Еволуција (05.05.2009)
Уште малку и јас ќе почнам да верувам во еволуција. Особено во еволуцијата на нас Македонците. Но, сигурно не во еволуцијата дека работата го создала човекот и дека ние од мајмуни постепено со работа сме станале луѓе, а ете во скоро време и супермени „надлуѓе“, туку во тоа дека мошне брзо и успешно еволуираме на полето од културата и нејзиното спроведување во нашите лични животи. Да не зборувам за тоа колку брзо ни еволуира општествената свест особено на полето од почитувањето на законите. И сето тоа за нешто повеќе од еден час колку што трае најкраткиот лет од Скопје до некој западноевропски аеродром, при тоа не мислам секако на „новопечените“ Европејци. А, сега ако прашате на што го темелам овој мој заклучок ќе кажам секако на моето лично искуство, а потоа и на онаа скоро секојдневна слика од моите патувања. Кога на скопскиот аеродром или на некоја од границите не почитуваме ни жолта линија, не чекаме ред, туку сакаме преку ред да минеме, да се скараме ако треба и со шалтерскиот работник кој не' опоменал дека сме претоварени или цариникот кој побарал да ни го провери багажот, што бараме да најдеме дупка во законот и да запалиме по една и таму каде што е тоа недозволиво со законот за непушење, дури до таа бизарност што ни во тоалетите не го почитуваме редот, а да не зборувам дека ако од кои било нормални причини нешто не функционира, се закануваме со новинари, ТВ-камери итн.. А, истите ние на првиот аеродром во европска метропола еволуираме во најкултурните Европејци, кои понизно слушаат секоја препорака дури и со љубезна насмевка ќе побараат прошка зашто од невнимание или од непознавање на јазикот дошло до тоа ситно прекршување на редот. Веќе на европскиот аеродром или граница нема ниту трошка од претходната ароганција покажана во нашата земја, туку стануваме најверните почитувачи на законот во туѓата држава во која само што сме стапнале.
И приказната не завршува тука. Во новата средина во која живееме и работиме веќе сме лојални граѓани, големи работници, чесни, пример за тоа како треба да се интегрира дојденец во туѓа земја. Ова не го зборувам напамет, туку од многу средби со градоначалници, бискупи или градски советници и локални свештеници од повеќе градови во кои живее наше население, а во кои имаме и наши црковни општини, кои имаат одлична соработка и со тамошните цркви, како и со локалната власт. Оваа еволуција стекната за стотина минути трае и трае до првото доаѓање назад во Татковината и првото ослободување од „стегите“ и будењето на стариот човек во нас. И почнуваме се' по старо. Но, ајде и да ги разбереме емигрантите бидејќи емиграцијата е сон за славно враќање, па мора малку и чалам, но што тоа им се случува и на странците кај нас, како да го објасниме тоа? Па мал ли број странци што работат на разни проекти владини и невладини за релативно кратко време не ги препознаваме бидејќи веќе еволуирале во моќни и маркантни личности во нашата земја. Дури ако и истите тие странци ептен ја оплескаат можат и да го избегнат лицето на правдата зашто како тоа ние подвластените ќе им судиме? Не е значи ни до нас ни до нив, туку до тоа што ретко кој се плаши од законот. Мала држава во која секој со секого се познава лесно се наоѓа врска за да ни ја скине заработената казна, па законот не е страшен, нели? Па што да му се плашиме?
