Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Благовештение на Пресвета Богородица во Тетово во знакот на јубилејни чествувања (07.04.2009)

Во вторникот на 07 април 2009 лето Господово во Тетово торжествено и со молитвени слаткопенија беше чествуван големиот христијански празник Благовештение на Пресвета Богородица. Во катедралниот храм „ Св.Св. Кирил и Методиј „ беше отслужена Света божествена архиерејска Литургија на Свети Јован Златоуст, на која чиноначалстуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение со свештеници од тетовското Архиерејско намесништво. Ова чествување на Свето Благовештение на одреден начин доби и јубилеен карактер, бидејќи на овој ден пред 45 години, во манастирот „ Света Пречиста “ кај Кичево Митрополитот г. Кирил бил хиротонисан во ероѓаконски чин од раката на блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Доситеј, возобновителот на древната и славна Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

И покрај тоа што денот беше работен, голем број тетовчани го посетија катедралниот храм на Двабреста и и принесоа молитви на Мајката Божја. Некои од нив само на кратко го напуштиле работното место колку да запалат свеќи за здравје.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во своето обраќање кон присутните верници ја произнесе следната празнична  проповед:

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух !  

 

Драги браќа и сестри во Господа Исуса Христа, мили дечиња и младинци, денес ние православните христијани го чествуваме празникот Благовештение на Пресвета Богородица, посветен во спомен на објавувањето на радосната вест на нашата заедничка  духовна Мајка Пресвета Богородица од страна на светиот архангел Гавриил, дека преку нејзината девствена утроба ќе се вооплоти Спасителот Господ Исус Христос. Имајќи ја Божјата милост еве не денес собрани во прегратките на овој катедрален свет Божји храм, за да можеме да испросиме Божји благослов за добро душевно и телесно здравје за себе, за своите роднини, блиски и пријатели, за целиот наш богољубив благороден христијански народ. Мир и благосостојба да царува преку молитвената закрила на Пресветата Мајка Богородица, бидејќи во нејзина чест и слава е посветен овој празничен ден. Мир и благосостојба  да царува на просторот од овој наш убав град и населените места и на просторот од родна и мила татковина Република Македонија. Мир и благосостојба да царува особено сега откако Господ ни помогна, не вдахна, не вразуми, мирно без некои сотресенија, во поредок, во демократска атмосвера да се завршат претседателските и локалните избори во Татковината. Да се надеваме дека искажаните пораки од страна на оние кои што веќе Господ ги воздигна на најголемиот пиедестал да раководат и да ја креираат политиката на просторот од родна и мила суверена Македонија ќе ги исполнат заветните пораки кои што ни ги упатуваа за време на предизборниот период и  откако веќе беа избрани да се најдат на челните места.

Денес благочестиви браќа и сестри по повод денешниот празничен ден ги слушнавме пораките содржани во Светото еванглие. Најнапред сакам да Ве замолам, а воедно и да Ви порачам, а повозрасните таа порака да ја пренесуваат на помладите, да ги посетуваме редовно светите Божји храмови и да се крстиме правилно онака како што ни порачува Светата Божја Црква. За жал некои  наши благочестиви верници незнаат како треба да се прекрстат правилно, односно онака како што би требало да се прекрстат. Јас би сакал при оваа прилика да се потсетиме на тоа како треба правилно да се прекрстиме ние православните христијани. Значи, се крстиме на следниот начин:  ги ставаме трите прста палецот, показалецот и главниот прст еден до друг, а двата помале крајни прста ги свиткуваме и ја ставаме раката на челото и велиме : „ Во името на Отецот “, кај градите „ и Синот “ во зглобката на десната рака велиме „ и Светиот Дух “ и во зглобката од левата рака велиме „ Амин “. Бидејќи ние веруваме во еден Бог  во три лица, Бог Отец и Бог Син и Бог Дух Свети кој што се оживотворува.

