Панихида на гробот на Гоце Делчев (04.02.2009)
За 137-те години од раѓањето на Гоце Делчев, денеска на неговиот гроб, во црквата Свети Спас, Македонската Православна Црква одржа панихида, со која чиноначалствуваше Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Цвеќе положија делегации од Владата, од Собранието, од Кабинетот на Претседателот на РМ, АРМ, Сојузот на борците на Македонија, МАНУ, претставници на политички партии, здруженија и општини.
Во словото за покој на Гоце Делчев и неговите соборци, Митрополитот Кирил повика на единство и „градење мостови на разбирање и цврста соработка и пријателство со сите мирољубиви народи и земји“.
„Кога би бил тој во оваа наша епоха во која живееме, би ни порачал да го следиме нивниот саможртвен пример, би ни порачал да се оставиме од меѓусебните кавги... Би ни порачал само во силното единство, во љубовта и надежта, во нашето вековито опстоење треба да ја гледаме вечноста и да ја градиме за опстој на овие наши македонски простори, и како народ, и како суверена држава, и како црква“, рече Митрополитот Кирил.
Годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ја одбележаа и други општини во Македонија, како и установи што го носат неговото име. Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.
Известува: Калина Трпеска