Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Бдение во чест на свети Григориј Палама (15.03.2009)

„Откако умртви секое сладострастие на телото пропадливо, Премудри, со пост си ги оживеал движењата на твојата душа и неа си ја покажал како божествен орган на Божјата наука.” (Канон на светителот) 

Овој син на божествената и незаодна светлина, светиот Григориј Палама, навистина вистински Божји човек и чудесен слуга, служител на божествените тајни, од најрана младост предавајќи се на најстроги подвизи, пост и истрајна молитва, успеа да ги победи демонските напади и стана избран сад на даровите на Духот Божји. Затоа Божјата Црква неслучајно ја посветила втората недела од Светиот пост токму на овој голем подвижник и чудотворец, кој немилосрдно борејќи се со своите страсти и воздржувајќи се од секакво угодување на телото, за својот труд беше награден од Бог и беше избран за сад на благодатта, заштитник на верата и проповедник на божествената светлина. Преку неговиот светол пример Црквата како мајка нѐ советува да го прегрнеме светиот пост, да се учиме на воздржание, да стремиме кон добри дела, бидејќи секој наш дури и најмал труд ќе биде награден од Господ и ние ќе се удостоиме за најголемиот дар - да Го видиме Христа во нашето срце.

Токму за ова зборува и Евангелието од првата недела на постот. Зборувајќи му за Христос на својот пријател Натанаил, апостол Филип со многу едноставни зборови му ја соопштува радосната вест на овој вистински Израилец во кого нема лукавство и кој искрено го барал Бог. А на прашањето од Натанаил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“, тој без никакво објаснување едноставно вели: „Дојди и види!“ Ти само дојди и види и Неговото присуство ќе ти докаже сѐ. Јас не можам да ти одговорам на твоите прашања, но самото Негово присуство е одговор на кој ти не можеш да се противиш. Така и денес Светата Црква им вели на своите чеда, повикувајќи ги со мајчински глас: Дојдете и видете! Видете ги делата Господови. Доволно е само доброволно да пристапите и Господ ќе ви ја открие вистината во вашите срца, зашто вистината е само во Бог.

А веќе следната недела, нам ни се открива значењето на верата преку Евангелието за исцеление на фатениот. Неговите ближни имале толку силна вера дека Господ ќе го исцели болниот и на секаков начин се обидувале да стигнат до Бог, што најпосле го урнале и покривот на куќата за да преку него да го внесат фатениот, а Господ гледајќи ја нивната силна вера, веднаш го исцели болниот.

Со вакви поуки, игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј, на почетокот на бдението ги вдахнови многубројните верници кои пристигнаа во манастирот на свети Георгиј, отворајќи им ги срцата за духовно созерцание и сеноќна молитва во чест на светиот Григориј Палама, „устата на богословите и дом на премудроста, духониот океан во кој се меша дејствителното и созерцателното...“ Ваквите прекрасни стихови испеани низ торжествени византиски напеви од страна на византискиот хор „Св. Јован Хармосин” од Скопје, како и од неколку ученици од Средното Богословско училиште, уште повеќе ја зголеми молитвеноста на овој свештен собор собран и обединет околу Христос, каде на таинствен начин беше присутен и самиот Светител излевајќи огромна благодат над присутните верници. Пеејќи антифоно, овие ревносни псалти наликуваа на ангелски хор кој непрестајно Му пее на Бог.

А на самиот празник славата ја збогати и пристигнувањето на двајцата Архиереи, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со Светата Божествена Литургија и Митрополитот Струмички г. Наум.

Зборувајќи во својата беседа по Литургијата, Митрополитот Тимотеј уште еднаш го нагласи значењето на Светиот пост во борбата на Црквата да ги излекува своите деца од духовните и телесните болести: „Токму Великиот пост е временски период кога Светата Црква од нас бара преку покајание и исповедание да се поправиме и да се излекуваме од духовната болест, како што светите Отци го нарекуваат гревот. Најголемиот непријател на човечкиот род преку гревот внесува во душите на луѓето немир, растројство и парализа, непрестајно ја отапува острицата на нашата совест. Тој создава недоверба и омраза меѓу луѓето, кавги и војни помеѓу народите и државите... Затоа, Светата Црква со своето големо духовно искуство, најтопло ни ги препорачува постот, молитвата, помошта Божја и благодатта на Светиот Дух што ја добиваме преку Светите Тајни, а посебно искреното и солзно покајание за своите гревови и Светата Тајна - Причест со Крвата и Телото Христови.”

По молитвите на свети Григориј Палама, Господ да ги услиши нашите молитви и да ни подари сила и ревност за со најголемо воздржание да го поминеме Светиот пост и заради нашиот мал труд и подвиг да нѐ удостои да се очистиме од гревовите и да Го сретнеме Бог во нашите срца и на крајот од постот да воскреснеме заедно со Него радосно прославувајќи ја Светата Пасха.

 

        

 

                             

 

                 

 

                              

 

                               

 

                                                     

 

                               

 

          

 

                                

 

                                

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица