Повторно Го распнавме Христос (12.04.2009)
Се случија протести против локација на црква на дел од централниот градски плоштад „Македонија“ во Скопје. Се случија и контрапротести. До тука е сè во ред. Демократско право е кој и кога и за што и каде сака да протестира. Не е во ред, и многу не е во ред физичката пресметка помеѓу некои од учесниците во двете групи, неистомисленици. Без оглед на тоа кој кого и на кој начин го провоцирал и кој кого удрил (затоа што провокацијата е повеќе лош збор, а удирањето е веќе лошо дело); и без оглед на тоа дали тоа била безначајна или голема физичка пресметка. И многу не е во ред, кога е Православната Црква во прашање, да се оневозможи нечие демократско право на слободно изразување на своето мислење. Да Му благодариме на Господ што сепак сè помина без никакви телесни последици по кој било. Не зборувам за душевните, од кои не верувам дека некој беше поштеден.
Што се случуваше во медиумите, како еден од најзначајните простори за јавно изразување на личната мисла и за пренесување на информации? Сите што пишуваа на темата, се согласуваат единствено и во изјавите и во констатацијата дека насилството е неприфатливо, но толкувањето е различно, острастено. Не можеме а да не забележиме дека критиките одат на сметка на една или друга партија. Колку е повжештена политичката сцена толку попренагласено се критикува, а особено во споредба со другите такви или слични случувања. Нема објективност. Објективност нема заради тоа што се занимаваме со видливиот дел на случувањето, чиј огромен невидлив дел во позадината останува непознат. Не се занимаваме со причините, туку со последиците. Никој не влегува во сериозна анализа на причините, и тоа е најсигурен показател дека последиците се користат само за дневнополитички потреби и пресметки. Анализата на причините претпоставува и желба за нивно отстранување. Борбата против причините има континуитет и е долготрајна, а злоупотребата на последиците е медиумско чудо за три дена. Како што и видовме.
Односот, пак, на Црквата со јавноста е посебен проблем. Општо е мислењето дека, кога се во прашање медиумите, не се снаоѓаме баш најдобро, посебно во првите моменти на вака комплицирани и вонредни ситуации. А како и би се снашле, кога синовите на овој свет, во својот род, се подосетливи од синовите на светлината (сп. Лука 16, 8). Време е изгледа да се ангажираат професионалци за регулирање на нашите односи со јавноста, кои се многу важен сегмент од нашето делување во светот. Свесни сме сите дека тоа би било само шминкање доколку луѓето од Црквата не поработат истовремено малку посериозно и на својот духовен лик. Ние сме тие преку кои светот Го препознава и Го засакува Христос или преку кои се одвраќа од Него.
Секој проблем дополнително се усложнува кога и партиите, за свој интерес, ќе се вмешаат во него и ќе заземат став. Тогаш може да настане конфузија во главата на луѓето заради спротивставувањето на нивниот личен однос кон проблемот како таков со нивниот личен однос кон некоја партија или кон некој партиски став. Ако немаат свој однос кон проблемот, тогаш само необјективно се приклонуваат кон ставот на својата партија, свесно или несвесно. На крај само искусното око на духовникот ќе може да разликува дали искажаниот став на еден човек е негов свесен личен однос кон проблемот или е неосвестена рефлексија на неговиот негативен или позитивен став кон некоја партија, која веќе се позиционирала во однос на проблемот. Да не ги спомнувам нарушените односи. Итн, итн.
Излегува како партиите да немаат да понудат своја позитивна програма, па сега им останало уште само да ја искористат негативната случка, на пример, на плоштадот со цел да извлечат некој глас повеќе. Најнормално е во еден предизборен период да ги чуеме каква политичка и економска перспектива имаат да ни понудат и да ги видиме како се трудат да нè убедат во тоа. Затоа што, политичката кампања треба да служи и за едуцирање на народот, и не е добро да служи за негова морална ерозија. Но тоа се на крај партиски одлуки, кои потоа се валоризираат на избори. Најбитно е за нас, партиите да не ја користат Црквата (како институција) за остварување на своите цели, и за време на избори и во текот на мандатот. Не е добро да ги доведуваат верните во ситуација да се определуваат за кого ќе гласаат во зависност од тоа дали тој некој ја поддржува или не Црквата. Црквата е единствена сила која собира и обединува во доброто и во љубовта. Црквата не може и не смее да биде поле за партиски пресметки и поделби. На ова веднаш треба да се стави крај затоа што влогот е преголем. Секој нормален човек кој ќе си одговори на прашањето „каде тоа во светот, освен кај нас, ова уште се случува?“ – многу ќе се засрами. Сите партии треба да се блиски со Црквата, како и таа со нив, и сите треба да ѝ помагаат, и обратно. Православниот духовен живот е сепак трајна и заедничка вредност која доколку ја прифатиме, нè прави доследни наследници, носители и сведоци на нашето општо духовно и културно наследство и идентитет, и тоа не треба да биде спорно за ниту една партија во Р. Македонија.
