој период кога се родил од Пресвета Дева Богородица Спасителот Господ Исус Христос. Во времето кога Бог Отец Го испрати својот единороден Син, кој слегол на земјата за да го спаси човечкиот род. Свети Јован Крстил се крстил на денешен ден за да може да биде удостоен на утрешниот ден да го крсти Спасителот Господ Исус Христос и тогаш да се објави троичниот Бог. Бог Син, кој се крстил од Јован во струите на реката Јордан, Бог Свет Дух кој слегол врз Господ Исус Христос во вид ва гулаб и Бог Отец кој проговорил од небесата: „ Овој е мојот возљубен Син, кој е по Мојата волја“. На таков начин јасно ни се открила Света Троица едносушна и неразделна.
Господ да ни помогне пораките што се содржани во прочитаното Свето евангелие да се сложат во нашите благородни души и срца. Амин “.
Оваа година во ладните води на црковниот базент по Светиот Крст скокнаа младите и храбри тетовчани: Гоце Филков, Љубиша Јованоски и Драгиша Јовановски, кој како најсреќен од сите го фати Светиот Крст.
Сите верници беа видно воодушевени и понесени од празничната радост, а на најсреќниот од сите Драгиша Јовановски, дедото Владика му подари златно ланче со крст и како вистински духовен татко сите три момчиња ги благослови посакувајќи им здравје, среќа и светла иднина во животот.
По Големиот Водосвет и фрлањето на светиот крст во црковниот базент, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил ги прережа славските колачи принесени од страна на кумовите: Тони Јосифовски, Фролика Цветкоска, Борка Колеска, Јорда Србиноска, Олга Димитровска и Славица Стаменсковиќ. Потоа со паричка беа избрани и новите кумови: Андре Ристоски, Пепо Јованоски, Зоран Силјаноски, Марјан Јовановски и Верица Свртиноска.
На крајот за сите присутни верници беше приредена посна братска и сестринска трпеза на љубовта.
Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор