Благовештение во Охрид (10.04.2009)
Денес е почеток на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева, и Гаврил објавува блага вест. Затоа и ние да извикаме кон Богордица: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!
Благовештение, празникот посветен на објавувањето на благата вест за Христовото раѓање, во Охрид свечено беше прославен со Света Архиерејска Литургија во катедралната црква „Света Софија“. Со Божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан во сослужение на Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополит Брегалнички г. Иларион, архимандрит Нектариј, игумен на манастирот на Свети Наум Охридски како и повеќемина свештенослужители.
Кон многубројниот верен народ, кој беше дошол соборно да го прослави објавувањето на благата вест заедно со своите пастироначалници, Архиепископот г.г. Стефан се обрати со свечено слово:
„Денес е почетокот на нашето спасение” - така, веќе со векови пее Светата Црква на денешниов празник, потсетувајќи нè на големиот настан што денес пред две илјади години се случил во Назарет, за настанот со кој е означен почетокот на спасението на човечкиот род. Ниеден друг настан – ни оној на Божик, ни оној на Велигден не се наречени ден на спасението, ни ден на благата вест, не се наречени Благовештение.Инаку, овој спасоносен настан бил очекуван со векови од сите што се надевале во спасение од Господа. Кон денешниов ден биле насочени очекувањата на сите што верувале во неизменливоста на Божјото ветување за доаѓањето на Спасителот во човечко тело.
Во настанот од денешниов ден се влеале сите копнежи на човечкиот род, зашто овој ден е ден на пророците и тајновидците Божји; токму денес започнало исполнувањето на сите пророштва и претскажувања; на овој ден тие станале реалност и оттаму денешниов настан во Назарет, градот во кој што живеела Пресвета Дева Марија, всушност е исполнување на ветувањето дадено уште на Адама и Ева, ветување најавувано преку избрани луѓе во текот на сите времиња.
Но, возљубени во Господа, иако многумина од вас ја знаат смислата на денешниов празник, сепак да се потсетиме што денес Црквата празнува и кој настан од спасението на човечкиот род го одбележуваме денес?
Имено, како што се гледа и од самото име на празникот, денес е денот на благата вест, ден на радосната вест, ден на спасоносната вест за човечкиот род! Денес архангелот Гаврил, кој бил испратен според спасоносната промисла Божја, отишол кај девојката Марија за да ѝ ја соопшти веста дека таа ќе Го роди Спасителот на светот и човекот, Синот Божји – Господ Исус Христос.
А што било причината за денешниов настан, што условило Синот Божји да дојде на светот, да прими човечко тело и да се роди од Пресвета Дева Марија?
Причината сме биле ние луѓето, бил човекот и неговата немоќ да ја врати првобитната состојба, од пред гревот на Адама и Ева. Првите луѓе згрешиле, ги прекршиле заповедите дадени од Господа, а со гревот станале немоќни да се радуваат на Божјата близина и на благодетите што ги имале од блискоста со Господа.
Гревот станал непремостлив простор меѓу човекот и Бога. Потребно било да се откупи, да се плати тој грев, за да се дојде до повторно помирување меѓу Бога и човекот. А Бог ги знаел нашите можности, можностите на човекот, знаел колкави се нашите сили. Па, знаејќи ја таа човечка немоќ, самиот да си го поврати некогашното достоинство, Бог, пак од љубов кон човекот, Го испратил својот Единороден Син, Кој ќе биде спасение за сиот човечки род. Како што човекот згрешил, така било потребно преку човек да се дојде до простување на гревот. Оттаму, Синот Божји, примајќи човечко тело, станал нов Адам, Адам помирител меѓу човекот и Бога. И ете, токму на денешниов ден архангелот Гаврил бил пратен при Девојката Марија за да ѝ ја соопшти големата и долгоочекувана радост.
Со денешниов настан, како што велат црковните писатели, Пресвета Богородица станала втора Ева: како што преку прародителката Ева влегол гревот во светот, така преку втората Ева - Пресветата Марија, дошло спасението за светот. Преку личноста на Пресвета Богородица, со денешниов настан, на жената вратено ѝ е достоинството, дадено ѝ е рамноправно место и улога во спасението и животот на човекот.
Оттаму, во Христијанската Црква, по почитувањето на Бога и светите ангели, доаѓа Пресвета Богородица, Мајката Божја, како примателка на најдостојната вест за човечкиот род и како соучесничката во реализирањето на најголемата радост, на спасоносната радост наменета за сите луѓе, за сите генерации.
Таа радосна вест, дадена и објавена преку архангелот Гаврил, исполнета преку Пресвета Марија и Нејзиниот Син и наш Спасител, Господ Исус Христос, таа блага вест е причина, како и катагодина, така и за денешново наше празнување во овој свет храм, како и за чествувањата во сите православни храмови во Македонија и насекаде меѓу православните христијани.
Радосната вест нема време на траење, нема период за кој не е наменета. Еве, веќе 20 векови е присутна богодаруваната радост; 20 столетија откако повторно станавме блиски пред Бога, откако добивме простување за своите гревови, откако се обоживме преку Синот Божји, Кој прими наше човечко тело.
Но, да се запрашаме - колку ние денес ја чувствуваме радоста од благата вест, а ако не, тогаш зошто е тоа така?
Чувствувањето на радоста од денешниов настан, возљубени чеда во Господа, зависи од нашето верување во Причинителот на таа радост, е условено од нашето верување во Исполнителот на радосната вест и од нашата вера во Спасителот Господ Исус Христос.
Оној којшто постојано верува во Бога, тој постојано е исполнет со радост! А “Господ Исус Христос е истиот, и вчера, и денес, и секогаш”, вели св. ап. Павле, што значи дека Синот Божји - Спасителот постојано ни е потребен и неопходен на сите што христијански сакаме да живееме. Самиот Христос вели дека дошол на земјата за да го подигне и спаси изгубеното, односно човештвото да го ослободи од гревот и да го доближи до Бога, со ветување дека Тој секогаш, до крајот на светот, ќе биде со оние што веруваат во Него и живеат според радосната вест.
Само кај оние, во чии срца и души Го нема Христа, или е недоволно присутен - таму нема радост, за таквите се вели дека за нив Христос како сè уште да не дошол!?
Возљубени чеда во Господа,
Времето е дар Божји и секој од нас, како христијанин, е повикан истото богоугодно да го исползува, пред сè, правејќи добри дела, покажувајќи љубов кон секого. Ова е особено потребно денес, зашто, како вели мудриот цар Давид: “сака ли човек да живее и да види добри денови,… нека се чува од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека врви по него” (Пс. 33, 12 и 14-15) .
А на ова наше време нешто му недостасува - тоа е радоста, тоа е радувањето во Господа. Затоа, да веруваме дека, доколку нашето живеење и работење ги исполнува вечната Христова радост, тогаш и нашите животи и нашето севкупно однесување ќе има други содржини и друга смисла.
Еве, зарем како народ не станавме материјално сиромаси, откако духовно осиромашивме!? Зарем не се поделивме меѓу себе, откако самите си станавме туѓи едни на други, особено откако заборавивме и се оддалечивме од Господа?
Затоа, само преку духовно обновување на секого од нас, само преку враќањето во верата на нашиот човек, ќе можеме да им се вратиме на вистинските вредности и на постојаните – вечните радости.
Знаејќи дека Бог е Господар на сè и Тој управува со секого од нас и со целата вселена, да Го помолиме да нè благослови за да го најдеме и да се утврдиме на патот на доброто, за да можеме, секој од нас и сите заедно, да се издигнеме во времево што ни е дарувано од Господа, и на духовно – национален и црковно - државен план, како чеда на Македонската православна црква и Македонската држава. Деновиве бевме ставени на голем испит. Беа избори и поминаа! Но, за жал, многу навреди, многу лоши зборови и пораки беа искажани и упатени од едни кон други. Забораваме дека сите не можат да бидат избрани и дека овие не се последните избори. Забораваме дека изборите и мандатите се можност за меѓусебно натпреварување, и тоа со идеи и програми, и со работа и со дела. Заборавивме и дека противкандидатите и оние од другите табори и партии, и оние со поинакви определби и желби, сите други сазлужуваат почитување и однесување какво што сакаме и ние за нас од другите.
Господ нека ни е на помош и нека нè вразумува за да бидеме од полза на оваа наша измачена земја. И да не заборавиме - толку сме црковни, толку сме охристовени и исполнети од благата вест - колку што покажуваме со нашите постапки, со нашите зборови и со секое наше однесување. Благата вест нека ни биде Евангелието Христово, мерка во сите наши постапки, во секое наше однесување и, дај Боже, да бидеме вистинска благовесница - постојано исполнувајќи ги евангелските заповеди - да Го љубиме Бога и сите луѓе! Амин!“
Извор: Дебарско-кичевска епархија