Промоцијата на книгата “Невеста на Светлината” од Мирослав Спировски (13.05.2009)
На 09. 05. 2009 година Митрополит Полоско-кумановски г. Кирил во соборниот храм на свети Никола во Куманово изврши света тајна венчание на младоженците Небојша Стојмановски и Фросина Петрушевска од Куманово. Во манастирот свети Георгиј во Куманово овие младоженци беа славски кумови а нивното кумство го крунисаа со брак. Потоа Митрополитот се упати во кумановскиот театар и присуствуваше на промоцијата на книгата “Невеста на Светлината” од авторот Мирослав Спировски, наш познат и признат новинар. Промотор на книгата беше Деканот на Богословскиот Факултет во Скопје професор д-р Ацо Гиревски а неговиот текст во целост ви го приложуваме. Потоа актерката Вера Ристовска изведе монодрама пред кумановската публика.
НЕВЕСТА МАКЕДОНКА
(Мирослав Спироски, Лидија невеста на светлината, Светски релации, Скопје, 2008)
Во Македонската традиција често жените се ословуваат со називот „невеста“, при директно обраќање со „невесто“. Тоа е црковна традиција, затоа што според свети апостoл Павле жената ја симболизира Црквата, а женикот – Христа, Кој што е глава на Црквата (Ефес 5, 20-33). Оттаму, авторот, веројатно во таа смисла зборот невеста го ставил во насловот на монодрамата, и тоа не случајно, туку затоа што Лидија ја симболизира Црквата од Филипи. А сега нешто и конкретно за авторот и за самото сценско дело.
Оваа монодрама на Мирослав Спироски, наш познат и признат новинар, се создаде по одѕивот на црковните канбани коишто го означија почетокот на третиот милениум на библиското живеење во Македонија. Ова дело настана кога повторно излегоа на површина сликите на понижена Македонија од времето на Лидија – Македонката од Библијата. Тогаш, Македонија римска провинција, денес поделена, со еден дел слободна Република Македонија, со непризнато име, идентитет и јазик. Сето ова авторот се обидува да го претстави и приближи на уметничко-сценски начин.
Станува збор за една богобојазлива жена од градот Тијатир, која живеела во Филипи, по име Лидија, тргувала со црвени ткаенини. Во времето на престојувањето на апостол Павле во Филипи, пренесувајќи го Евангелието од Азија во Европа, таа слушалa и Господ $ го отворил срцето да внимава на она што зборувал Павле. Тогаш се обратила во христијанство и се покрстила, таа и нејзините домашни. Лидија веројатно е првата Европјанка кој го примила христијанството, а нејзиниот дом, првиот молитвен дом (првата црква) за христијаните од Македонија (Дела 16,14-40). Овде една група жени, меѓу кои Евадија и Синтихија се собирале секој саботен ден и таму тие го оформиле јадрото на Црквата во Филипи до таа мера што тие станале модел на сите верници (1. Кор 9,22). На тој начин започнал христијанскиот живот сред Филипјаните. Нивни водач била Лидија. Апостолот Павле во своите посланија ги спомнува со голема благодарност кон нив, заради нивната соработка при ширењето на Евангелието (Филип. 4, 2-3). На авторот ќе се навратам повторно, но сега да кажам збор два за сценската поставеност.
Монодрамата има три делови: привидение, сретение и посветение.
Во првиот чин авторот ја прикажува Лидија како набожна жена, која, бидејќи трговка, прилично е информирана за многу работи, но и за „она што се случило со Христа во Ерусалим“. За христијанството во Македонија не подоцна од 20-те години по Христовото воскресение. Во Делата апостолски 16, 9 се зборува за Павловото ноќно видение во Троада, во кое еден човек Македонец го повикува, велејќи му: „Премини во Македонија и помогни ни“.
Авторот ја прикажува Лидија и како мудра девојка („чедо мое, мудрице моја“) која е подготвена да се сретне со Апостолот и неговите придружници (Сила, Тимотеј и Лука). Македонците од секогаш се истакнувале како гостопримлив народ. Тоа го сведочи и апостолот Павле кога благодари за доброчинствата направени од Филипјаните (Филип. 4, 18-19). Љубовта $ се меша со нејзината иднина и младоженецот Александар за кого таа, исто така, е подготвена да се справи со сета нејзина светлина на милозливото срце кон ближните, што по многу нешто наликува на параболата со мудрите девојки од Евангелието (Мт. 25, 1-13).
