Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Преждеосвештена Литургија во Куманово (07.03.2009)

На 04.03.2009 година во првата среда од Великиот пост, Епархискиот Архијереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во соборниот храм на свети Никола во Куманово ја ослужи првата Преждеосвештена Божествена Литургија. Традиционално, секоја година во првата среда од Големиот пост, свештенството од Кумановско, Кривопаланечко и Кратовското намесништво, во Куманово пристапуваат кон Светата Тајна Исповед. Зборувајќи за претстојниот пост, Митрополитот Кирил, меѓу другото, рече: „Простим всја согрешенија друг друга. Да си ги простиме секаквите волни и неволни, направени со знаење, со помисла или со дело, прегрешенија. Се наоѓаме, драги браќа и сестри во Господ, во првата недела од Велигденскиот пост. Денес, Господ нè удостои да ја ослуживме и првата Преждеосвештена Литургија. Ја примивме, ние служителите, и светата спасоносна причесна. На овој ден, традиционално веќе со децении, македонското свештенство и монаштво од Богомдарованата ни Епархија, од намесништвата Кумановско, Кривопаланечко и Кратовско, ја извршуваме Светата Тајна Исповест. Си подаваме рака, си проштеваме, братски се прегрнуваме. Упатувам најискрени архипастирски родителски пораки до сите верни чеда на нашава Света Црква, во текот на овој голем спасоносен Велигденски пост да си се измират со сите свои најмили и најблиски, со сите со кои се среќаваат во ежедневието и да се потрудат да пристапат кон светата спасоносна Причест заедно со рожбите коишто Господ им ги дарувал, вклучително и на самиот празничен ден, на празникот на празниците - Светото Христово Воскресение - Велигден, за да примат Причест за нивно целосно и духовно здравје и спасение. Според учењето на нашата Света Христова Православна Црква, Велигденскиот пост нѐ насочува на целосно покајание за сите прегрешенија коишто сме ги направиле. Верата во Словото и во славното Христово Воскресение е камен темелникот, фундаментот на нашето спасение на христијанството. Светиот апостол Павле ни порачува: Ако Христос не воскреснеше залудна ќе беше нашата вера, залудна ќе беше и нашата проповед. Ако, пак, Христос воскресна и сите ние еден ден ќе воскреснеме за вечен преобразен духовен живот. Телесниот пост е неразделен и неразделно поврзан од духовниот пост. Постот не може да биде вистински, ако не е пропратен со покајание, смирение, трпение, со голема љубов и милост кон сите луѓе. Митрополитот се повика на американското списание ,,Њу Сајтинкс“ во кое се вели: човекот е програмиран, што ќе рече човекот е предодреден од Бог да верува во Господ. Во овој натпис посебно се нагласува дека студиите покажуваат дека како што старееме повеќе се концентрираме на моралните димензии на верувањето. Еминентните научници тврдат дека религијата е дел од човековата природа и нашиот мозок е определен, програмиран да верува во Господ. Кај малите дечиња, пак, се вели: уште на возраст седум или осум години веруваат дека карпите, реките и птиците се создадени и се со определена цел од Бог. Научниците преку оваа студија ни порачуваат и веруваат и објаснуваат дека кога сме во тешка ситуација, во кризи, луѓето многу повеќе се вртат кон религијата и веруваат во Божјите вистини, во Божјата моќ и сила. Да Му благодариме на Бог за ваквите своевидни научни откровенија за нашето спознавање за Бог, со цел уште посилно да живееме со Бог и со Неговата спасоносна вечна правда и вистина. На здравје и спасение нека ни биде ослужената Света Божествена Литургија, за со духовно молитвено расположение да го поминеме Велигденскиот пост и да си го дочекаме празникот на празниците Светлото Христово Воскресение - Велигден.

 

            

 

           

 


известува: прота Жико Тодоровски