Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Служба во чест на свети Партениј Лампсакиски во Бигорскиот манастир (22.02.2009)

Јас сум добриот Пастир.
Добриот пастир си ја полага душата своја за овците;
Јас сум добриот Пастир и ги знам Моите,
и Моите Ме знаат Мене...

 

Што е поскапоцено од спасението на човековата душа која е слика на бесмртниот Бог?

Токму ова било најважното дело во трудот на Христовите Апостоли за спасението на човечкиоте души. Исполнувајќи ја својата мисија, како верни следбеници на Добриот Пастир - Господ Исус Христос, и имајќи Го за пример Самиот Спасител, апостолите дале една вистинска слика за тоа каков треба да биде духовниот пастир. Сиот труд на духовниот татко е токму во спасението на човечките души кои искупени преку Крвта на Синот Божји и закрилувани од големата татковска љубов и грижа на својот духовен отец, слободно и со восклик, секогаш би можеле да запеат како псалмопевецот Давид: „Господ е пастир мој и ништо нема да ми недостасува...”

Токму на денот посветен свети Партениј Лампсакиски, во Бигорскиот манастир се собраа многубројните духовни чеда за да го одбележат и да му го честитаат именденот на својот духовен отец, игуменот на Бигорската обител, архимандрит Партениј. Во повеќе наврати, благословувајќи ги и заблагодарувајќи им се на своите духовни чеда за нивната голема љубов, о. Партениј им се обрати, велејќи, дека нивната љубов секогаш ќе го поттикнува во трудот како духовен пастир да им помага и да ги води на патот на спасението; токму тоа е неговата желба: како духовен пастир да гледа како Бог живее во нивните срца, а тие растат во љубовта кон Бог.

По завршувањето на вечерната служба, кога во една пригода, во чест на именденот, о. Партениј доби како подарок, една едноставна, но необична книга, изработена од група духовни чеда од Скопје, кои преку слики и сопствени зборови ја изразија својата љубов и голема благодарност кон својот духовен татко, о. Партениј, длабоко трогнат, им се обрати, со зборовите: „Овој подарок ќе биде за мене како ковчег на завет кој ќе ме потсетува каков духовник треба да бидам.”

Утредента, на самиот празник, во присуство на многубројни верници и духовни чеда, беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Мирополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г.г. Тимотеј, во сослужение на игуменот и братството на Бигорскиот манастир.

По Божествената Литургија, една многубројна група духовни чеда од Охрид, врачувајќи му го својот подарок на о. Партениј, прочитаа едно пригодно писмо со кое обраќајќ се кон својот духовен отец, ја опишаа својата благодарност, искрена љубов и голема почит поради неговата долгогодишна пожртвуваност и татковска љубов, благодарејќи Му на Бог што се удостоиле да имаат таков духовен татко.

По молитвите на свети Партениј Лампсакиски, Господ Бог да го укрепува и да му дава сила на нашиот старец за уште поголеми духовни подвизи во неговата пожртвуваност и љубов кон своите духовни чеда.

На многаја лета!