Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на Цветници во Гостивар (14.04.2009)

Во Гостивар и оваа година достојно и торжествено беше прославен големиот православен христијански празник Цветници, денот на свеченото Христово влегување во градот Ерусалим на празникот Пасха седнат на осле. Во велелепниот катедрален храм „Пресвета Богородица“, кој гордо се извишува и го краси градскиот плоштад во централното градско подрачје, беше отслужена Света божествена архиерејска Литургија на Свети Јован Златоуст“ на која чиноначалстуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение со свештенослужителите од гостиварското и тетовското Архиерејско намесништво.

Гостиварци како и секогаш бројно собрани во храмот, држејќи осветени врбови гранчиња, молитвено и со љубов ги упатуваа своите молитви кон Севишниот Господ Бог.

Во текот на Светата литургија веднаш после читањето на Евангелието, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил им се обрати на присутните верници и меѓу другото рече:

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

„Драги браѓа и сестри во Господ, мили дечиња и младинци. Зошто на денешниот ден чедата на Светата Православна Црква Христова на просторот од целата планета Земја се собираат во светите Божји храмови? Се собираат за да го пречекаат Господ Исус Христос, величејќи го Неговото свечено влегување во Ерусалим, седнат на осле и поздравувајќи Го со палмови гранчиња во рацете и посипувајќи го патот по кој што оди со цвеќиња и постилајќи по него делови од својата облека. Овој голем спасоносен евангелски настан како што слушнавме се случил една недела пред светото Христово воскресение. За овој торжествен настан кој што се случил непосредно после воскреснувањето на праведниот Лазар, кого што го воскреснал Исус ни сведочи светиот апостол и евангелист Јован, возљубениот Христов ученик кој опишувајќи го овој настан во своето Евангелие запишал : „ На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот ( Пасха ) кога чуја дека Исус доаѓа во Ерусалим, зедоа палмови гранчиња и излегоа да го пречекаат; и викаа, велејќи: Осана! Благословен е кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! А Исус, кога најде едно осле, седна на него, како што е напишано: Не бој се ќерко Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на осле“.

Господ Исус Христос на Велики Четврток ја востановил светата Тајна причест, а на Велики Петок бил распнат на крст и на третиот ден воскреснал од мртвите.

Бога денес го величаме онака како што некогаш Го величале и нашите претчественици пеејќи :Осана! Благословен е кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! “. Да Го величаме Бога! Да Го славиме Бога ! Во најголемо духовно и молитвено расположение да ги поминеме деновите што ни претстојат во текот на страсната седница. Да се поклониме на Светото евангелие. Да ги примиме длабоко во нашите души и срца пораките кои што се содржани во дванаесетте страдални Евангелија, кои што се читаат на Велики Четврток. Во едно од нив кое што го запишал светиот апостол и евангелист Јован Спасителот Господ Исус Христос ни порачува: „ Нова заповед видавам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе “.

Драги браќе и сестри во Господа достојно и со најголема евангелска љубов и почит да се  поклониме пред Христовите крсни страданија, да го целиваме Неговото распетие за да Го дочекаме достојно и со радост празникот над празниците светлото Христово воскресение “.

Се разбира како и многупати порано и оваа средба со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил не помина без желбата на гостиварци истата да се овековечи со по некоја фотографија во друштво со почитуваниот дедо Владика, кој и овој пат не ги заборави најмалите, гостиварските дечиња, на кои им подари осветени крстиња благословувајќи ги.

 

     

 

       

 

        

 

        

 

 

 

 

                                                      Подготвил:

                           свештеник : Жарко Мицковски, професор