Денес е голем ден за христијаните на планетата земја. Денес е ден кога се случил еден од најзначајните настани од евангелската историја. Во Светото евангелие според евангелистот Лука пишува дека  во Галилеја, во градот Назарет, Пресвета Мајка Богородица заштитена во домот на праведниот старец Јосиф читајќи го Светото писмо на кое што му била целосно молитвено посветена дошла до оној текст во книгата на светиот пророк Исаија  каде што пишува „ Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил “ . Се разбира дека овие зборови ја навеле на длабоко размислување Пресвета Богородица,  како е можно тоа девојка да зачне. Но во Евангелието се вели дека токму во тој момент и се јавил светиот архангел Гавриил и и рекол : „ Радувај се, благодатна! Господ е со тебе ! Благословена си ти меѓу жените !  И понатака светиот евангелист вели: А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: Каков е овој поздрав ? И и рече ангелот : Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај. А Марија му рече на ангелот : Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж ? Ангелот и одговори и рече : Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени ; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе и е веќе шести месец; зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила. И понатака истакнувајќи ја силната вера на Мајката Божја евангелистот Лука вели: Марија, пак, рече : Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои ! И ангелот си отиде од неа “.   

Почитувани, поминале веќе 11 години, откако Пресвета Дева била посветена на Бога во Ерусалимскиот храм од страна на нејзините благочестиви родители . Поминувајќи 11 години во пост и постојано упатувајќи молитви кон Бога,  Пресветата Дева имала желба до крајот на својот живот да му служи на Бога во девственост и чистота. Но бидејќи тогашниот еврејски закон не го дозволувал тоа, таа му била дадена на чување поради законот како свршеница на праведниот старец Јосиф од Назарет кој потекнувал од родот Давидов. Таа формалност била извршена  за да може човечкиот род да доживее таа да биде најизбраната од женскиот род преку која ќе треба Господ низ нејзината утроба да слезе од небото на земјата за да го спаси човечкиот род.

Почитувани верници, јас сум среќен што и денес се наоѓам во вашата топла и пријатна средина во овој свет катедрален, импозантен Божји храм. Среќен сум бидејќи денес заедно со Вас можам да ја споделам радоста заради одбележувањето на 45 годишнината од мојата хиротонија во ероѓаконски чин. Светите отци велат дека ѓаконскиот чин е ангелски чин, и јас пред 45 години го примив ангелскиот чин преку благословот, преку рацете на возобновителот на нашата Света Црква блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј во манастирот „ Света Пречиста “ кај Кичево. И еве 45 години се трудам почнувајќи од  1967 – та година да бидам во служба на Бога и на својот верен, благороден, македонски – христијански народ. Благодарение на подршката која што ми ја давате Вие и благодарение на подршката од страна на авангардното македонско свештенство и свештеномонаштво. Навистина, би било грев да се пожалиме. Во овој период, повеќе од четири децении постојано се трудиме. Четириесет и две години поминаа откако сум Архипастир, а четириесет и пет години како што реков во служба Божја и во служба на својата Света Црква. Ние сега навистина доживуваме една вистинска ренесансна преродба. Триесет години архипастирствување сред нашите еднородни браќа и сестри во далечниот свет, во прекуокеанските земји во демократските Соединети Американски Држави и Канада, петнаесет години на Австралискиот континент и еве четириесетина години на овие наши од Бога дарувани простори во тетовското Атхиерејско намесништво, во гостиварското Архиерејско намесништво, Маврово, кумановското Архиерејско намесништво, кратовското Архиерејско намесништво и Архиерејското намесништво во Крива Паланка.

Господ преку молитвите на Пресветата Мајка Богородица чиј празничен ден го чествуваме, пред чиј лик со најголем пиетет и со најголема евангелска љубов се поклонуваме нека не штити и нека ни дарува одлично здравје. Да растеме само во доброто. Господ да ни ја зајакнува милоста, слогата, љубовта и разбирањето. АМИН .

Најголем и воодушевувачки впечаток при средбите на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил со тетовчани оставаат неговите средби со најмладите, со дечињата кои итаат со радост да му ја бакната раката на почитуваниот дедо Владика, а тој да им подари крсте или мала иконка и со насмевка и љубов да ги погали по косата посакувајќи им милостивиот Бог да им го осветли нивниот животен пат.

Оваа година празникот Благовештение на Пресвета Богородица беше јубилеен и по тоа што црковниот хор при катедралниот храм „ Св. Св. Кирил и Методиј “ и г. Томе Србиноски од Тетово, кој членува во хорот од самото негово формирање празнуваа 40 годишен јубилеј од постоењето на хорот.

Честитки и од нас до славениците на овие значајни јубилеи.

 

                  

 

                  

 

                   

 

                                                                        Подготвил:

                                                   свештеник Жарко Мицковски, професор