Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на црква на света Петка во Габреш (кумановско) (24.04.2009)

На ден 24.04.2009 година на празникот Источен Петок-Балаклија, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение на повеќе свештеници и ѓакони изврши осветување на новоизграден манастир на света Петка, крстилница и конаци во с. Габреш, кумановско.

Изградбата започна на 24. 10. 2004 година. Благослов за изградба даде Митрополитот г. Кирил, а по иницијатива на сестрата во Господа Стоја Велјковска, која лично го посети и се поклони пред вечното почивалисте на света Петка во Јаши, Р. Романија. Благодарение на повеќе бизнисмени од кумановско, овој храм се изгради во целост. Камбаните го најавија доаѓанјето на Митрополитот кој пристапувајќи, меѓу другото, рече: „Дај Боже да се собираме за крштевки, да се множи нашиот христијански род. Што повеќе дечиња, да се слушне џагор детски, радост, пеење, веселби, да се повратат луѓето во овие прекрасни убави од Бога создадени рајски предели. Христос Воскресна! Денес се радуваме ние, се радуваат душите на сите наши најмили и најсакани во небесната Црква Христова. Еве уште едно од денес запалено македонско без сè и сенародно Светиклиментово, Гоцеделчевско кандило. Денес е еден од најголемите доживеани историски настани и празници за сите вас што живеете во ова убаво село Габреш. Да се радуваме и да се веселиме духовно и национално зашто и овој голем историски ден светоден навистина Господ ни го дарува за да се радуваме и да се развеселат нашиве души за да се исполнат срцата со пофални песни кон Воскреснатиот Христос Господ и кон светата мајка Параскева во чија чест и слава ќе го осветиме Божјиот храм. Та со чиста и искрена љубов кон сѐ што е наше свето македонско да опстојуваме вечно за навек. Кога царот Соломон го изградил Ерусалимскиот храм му се помолил на Господ да ја испрати Својата благодат која сѐ осветува и просветува и да го освети делото што го завршил. Господ Му одговорил: Го осветив храмот што го изгради ти, за да живее името Мое вечно во него. Очите Мои и срцето Мое ќе бидат на ова место во вечни векови. Браќа и сестри во Господа, храмот е дом Божји, училисте на верата и благочестивиот живот на верниците. Храмот е видливо небо на земјата. Во него невидливо живее самиот Бог, Создателот на небото и земјата. Спасителот наш Господ Исус Христос  вели: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум Јас посред нив” (Мт. 18, 20). На ова место од денес секогаш ќе биде присутен Господ, ќе биде присутен во Светото Евангелие кое што ќе го поставиме на светата Трпеза, кое ќе се чита на секоја Литургија и на секоја богослужба. Ќе биде присутен во светиот Крст, во светите икони, во светите мошти на вечно живиот пред Бога Свети Климент Охридски Чудотворец, патронот на нашата автокефална Македонска Православна Црква, кои на најсвечен начин ќе ги ставиме во столбот на кој е поставена светата трпеза - светиот престол. Нека Господ Бог ја засили љубовта наша кон ова новоизградено светилиште. Да го бараме она што никаде не можеме да го најдеме на друго место. Во ликовите на овие икони во богослужбените работи, светиот путир, дискосот, во кадилницата кои ќе ги осветиме. Во нив ќе го чуствуваме духот, големината, чистотата и убавината на нашата светиклиментова православна вера, традиции и обичаи и ќе се напојуваме со духот со кој се напојувале безбројните борци поборници, трудбеници и маченици за одбрана и зачувување на сѐ што му било сакано и свето на нашиот благочестив македонски народ. Во оваа светиња ќе црпите духовна снага и животна радост, ќе се венчаваат вашите розби. Ќе се множи македонскиот род и пород и Мајката Црква постојано апелира зашто нема поголемо богатство од рожбите. Една народна мудрост вели: “пари и деца никогаш не се доста“. Две се малку, три не се многу, четири се доста. Телото бара телесна храна со која душата не може да се храни; душата може да се нахрани и напои само со храната што Господ ја дава особено во светите Божји храмови. Преку Своето Слово, преку светата литургија, светата причест и преку сите други богослужби, низ кои струи Божјата благодат, која е вистинска храна и вистинска оживотворувачка сила за човековата душа. Браќа и сестри, Господ ни помогна и нѐ удостои денес овде во с. Габреш да се радуваме на нешто најсвето и највозвишено. Во тоа име, со најискрени братољубиви чувства на евангелска љубов Ве повикувам молитвено да си посакаме да раснеме само во доброто. Да нѐ следи воскесенскиот Божји благослов со одлично здравје преку закрилата на нашата заедницка мајка Параскева. Со најискрени архипастирски благопожелби, Ви го честитаме новоосветениот манастирски Божји храм - овој скапоцен бисер. Создавањето на големи и величествени свети дела, за својот народ, Црква и Татковина, какво што е и ова, бараат големи саможртвени подвизи, многу силна вера и љубов кон Бога, кон верата, родното место и татковината. Но, бараат уште поголеми, посмели и посилни македонски синови и ќерки. Вие сите браќа и сестри преставувате олицетворение на вистински доблесни и горди македонски синови и ќерки. Најсилна потврда е изградбата на ова црковно и сенародно македонско светилисте. Дај Боже Македонија да раѓа што повеќе вакви чесни и доблесни синови и ќерки. Нека ни биде честит и долговечен нашиот новоосветен Божји храм. Света мајка Богородица и света Петка нека ни бидат на помош. Господ нека Ви подари сѐ што посакуваат Вашите души и срца. Одлично здравје, многу венчавки, крштевки. Господи, нека биде благословено Твоето име отсега и до века, Амин.“

Потоа Митрополитот изврши осветување на новоизградениот храм, на крстилницата и конаците. Импровизираниот клуч од храмот го зеде г. Венцо Костадиновски кој дари 850 евра, човек кој потекнува од ова село а живее во Скопје. Чеканот го зеде г. Томе Давчев од Свети Николе а дарува 350 евра. Потоа продолжи со сенародна веселба.

 

         

 

          

 

 

 

 

 

Известува: о. Жико Тодоровски