Помисли (27.03.2009)
Измина оваа долга и исполнета седмица на кампањи и ни се случија изборите, мирни и достоинствени, демократски, па нека види сега Европа да најде друг изговор за нашата незрелост. Некој среќен, некој тажен од кандидатите, но се случи. Можеби сега треба да се зафатам со оваа тема или барем да почнам со упатување честитки кон сите победници без разлика од која било партија и да се, зашто каква и да е, секоја власт ни е од Бога, а ние со нашата слобода за расудување си ја избираме. Но, за арното да се зборува секогаш има време и да се честита, бидејќи власта ќе ни биде тука, зборувам за оваа новоизбраната. А во оваа пригода би проговорил за немилите настани од претходната недела како ужасно актуелни и многу опасни за општеството, двата случаја на убиство и самоубиство во Скопје и во Охрид. Верувам, овие немили и страшни настани никого од нас не оставија рамнодушен. Не е чудно ако многумина од нас со грижа на совест се прашаа да не сум јас следниот. Не дај Боже, но некого овие можеби и мотивираа да направи таков чекор, зашто ете тоа „не било ништо тешко“.
Два дена минатата недела едно по друго. Слушнавме за речиси идентичен крај на љубовна врска со убиство и веднаш по него самоубиство на самото место. Два настана со ист епилог, но различни приказни и место на одвивање. Едното, посесивна љубов која едната личност ја „задушувала“ и барала спас од тоа во прекинот на врската, а другата веќе нешто сосема, другото нешто за што допрва ќе кружат гласини. Овие два случаја ќе ни останат запаметени зашто се случија речиси истовремено, но има уште мал милион вакви и слични животни приказни. Не само кај нас, и во нашето блиско опкружување, има онаму каде што сметаат дека човекоцентричното општество е блиску до „совршено“, во местата каде што според светската статистика има најубаво општествено уредување, Шведска, Швајцарија, Австралија, каде што патем статистички имаме најголем број на самоубиства.
Но имаме и случаи на самоубиства, но и масовни убиства во исти ден за во Германија и Америка извршени над сосема невино неселение бидејќи некој се чувствувал инфериорно во општеството, па ете си нашол начин како да ја докаже машкост со тоа што ќе се освети на сите свои врсници од училиштето. Славата си е слава, па макар била таа и постхумна. Затоа за секој случај убиецот си остава своја слика и опис на идеите за масакрот, што од друга страна потврдува дека не е момент на реакција тоа што го сторил, туку дека се подготвувал со денови, месеци и години. Особено често ќе слушнеме и за самоубијци кои се жртвуваат за верата, а кои со себе ќе понесат уште најмалку десетина и стотина невини животи. Значи, некој од интерес, некој од завист, некој од очај, некој од суета, некој од стравот да се соочи со суровоста на животот, некој од вера, некој од невера, некој од нервно растројство, но луѓе убиваат луѓе или се самоубиваат. Се случува секаде на Земјината топка. И кај сиромашните и кај богатите, и кај оние недомократските и кај демократските општества ние слушаме за нив и се вознемируваме, се жалостиме, се чудиме што му се случи на светот и што е причината што често се случува сево ова.
Ќе водиме дебати, ќе вршиме анализи заради ова и она, одваму и оттаму, а насекаде од секаде луѓе снемува, а принуден сум да најдам најмал заеднички содржител што би рекле во математиката. Подивело човештвото што се стреми кон совршенство без Бог? Држи, но не објаснува се'. Па стојам на констатацијата дека тоа што најпрво внатрешно убива е вишокот слободно време, а секако во однос на тоа што оди некако неразделно со него, а тоа е отвореноста кон помислите. Бидејќи при вишокот слободно време природно е да вриеме од помисли. Но, ако не знаеме како да се затвориме за нив или да ги отфрлиме или барем да парираме со добра мисла, тие сѐ подлабоко ќе продираат во нас. За да ни стане појасно како тоа влијае и како доаѓаме до состојба на заробеност од помисла или опседнатост, би се обидел да дадам опис на пристапот кон помислата со јазикот на аскетскиот љубовен подвиг во црквата. Исповедаме дека грешиме со збор, дело и помисла. Со збор знаеме дека грешиме кога ќе кажеме некој недоличен збор или збор што го повредува нашиот ближен, за дело, пак, сметам дека нема потреба да се кажува кога грешиме, а сите тоа сме го искусиле бидејќи не верувам дека до толку заспала совеста во нас за да не знаеме што е грев со дело. Но кога, и како грешиме со помислата?
Помислата секогаш доаѓа од страна, како предлог да направиме нешто што знаеме дека е погрешно. Природно кај нас, во прв момент се јавува противање на тоа и обид да се отфрли таа помисла. Но, како ние ја отфрламе, таа ни се враќа со посилен интензитет и притиска сѐ повеќе и повеќе до оној степен кога немоќни ќе поведеме разговор со таа помисла и внатрешно во себе ќе почнеме да си поставуваме милиони прашања, што ако го направам тоа и што ако не го направам. И почнува мерењето што е штетно, а што е добро од тоа ако го реализираме, а што е добро или лошо ако не го направиме. Сѐ уште во овој степен на развивање на помислата не станува збор за грев со помисла, бидејќи теоретски сѐ уште постои можноста да се отфрли помислата, но ретко кога ќе успее човек според паднатата природа да куртули од ова, па пореално е да се очекува дека ќе одиме во следната фаза која се нарекува давање согласност и паѓање во грев со помисла. Тоа е тој клучен момент. И сега, кога веќе сме дале согласност само бараме начин како да ја реализираме оваа наша помисла, па да ја претвориме во грев направен со збор или со дело. Додека трае овој период за реализација, помислата сѐ повеќе притиска до ниво на опседнатост од неа, и ни го уништува внатрешниот мир. Па, зарем пиштолот случајно ли ќе се најде во човечки раце, видеозаписот на интернет за убијците како се подготвуваат за настанот повторно ли се случајни, ритуалот пред фанатичното самоубиство и тој ли е случаен, ако сакаме да објасниме дека тоа е момент на слабост што ќе го направиме, треба да знаеме дека моментот на слабост се случил многу порано во душата, срцето, разумот под притисок на помислата. Лек?
Се вели пред да направиш нешто изброј барем до три, и навистина веќе имаме послаб интензитет на реакција ако ги послушаме овие зборови и ги спроведеме. Но, ако пак едно обично броење има таква сила на чистење на енергијата во умот, колку ли поголемо чистење на лошите помисли или наречени од овој свет негативна енергија би имала молитвата Исусова, Господи Исусе Христе помилуј ме, ако пред реакција на што било ја кажеме неколку пати. Може чудотворно да влијае на нашата одлука и во последната фаза од борбата со помислата, па колку повеќе и постојано ја практикуваме би се затвориле од почеток кога помислата е само еден предлог однадвор.Сепак, на нас останува како и со изборите, да расудиме навремено што е подобро, да се потрудиме да се заштитиме од штетноста на помислата, или да седиме и да ги жалиме убиените, да ги осудуваме убијците и самоубијците и да чекаме да нѐ одмине нас таквата помисла. Но, ако сега ја знаеме причината, полесно ќе се бориме, нели?
Митрополит Европски Пимен
Извор: весник „Дневник“