Параноја (31.03.2009)
Колку повеќе не трупаат со кодошлаци, нас ќе не' фати се'поголема параноја дека сите ја бараат нашата„глава“ па ќе тонеме и тонеме се' подлабоко во скривницата што сами си ја копаме во душата, а паранојата ќе стане наш верен другар, со која секако ќе пропаднеме
Деновиве повторно заминав на патување низ Епархијата, заминав и некако веднаш ме зафати носталгија. Но, не носталгија за мојот роден крај или земја, но за оние безгрижни детски денови кога слушавме од повозрасните другари што не' очекува во наредната школска година, колку е добар или лош некој професор. И додека така размислував за тоа како се плашевме од професорите и каква слика си правевме за нив, се досетив дека тоа е еден одличен пример преку кој може да се објасни нашиот однос со Бог и нашата претстава за него. Верувам дека, ако не сите, барем многумина од нас се нашле во таа ситуација, кога поради тоа што сме слушнале или ни кажале дека некој професор е строг и лош, бевме исполнети со страв дека ќе бидеме казнети од него или лошо оценети, па со него сме граделе еден робовски однос. Сме ги посетувале часовите, сме биле послушни и примерни поради тој страв, бидејќи се плашевме од казната.
Подоцна, сме воочиле дека во многу случаи или ни била дадена погрешна слика за професорот или, пак, сме почувствувале дека со добрите ученици е добар и благ, а со лошите строг, или пак сме виделе дека професорот не е строг онолку колку што наставниот предмет бара повеќе труд од нас, но како и да е, со текот на времето нашиот однос кон него се изменил и согласно наведените причини незабележително преминал во еден друг вид, во наемнички. Сме почнале да учиме не од стравот, но од желба да имаме што подобра оценка и за да уживаме во поголема милост од него. Па така, сме забележале дека стравот исчезнал.
Во текот на школската година се случувало и до толку да го засакаме предметот или наставникот, па веќе ни станало и сеедно која оценка ќе ја имаме бидејќи од гледањето на оние пароли над таблата (барем во наше време беа задолжителен декор низ училниците) меѓу кои и онаа, не учиме за оценки, учиме за знаење, па така ја усвоивме и ја применивме во животот, а денес сме му благодарни на строгиот професор, кој во почеток изгледал толку сурово, но денес имаме солидни познавања од неговиот предмет или можеби тоа станало веќе и основа на нашата идна определба во животот и определување на професија.
Така е и со Бог, го замислуваме најпрвин како строг и осветољубив, па за да не бидеме казнети уште за време на животот почнуваме да веруваме во Него и држиме до евангелските животни правила во духовниот раст, а патем во ваква насока функционирал Стариот завет. Старите Израилци од страв ја почитувале верата во Едниот Бог бидејќи често биле казнувани во истиот момент кога ќе направеле престап, пред очиглед на другите луѓе и народи.
Но, набрзо стекнуваме доверба во Бог и се ослободуваме од стравот, па го почнуваме тој наемнички бизнис-однос со Него кога почнуваме да се трудиме во верата, но со одредени барања и очекувања за возврат како здравје, успех, долг среќен живот за нас и ближните. Па, нели и израилскиот народ го правел истото, тие биле горди на тоа дека се избран Божји народ заради исповедувањето на монотеистичката вера, но заради тоа што ја живеат и чуваат верата во Едниот Бог секогаш сметале дека треба да бидат во Неговата милост и секогаш да добиваат повеќе од другите народи.
А кога се исполни Стариот завет и кога на земјата дојде и поживеа меѓу нас луѓето Христос Синот Божји, и ни даде заповед да се љубиме еден со друг и Него да го љубиме, нашиот страв и интерес премина во еден љубовен синовски однос. Го љубиме Бог и не ни се важни нашите минливи задоволства и награди, туку го љубиме бидејќи ни е убаво да бидеме со Него, го љубиме и ќе го љубиме дури и ако го доживееме она што човечки перцепирано сметаме дека е најстрашно, бидејќи сме дошле до таа фаза кога односот со Него не ни е базиран на барање само место во Царството Божјо /некои ќе го читаат, рај/ како награда за претрпеното во овој земен живот, туку како личносен копнеж за единство со Него, и како желба за наше осветување и обожавање.
Читајќи го Стариот завет по гревопадот, велиме дека Бог најпрвин бил суров и казнувал, а потоа ни возвраќал и наградувал, а за на крај, или за почетокот на нашето спасение со Новиот завет да не' љуби како свои синови, во Христа браќа со благодатта на Духот Свети. Но дали Бог се менувал? Секако не! Сме се промениле ние, нашата свест и поради тоа се промениле и односите. Бог така ги востановил овие три вида на однос со Него, а тие функционираат така илјадници години. Но Бог е совршен и како таков знае се', па нема потреба да ги нарушува овие односи и да гради други погрешни, онака како што тоа знаеме да го правиме ние, луѓето.
Ние како луѓе склони кон порозноста и страстите за кои пишував, имаме потреба, освен од покорни и послушни луѓе кои не љубат или поточно сакаат од интерес, особено кога сме на „тронот“, да имаме и полтрони кои ќе ни ги чешкаат ушите со убави и ласкави зборови што сакаме да ги слушнеме, но и кодоши (не велам шпиони оти тоа во одредена ситуација е доблесна функција) кои ќе ни дојавуваат кој е за, а кој против нас, за да би можеле навремено да се „решиме“ од тие евентуални противници и, на крај, клеветници кои измислуваат лаги за другите само за да бидат тие другите во споредба со нас, никакви.
Но, споменав дека Царството Божјо веќе дојде со благовеста на Христа, се пројавува на секоја литургија на која со Него се причестуваме и ќе трае во неговото есхатолошко исполнување и никогаш не ќе има крај, а секое друго владеење кое дошло до тој степен да зависи не од овие проверени личносни односи, туку од оние погоре наброените категории, не ќе опстои многу долго. Ако не ми верувате мене, верувајте и' на историјата, која е полна со вакви примери. Едноставно е објаснувањето.Ако се оградиме со полтроните тие ќе си ја постигнат целта со гребење и ќе си го добијат личниот интерес, а ние ќе го изгубиме контактот со реалноста, со базата, па ќе се претвориме во една обична институција, т.е. објект, а не личност.
Кодошите ќе ни пласираат можеби и изворно нешто, но без објаснување на околностите и честопати извадено од контекст, а добронамерните критики поради нивната скроена приказна ќе бидат лошо протолкувани од наша страна, па ние поради полтроните и изгубениот контакт со базата не ќе можеме да ја провериме информацијата и ќе „летаат“ непотребно глави, обично на оние кои искрено не' сакаат. И колку повеќе не' трупаат со такви кодошлаци, нас ќе не' фати се' поголема параноја дека сите ја бараат нашата „глава“, па ќе тонеме и тонеме се' подлабоко во скривницата што сами си ја копаме во душата, а паранојата ќе стане наш верен другар, со која секако ќе пропаднеме!
Клеветниците со тоа што ќе пласираат лаги за другите се' повеќе ќе го спуштаат нашиот морал, бидејќи колку искодошените полошо изгледаат во очите на народот, толку за нас ќе биде доволна, за жал, само нијанса дека сме подобри од нив и другите.И на крај, кога овие наброениве што не' опкружиле ќе си ги исполнат интересите во макијавелистички стил, ние ќе се прашуваме: добро, каде згрешив. А одговорот е толку едноставен, тоа затоа што не сакаш да употребиш проверен рецепт од Бог и историјата.
Митрополит Европски Пимен
Извор: Весник „Дневник“