Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Кавадарци (14.02.2009)

Празнувањето на споменот на светиот маченик Трифун на свечен начин беше прославен во Повардарската епархија со Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополит Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во црквата на свети Димитриј во Кавадарци.

На Светата Литургија со пригодна празнична беседа кон собраниот верен народ се обрати Митрополитот Агатангел кој во житието на светиот маченик Трифун ја потенцираше големата цврстина на верата на овој млад маченик, а со тоа на верниците им го посочи неговиот пример како треба верниците да го љубат и внимателно да се однесуваат кон верата православна. По завршувањето на Светата Литургија свештенослужителите заедно со Владиците во внатрешноста на храмот извршија мал Водосвет, а потоа се упатија во дворот од храмот кадешто го извршија и годинешното закројување на лозовиот насад. 

 

          

 

              

 

Беседа на Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј:

 

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!  

Драги браќа и сестри,

Денеска сме собрани во овој свет храм за да прославиме еден Божји угодник и свет човек, свети маченик Трифун. Се поставува прашање зошто ги славиме светителите Божји? Зборот светител означува човек кој во многу нешта се разликува од нас, обичните луѓе. Тој има посилна вера во Бога и надеж во Неговата помош, и љубов кон Бога и кон луѓето. Се разликува и по постапките и по начинот на својот живот и работа. Тој е човек којшто живеел на земјата со посебен живот, со Христов живот, кој своите зборови, мисли и дела ги мери со вагата на светото Евангелие. За таков пример се зборува во Светото писмо, кога светиот апостол Павле им пишувал послание на Галатјаните: Јас не живеам, туку во мене живее Христос (Гал. 2, 20). Светителите се сведоци Христови, кои со своите животи покажуваат како може да се доживее Христовата вистина. Тие се луѓе од крв и месо. Со својот живот покажале колку Христос е вистинољубив и правдољубив. Еден поет, пеејќи за ликот на светителите, вели дека тие се огледало Христово. Со тоа сака да истакне дека преку животот на светителите се гледа Христовата личност. Многу од светителите радосно ги поднесувале гонењата, мачењата, се предавале на смрт давајќи го своето земно тело за спасението на душата. Со земно богатство купувале небесно царство.

Знаеме дека месечината добива светлост од сонцето и со таа светлина ја осветлува земјата и други небесни тела во ноќта. Но Христос е Сонцето на правдата, извор на духовната светлина. Со својот богоугоден, честит и праведен живот светителите ја впиваат во себе таа Христова светлина и ја пренесуваат на сите верни луѓе.

Еден спортист, за да постане врвен во својата спортска област, потребно е да го следи својот тренер, да ги слуша неговите совети и упатства. Но, и покрај тоа треба да вложи многу труд и да излие многу пот со своите телесни вежби. Во негувањето на нашите срца и души за духовно и морално усовршување, исто така, е потребно многу труд, вежбање и угледување на својот тренер, кој во овој случај се секој Божји угодник и светител.

Во денешно време се чувствува голем недостаток на благородни и честити луѓе. Да би постанале похумани и почувствителни, луѓето треба да се угледаат на духовните тренери, на нашите светители, како што вели свети апостол Павле: Ве молам угелдајте се на мене, како јас на Христа (1 Кор. 4, 26). Со други зборови, угледајте се на мене, на мојот живот во Христа, на мојата вера, надеж и љубов кон Христа.

Токму таков бил и свети маченик Трифун, кој се угледал на Христа и сѐ презрел од љубов кон Господа и кон светата православна вера и црква. Поради неговата вера и чесниот живот, и покрај тоа што бил прост чувар на гуски, уште за време на земниот живот биле обдарени од Бога да лекува и стока и луѓе. Во неговото житие се вели дека римскиот император Гордијан имал болна ќерка, по има Гордија, која била скрената од умот. Но лошиот дух проговорил преку нејзината уста дека никој не можел да го истера од оваа несреќно младо суштество, освен Трифун. По царска наредба биле донесени сите можни луѓе, што се викале Трифун, па и младиот чувар на гуски кој ја излекол. Царот во знак на благодарност за излекувањето на неговата сакана ќерка го дарувал со големи богатства. Но Трифун, враќајќи се кон својата должност на чување на несловесните животни, го раздал целокупниот имот на уште поголеми сиромаси од него и продолжил да живее како вистински угодник Божји. Кога дошол богоборниот император Декиј, Трифун бил подложен на страшни тортури, мачења и страдања, а тој пак се молел со овие зборови: „О, кога би можел да се удостојам со оган и маки да завршам за името на Исуса Христа, мојот Бог“. После долгите страдања и маки Бог дозволил свети Трифун да го заврши маченички својот живот, со отсекување со меч во 250 година.

Свети апостол Павле не упатува преку своите посланија да се угледаме на него сите ние кои сме паднати во верата, бидејќи вели: и јас паѓав, но Господ со својата благодат ме подига и вас ќе ве подигне. Денеска прославувајќи го овој свет маченик Трифун нека ни биде тој како духовен репер, да се угледаме на неговиот свет и благодетен живот. Пред сѐ, најпрво да се покаеме, да се преобразиме, да се обожиме и да го исповедаме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, со вистинска вера но уште повеќе и со добри дела, за да го добиеме ветеното царство што Господ го приготвил за секоја христијанска душа која го исповеда и живее според законите и прописите на светата Православна црква. По молитвите на свети Трифун Бог нека ги услиша нашите молитви и нека ја благослови секоја христијанска душа, па и на нас, кои се наоѓаме во овој свет храм, во оваа околија и во цела Македонија. Амин!  

 

 

Извор: Повардарска епархија