Авторот во Лидија гледа личност која се држи до она „што е вистнско, што е чисто, што е праведно, што е чесно, што е љубезно, што е достојно за слава“. Всушнст тоа се одлики на Филипјанците (Филип. 4 глава). Меѓутоа, нејзе и сметаат „незнабошците“, „туѓинците“ и „крвопијците“ и го моли Бога да го воскресне Александар Македонски да ги ослободи Македонците од таквите натрапници.
Вториот дел сретение претставува радост за остварениот сон во јаве. Лидија пред тоа се потсетува на приказната од родителите и нивната средба на Цветници со Христа во Ерусалим, но и за „сето она што станало со Христос“. Слика којашто во Лидија разбудила вера, надеж и љубов кон Христа Спасителот.
Третиот дел посветение претставува панегирик (похвала) за Единиот Господ Исус Христос, Кого апостолите го проповедаа, нашите татковци го видоа, но „блазе на оние кои не го видоа, а поверуваа“. Духовната љубов кон Христа се судрува со телeсната љубов на Александар, којшто се покажа како „безбожник“. „Луѓето во верата се лицемерни, во надежта недоследни, а љубовта им е како обично јаболко - ќе го изедат и толку“, си рече таа, и реши „а ти штом вера немаш, мене ми останува да те замолам да бидеш човек кон човека, да постапуваш со добрина, а јас со мојата љубов ќе продолжам по Божјиот пат“.
Авторот посебно ја истакнуа верата, надежта и љубовта кај набожната Лидија и за неа верата е чудотворна: таа обожува, таа е светлина, оти цврсто верува дека „кој оди по светлината не оди во темнина“. За неа патот до вистинската вера е љубовта кон ближните.
Авторот ја завршува монодрамата со духовните дарби и поканува на нивна примена во живот, приложувајќи ја химната на љубовта за пример (1. Кор 13 глава).
Авторот не се држи до автентичноста на самата личност на Лидија, меѓутоа, неа како личност тој ја открива преку нејзината човечност, чистота и љубов кон ближните. Во оваа монодрама преку избрани зборови, позајмени на Лидија, авторот ја изнедрува неговата психолошка и духовна физиономија, а тоа е доживување на човечка љубов преку уметноста, но и преку луѓето за кои создава. Уметничкиот текст на Спироски, изнесува ставови и размисли за телесната човечка љубов, неговата внатрешна борба во настојувањето за моралната чистота, но сепак, на крајот потполно се предава на една поголема, универзална, вечна љубов што ја пронашол во личноста на Исуса Христа, изразена преку устата на невестата на светлината.
Да го состави, обликува и постави на сцена, ова религиозно сценско дело, може само човек којшто умее да се внесе самиот во тоа дело. Да бидам појасен, тоа значи и самиот да верува во таа библиска приказна, но и само тоа не е доволно. Туку, потребно е уште и да умее, да има храброст, да истражува, да не шпекулира, да не вулгаризира. Авторот сето тоа го имал предвид и затоа трудот негов е мошне приемчив и позитивен.
Делото е пишувано на едноставен стил на современ јазик, а дише со една возвишена оддишка на автор што владее со библиско-историски факти и со философско-етички постулати. Со неговата имагинација дава уметнички придонес кон македонската историја на побожното живеење на нашите претци од околината на Филипи (Филип. 1,1), на Солун (1 и 2 Сол 1,1), на Берија (Дела 17,10) и други места од библиската ни Македонија.
Преку оваа монодрама авторот н# потсетува на тоа, дека ранохристијанските документи и случки (во прв ред на тие од Библијата), за кои овојпат со малку зборови кажува многу, ја покажуваат својата актуелност и за наше време, а современите христијани во нив ќе најдат интересна и денес повторлива, но мошне поучна животна приказна.
НУ Центар за култура
Куманово, 9. мај 2009.
АЦО ГИРЕВСКИ
Известува о. Жико Тодоровски