Ако историски се навратиме повторно за чест на еволуцијата, како тоа ние Македонците од мирен и побожен народ кој се' и' должел на Црквата, која патем речено скоро до почетокот на 20 век дури и писменоста му ја давала преку ќелијните училишта и црковно-училишните општини, навикнати да живееме во феудалното општество и патријархални вредности, набрзина влегуваме во капиталистичкото општество под власт на кралството СХС и за нецели дваесет години во таа држава нашата свест е толку развиена што веднаш ја прифаќаме политичката економија и филозофија на Маркс, која вели дека највисокиот стадиум на капитализам нужно треба да премине во социјализам, па веднаш по војната најдемократски на првите повоени избори се изјаснуваме за социјализам и тоа со голем стремеж што поскоро да го стигнеме највисокиот стадиум на социјализмот и да влеземе во она блаженство од општество наречено комунизам. Ова блажено општество го велам без трошка иронија бидејќи доволно е без подетаљни анализи само да се потсетиме на поделбата на трудот и примањата што гласеше секој според можностите, секому според потребите. Работиме од ќеф, а земаме не да трупаме, но да можеме да си дозволиме се', рај на земјава. И пак како примерот со враќањето во Татковината, така и со ова никаде не добуткавме, но се вративме на капитализмот преку бурна и болна транзиција (за ова не барајте одговорност од Црквата, таа е одвоена од власта и државата), но се тешиме дека е подобро вака. Барем за некого.
Значи, во почетокот на социјализмот од верен народ станавме богоборци и ја маргинализиравме Црквата за сметка на идниот земен рај - комунизмот, кој само што не дошол, за пред крајот од истиот тој систем да почнеме да го градиме Архиепископскиот соборен храм во Скопје. Сега друго прашање е дали тоа го направиле тие генерации од побожност која можеби ги зафатила на стари години, дали од некоја грижа на совест или пак од тоа што сватиле дека ако ништо друго, Црквата и верата мора да се зачуваат барем како традиција? Јас лично верувам дека колку повеќе човек старее и се приближува кон неизвесноста од смртта и отадестварноста се повеќе се отвара и се врти кон Бога, па од тука верувам дека е од првата причина. Сепак тоа само Бог го знае и тие самите. Сигурно противпартиски и противреволуционерно било тоа во нивно време, но од што и како да било им благодариме. На крајот од краиштата ние како Црква веруваме во покајанието и конверзацијата на секоја личност. Оттука не го прифаќам она етикетирање на комунисти и нивното постојано потсетување дека тие ја гонеле Црквата и дека цел живот не влегле во неа и од таа причина ни сега немаат право да влезат. Бог секогаш чека на нашето покајание, првенствено на нас во Црквата. и таа е секогаш е отворена за секого.
Како што се плашиме било од казната било од строгоста на законодавецот и земните закони, па ги почитуваме и тоа не поради совеста или еволуцијата и обратно, или ако е добар законодавецот и не не' казнува веднаш ги избегнуваме, така е исто и со Божјите закони. Бидејќи Бог е благ и човекољубив, тие закони не ги бара од нас со страв, или на сила да ги исполнуваме, но само по слободна волја, од љубов, со вера (јас тие заповеди би ги нарекол и Божји совети). Сигурно е дека Бог кој е љубов не е тој што не казнува, ние самите себе си ја определуваме казната со нашиот однос кон Бога, ближниот и себеси. Во животот и сите околности околу него, ние лесно забораваме на заповедите и не се ни трудиме да ги почитуваме. Се случува Бог да не' потсети, но Божјата правда се разликува од човечката, и ако е задоцнета, не е заборавена, оти Бог како вечен има време за сите судови свои. Но, сепак ни дава безграничен простор во љубовта Негова да еволуираме, полека во нашата вера и совест, зашто не ја сака смртта на грешникот, туку сака секој да се покае и да се спаси. Од нашата отвореност кон Него зависи колку брзо ќе еволуираме и колку поскоро ќе се потрудиме во почитувањето на законот Божји.
Само се молам не дај Боже, зајдени во гневот кон Црквата, верата и Него, да ни се случи еден неповратен лет на душата кон небесата кога за нецел момент ќе ни еволуира нашата совест и вера во знаење дека Бог постои зашто така ќе биде доцна. Веќе кажав не не' спасува знаењето, туку верата.
Митрополит Европски Пимен
извор: „Дневник“