Јас сум поставен со личен пример да водам и да посочувам, а не да принудувам. Секој човек е слободен, а со тоа и одговорен пред Бог, да го одбере својот пат и последиците од него. Јас нема да го сменам својот љубовен однос кон никого заради неговиот избор. Јас можам само да се радувам или да тагувам, заради нечија радост или нечија тага. Но, после оваа кратка анализа на главните актери во случувањето, да се вратиме на актуелниот проблем, каде што се соочуваме со едно суштинско прашање: дали протестот беше навистина само против локацијата на Црквата и дали контрапротестот навистина ја заштити Црквата?
Случувањето за кое досега расправавме, во духовната литература се нарекува искушение. Како го гледаат и го доживуваат секое искушение оние што се трудат да водат духовен живот? За нив искушението секогаш е можност да го проверат квалитетот на својот духовен живот. Ако љубовта кон сите луѓе, без оглед на нивниот однос кон нас, е врвен идеал на христијанската духовност, тогаш искушението е секогаш можност да провериме колку и дали го љубиме и оној кој нè повредува. Ако го љубиме и оној којшто нè повредува, тогаш љубениот не може да биде во нашите очи виновен за она што се случило, туку ние. Ако, пак, самите себе се правдаме, а другите ги обвинуваме, ние не сме на патот на идеалната љубов. Од друга страна, пак, ако другиот го мразиме, го обвинуваме и го осудуваме, прашањето е на кого му штетиме? На другиот? Можеби. На нашето срце и на нашата душа? Сигурно – да! Значи, ако Љубовта не е наш идеал, тогаш воопшто да не се чудиме на ништо, тогаш сè е дозволено со цел да се задоволат нашите страсти.
Оние кои на каков и да е начин ја бранат Црквата, оние кои заради тоа трпат нешто и оние кои од страна го гледаат сето тоа, треба да го знаат следново: Во духовниот живот постојат три нивоа на духовен развој – очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение на целиот човек, и душа и тело. Оние што се на најниското ниво се сè уште заробеници на своите страсти и под нивно влијание и затоа треба многу да внимаваат. За нив сè уште важи законот – око за око, заб за заб. За таквите не е ни чудо што полесно паѓаат во искушение, на злото (од нив така видено) да одговорат со зло. Тоа не е никакво оправдување, туку само објаснување на нивното погрешно однесување. Затоа не треба да се остане на тоа ниво. Духовните отци се одговорни за нивната духовна состојба, воспитание и напредок. Духовните отци не смеат да се оградуваат од нив или да ги осудат и да ги отфрлат како луѓе. Можат само да се оградат од гревот и да го осудат злото, а самите себе да се обвинат за неуспехот на својата мисија. Сè според начелата: „гревот го мразиме, а грешникот го љубиме“ и „љубениот никогаш не е виновен“.
Друг е Божјиот суд, а друг човечкиот. Бог ќе им суди на сите согласно нивниот одговор на талантите што им ги дал. На пример: нема да биде ист судот за оној кој имал можност да направи поголемо зло, па се воздржал и направил помало, со судот за оној кој имал можност да направи поголемо добро, па не се потрудил и направил помало. Гледате ли дека всушност првиот го скратува просторот за делување на злото, а вториот остава повеќе простор за злото да делува. Или, едниот доби помалку од Бог а Му возврати повеќе, а другиот доби повеќе од Бог а Му возврати помалку. Да не зборувам и за одговорноста посебно на секое од нивоата на духовен развој. Затоа, подобро е, бидејќи само Бог точно знае што има во човекот, да не судиме никому. Сепак, за сите нас суд и критериум и ниво се светите словенски и македонски просветители и учители Методиј и Кирил и светите охридски чудотворци Климент и Наум, и преку нив ја гледаме Црквата, а не преку нашите слабости и грешки. Во секој случај, им благодарам на оние што најдобронамерно дојдоа да ја поддржат изградбата на црквата, и лично им се извинувам на сите оние што сè уште не ги научивме како треба љубовно да се постапува притоа, и ги замолувам другпат да постапуваат исклучиво според Христовите заповеди на љубовта кон секој човек ако сакаат навистина да ја претставуваат Црквата.
Оние што протестираа против локацијата на црквата, сигурен сум дека како идни архитекти од предметот историја на архитектурата го знаат следното – што мнозина и од верниците не го знаат, но го чувствуваат: Богочовекот Исус Христос е темел, центар, оска и цел на православниот христијански живот. Оваа вистина, како во севкупниот христијански живот, треба и се рефлектира и во црковната книжевност, во црковниот иконопис и во црковната архитектура. Тоа значи дека како што Христос е центар на нашиот црковен живот, така и храмот Негов треба да биде (според нас) на местото коешто се смета за центар на градот, а сè друго да биде устроено според тој духовен центар. Пишувам принципиелно теолошки и застапувам основни црковни а не нечии други ставови. Инаку би се негирал сам себе како Епископ. Ако нечии ставови во случајов се совпаѓаат (или не) со црковните, односно со моите, тоа е друга тема.
Може од кажаното да се сфати колку чувствително верско прашање за нас христијаните е местоположбата на храмот. Така, оној што Го има Христос за центар на својот живот, би сакал да го види и храмот во центарот на градот, а не на маргините; а оној што Го има Христос на маргините од својот живот, не се интересира за храм во центарот на градот. Она што е на маргините, потоа лесно се отстранува и од таму. Имаме пример за тоа во блиското минато. Сведоци сме дека во време на наметнатото едноумие, при градбата на големите скопски населби како на пример Карпош и Аеродром, воопшто не било предвидено место за црква; а денес, во демократијата, имаме тенденција храмот да се изгради во строгиот центар на градот. Mене и тоа претходното и ова сегашното ми е разбирливо, но неопходно е, особено денес, да се почитуваат демократските и институционалните процеси при одлучувањето за тоа каде и што ќе биде изградено, дотолку повеќе кога тоа се совпаѓа и со волјата на мнозинството граѓани. Тоа е патот за решавање на ваквите ситуации. Инаку како ќе опстанеме како граѓанско демократско општество? Во секој случај, лично им се извинувам на сите оние студенти архитекти што на кој било начин се чувствуваат повредени со настанот.
И уште нешто: јас знам дека студентите по архитектура не се свесно против Црквата или против изградба на црква, туку дека се само против нејзината локација. Ова го знам затоа што и меѓу нив имам свои духовни чеда. Кога тие сега би имале можност да постават нов плоштад во Скопје или кога тие би проектирале нов град, уверен сум дека тие повторно црквата би ја поставиле на централно место и околу неа би го организирале просторот. Но едно е хипотeза, а друго е суровата стварност. Понекогаш е подобро црквата некако да ја има, отколку воопшто да ја нема. Добро е идните архитекти да знаат дека една црква не се сведува само и не се мери со категориите од овој свет, затоа што таа не е само од овој свет. И дека ако сакаат да се вистински и авангардни, не треба да останат заробеници на времето и просторот, односно на минливите облици на просторот. И дека токму градењето на црквата може да ги ослободи од таа заробеност и условеност и да им отвори непознати и нови видици. Затоа што црквата покрај својата архитектонска реалност има и една друга, духовна реалност, која ги надминува релативните димензии на времето и просторот, и тоа толку моќно што на крајот сигурно ќе го покрие, надомести и преобрази нарушувањето што според нив би се појавило во архитектурата и во симетријата на објектите во местото на коешто таа е предвидена. Ако, во овој дел, како млади и недоволно опитни луѓе и архитекти не размислувале за ова, еве имаат можност барем да размислат, а ако сакаат и да проверат.
Зошто да влегуваме во конфликт? Зошто оваа ситуација сите да не ја сфатиме како предизвик да станеме подобри и да научиме нешто повеќе? Што е тоа во нас што нè придвижува негативно или позитивно после соочувањето со предизвикот? Ова се поважни и поегзистенцијални прашања од актуелното.
Човекот е дел од космосот, но човекот и го возглавува космосот. Свети Максим Исповедник човекот го нарекува и микрокосмос и макрокосмос. Човекот е и дел од Црквата како тело Христово, но, според светите Отци, човекот и ја возглавува целата Црква. Сите живеат во секого, заради секого и со помош на секого, и секој живее во сите, заради сите и со помош на сите. Секој човек е Црква во мало. Таа тајна ја остварува благодатта на Светиот Дух Господ во Црквата. Богочовекот Христос се поистоветува и сострадува со секој еден човек на оваа планета, дури и без разлика на неговата вера или друга различност. Затоа Христос вели: „Ако му направите нешто на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми направиле“ (сп. Матеј 25, 40). И затоа нема ништо посвето од човекот. И затоа сите храмови на светот не се повредни од еден човек. И затоа никаква цел не го оправдува насилството над кој било човек. И затоа заради никаков грев (дури и против неа) Црквата не смее да го отфрли и осуди кој било човек. И затоа главниот протест и главната борба што треба да се води во овој свет е пред сè борбата против злото внатре во нас, затоа што тоа го обезбожува човекот. Обезбожувањето е исто што и обезличување, односно отчовечување на човекот. Затоа Црквата, која е место на средба на човекот со Бог, место на исцеление на човекот од злото внатре во него и место на обожение на човекот, ги прегрнува сите и сите ги смета за свои духовни чеда, и оние за и оние против изградбата на храмот на плоштадот.
Митрополит Струмички Наум