Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Епископот Хераклејски г. Климент магистрираше на Филозофскиот факултет (06.05.2009)

На 05.05.2009 г. во свечената сала на Филозофскиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје беше одбранета магистерската теза на епископот Хераклејски г. Климент под наслов „Зрзескиот исихастирион (исихија - начин на живот на зрзеските монаси во 14 и 15 век)“. Катедрата за класични студии се здоби со нов магистер од областа на византологијата (програмата Византиска култура), а предложениот труд  дава можност експлицитно и научно преку мултидисциплинарен дискурс да се толкуваат историските пројави на исихастичкото движење во Македонија.

Претседателот на Комисијата за одбрана на магистерскиот труд проф. д-р Вера Георгиева, подржана од членовите менторот проф. д-р Витомир Митевски и академикот проф. д-р Петар Христов Илиевски, заклучи дека станува збор за значаен труд кој ќе претставува придонес во научната јавност од повеќе причини. Прво, специфичниот методолошки приод упатува на исклучителен труд кој може да се оцени како до сега единствен обид кај нас за интердисциплинарен приод на темата за исихазмот. Од друга страна, истакнаа членовите на комисијата, на содржински план опфатен е богат корпус кој вклучува филолошки, историски, философски, теолошки, иконолошки, културолошки аспекти низ кои се проследува исихастичката матрица на зрзеското средновековно монаштво. Во таа смисла трудот на владиката Климент, претставува соодветен образец употреблив за целата средновековна христијанска култура во Македонија.

 

              

Преземено од Преминпортал