Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигден во Тетово (22.04.2009)

Торжествено и со најголема радост тетовчани и оваа година го прославија светлото Христово Воскресение – Велигден. Вообичаено како и секоја година централните велигденски свечености се одржаа во катедралната црква „ Свети Свети Кирил и Методиј “ на Двабреста.

По повод светлото Христово Воскресение - Велигден Света божествена архиерејска Литургија на Свети Јован Златоуст отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение со свештеници од Тетовското архиерејско намесништво.

И оваа година најзабележително беше присуството на огромниот број млади тетовчани кои што ја преполнија црквата и пространиот црковен двор. Највозбудливите чувства како и несекојдневната воскресенска радост посебно кај младата тетовска популација се забележуваше уште од самиот момент кога почитуваниот дедо Владика ја повика својата паства со зборовите „ Дојдете, примете светлост од невечерната светлина и благословете Го Христа, кој воскресна од мртвите “. Реката од луѓе кои што ја создадоа ѕвездената река која се движеше правејќи го трократниот опход окулу катедралниот храм, ја сочинуваа најтоплата прегратка за домот Господов, со илјадници растреперени срца во кои горат вечните кандилца на живата вера со љубов кон Христа негувана 2009 години. Всушност и Светиот апостол Павле после видението што го имал за да оди и да го проповеда Евангелието во Македонија, добро узнал кому ќе го предаде Бисерот Господов - на народот со чувство и топлина во градите кој знае да љуби.

По повод Христовото Воскресение – Велигден и оваа година според традицијата воспоставена во Македонската православна црква, од страна на Негово Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил беше прочитано велигденското послание, кое до сите верници го упатува Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква секоја година честитајќи им го празникот над празниците Велигден.

По отслужената Света божествена архиерејска Литургија голем број на верници пристапија да се причестат со телото и крвта на воскреснатиот Спасител Господ Исус Христос од раката на почитуваниот дедо Владика.

На крајот од оваа велигденска богослужба, беа осветени црвени велигденски јајца, со молитва за добро здравје и благосостојба и во ова лето Господово.

 

    

 

       

 

       

 

       

 

 

             

                                                          Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор