Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Ерархија (20.05.2009)

Неопходен за спасување на многу бракови, но за жал и за земји, е дијалогот, дијалог во љубов која подразбира одговорност и пожртвуваност, кој љуби од сето срце радосно се жртвува за љубениот

Уште кон средината на 1 век светиот апостол Павле, одејќи во името на Христа Богочовекот на мисионерски патувања по тогаш познатиот свет, поминал и проповедувајќи го Евангелието за Царството Божјо престојувал и во Ефес, малоазиски град во денешна Турција (прочуен по големата и позната библиотека, морската трговија и убавината како тогашен современ град), поживеал три години во него, го запознал менталитетот и начинот на живот на ефесјаните, па подоцна им упатил и едно послание (каде особено е застапена еклисиологијата-учењето за Црквата Божја). Во него, во петтата глава го споменал и односот на мажот кон жената и обратно, на жената кон мажот кога влегуваат во брачна заедница. При тоа, таа заедница на мажот и жената, таа љубов и тој однос ги споредува со големата тајна, на односот на Христа со Црквата. Како дел од Светото Писмо, заради еклисиолошкиот аспект, ова послание е вечно актуелно, а особено затоа што Црквата во својот литургиски живот и опит го вклучила делот од ова послание да се чита при извршувањето на светата тајна Брак за да може оние кои стапуваат во брак (мажот и жената) на венчавката да го чујат и да се поучат од него за нивниот понатамошен заеднички живот и нивниот заемен однос.

Сега, кога воскликнуваме во радоста на Христовото Воскресение, кога постите поминаа, повторно може да се извршува венчавање (венчавките во пост не се извршуваат бидејќи како радосен чин не соодвестувваат со постите како денови на засилено покајание во Православната Црква). Пристигна пролетта, времето се разубави, па поради пренатрупаните термини и неможноста да се најде слободен ресторан за правење свадбени забави, свадбите зачестуваат, затоа и темава се актуелизира. Многу млади парови ќе се најдат пред олтарот за да го кажат (да го потврдат пред Бога) љубовното да. За жал, многумина тоа ќе го направат од адет, или страв, или како долг во замена за благосостојба, и воопшто нема да обрнат внимание на молитвите во светата тајна Брак, па ниту на оној дел од споменатото послание т.е. Апостолот што се чита пред Светото Евангелие. Причината за невниманието на поучните и благодатните зборови во молитвите е што по вина на збунетоста на младите поради големината и важноста на тој ден во нивниот живот, што по вина на свештеникот што ги благословува кој поради следниот термин ќе скрати или неразбирливо ќе прочита некој дел, што заради фотографот на кого постојано треба да му се позира, зашто нели фотографиите со круните се едни од најважните спомени од свадбата?

Но, сепак, барем еден мал дел од овие младенци ќе го направат овој чин на некое помирно место, или ќе се сконцентрираат подобро, па така ќе можат да чујат и да разберат за што се моли Црквата и на што ги поучува. Помеѓу другото, ќе чујат и: покорувајте се еден на друг во страв Божји - вие, жените, покорувајте им се на мажите свои како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е Христос Глава на Црквата... како што Црквата му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во се', а Вие мажите сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде себеси за неа, за да ја освети... И така мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака својата жена, тој се сака и самиот себеси... И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој.

По ова читање на Апостолот, скоро секогаш, а често сум бил на венчавките се повторува истата реакција. Мажот задоволно и типично балкански ќе си ги протолкува овие зборови па ќе се поднасмее, та нели е маж и ќе ја опомене жената да слуша што треба да прави, да се бои од него (бидејќи ова му одговара, па буквално си го сфаќа) и да му се покорува, иако свети Јован Златоуст ќе потенцира, каков е тој брак ако жената само трепери пред мажот? И какво е тоа „задоволство“ на мажот кој живее со жена како со робинка, а не како со слободна, а жената нешто незадоволно ќе врти очи, а сето тоа бидејќи секој си го протолкувал слушнатото како му чини. Уште ако жената е поборник на некое феминистичко движење, веднаш полемизира за подредената улога на жената во бракот, со желба да докаже преку пркосење и спротивставување на тоа устројство каде се губи љубовта, да се покаже дека може истото што и мажот (т.е да биде како маж), иако не забораваме од еден друг настан дека преку жената и нејзиното љубовно амин, дојде спасението на светот. Поради тоа на крајот од венчавката честопати чувствувам потреба да го појаснам овој дел. А сега, еве и од тука би сакал да појаснам дека станува збор само за една обична ерархија, устројување или ред.

Секаде на светов си постои ерархија (устројство, ред) па дури и во Царството Божјо кон кое како христијани се стремиме. Ерархија има насекаде во светов, од физичките и математичките закони до општеството организирано во држави, потоа во војската, во организациите, во претпријатијата, партиите, па нормално и во бракот која е основна клетка на општеството (како заедница во мало, како мала црква). Ја има насекаде и слава му на Бога што ја има. Уште подобро е, корисно и спасоносно е да функционира во љубов, и што со тоа функционирање (почит од љубов) се знае кој и какво му е местото во бракот како заедница, и чиј збор треба да биде последен, но секако понатаму и одговорен. Може да има и негодување, нормално, но кога разбираш каде ти е местото, ќе се смириш, и се ќе си дојде на свое место, но ако тоа го сакаш. Така е од создавањето на светот, па така ќе биде се до есхатолошкото исполнување на историјата. Секогаш и секаде едно тело може да има само една глава, и таа глава треба да одлучува. А секое тело што има повеќе од една глава не може да функционира нормално, и нема да може да ја оствари целта. Исто така, без глава телото не може да функционира. На венчавката ќе чуеме и тоа дека човек ќе ги остави таткото и мајката своја и ќе се соедини со жената своја и двајцата ќе бидат една плот, едно тело. Затоа и во бракот треба да има една глава, мажот, но далеку од тоа дека нема случаи кога од објективни причини жената ја презема улогата на глава во брачната заедница и семејството. Иако, слободно кажуваме, но секако тоа е одраз на погоре кажаното, ако мажот е глава, сигурно жената е столбот на кој се крепи и бракот и семејството.

Но, ерархијата нема простор и потреба да функционира кога има љубов, бидејќи едноставно, кога има љубов, па еве дури и во некоја институција, па и во бракот (како една таква институција - за социолозите) ќе има натпревар во угодување еден кон друг, а љубовта покрива многу, многу слабости. Тогаш се' би правеле, не од тоа што се плашиме од шефот во институцијата или од мажот во бракот, туку од тоа што сакаме да му угодиме за да му олесниме, да не го повредиме или нажалиме. Додека се сакаме не ги ни забележуваме слабостите на другиот, а и ако ги забележиме нема да ни пречат зашто со љубов ги надминуваме. Но, во животот се случува љубовта да залади во некои моменти, и во тие моменти ни паѓа тешко да слушаме наредби, ни пречат слабостите кои се' повеќе и повеќе ги забележуваме, па се чудиме дури и како сме трпеле некого толку време, а во исто време, тоа е истата личност што сме ја сакале и почитувале. И тогаш, само ако се сетиме на ерархијата и ако ја испочитуваме макар и сосила т.е. аскетски, Ќе се смириме па по некое време љубовта ќе се поврати. Проблемот ќе се надмине и се ќе си дојде на свое место. Но, дотогаш неопходно ни е устројството за да го надминеме периодот на отсуство на љубовта. Неопходно за спасување на многу бракови, но за жал и за земји, е преку дијалог, дијалог во љубов која подразбира одговорност и пожртвуваност, кој љуби од сето срце радосно се жртвува за љубениот (да си споменеме за совршениот пример: Христос Богочовекот).

Убаво е сите да се сакаме и се' да функционира беспрекорно. Но, рековме има и такви моменти кога не само убаво, но и задолжително ќе биде, кога ќе видиме дека нешто не оди, да се сетиме каде сме во ерархијата и да се обидеме да се помириме со тоа дека дотаму ни стигаат ингеренциите и дека некаде сме и привилегирани и да се смириме најпрво самите себе, па така да се смири и цел систем и да чекаме повторно во срцата наши да се разгори љубовта.

А кога ја почитуваме ерархијата, барем да ја почитуваме како што треба (без уцени, прескокнувања и изневерувања), за да функционира без нуспојави. Зашто секое заобиколување или искривување го изместува целиот систем. На пример, ми пречи кога со прескокнување, некого непотребно ќе го направиме важен. Се случува за да дојдеме до термин кај Премиер или Претседател да закажуваме преку обезбедувањето, до министерот преку Шоферот, а до владиката преку клисарот. Потоа ќе се чудиме како тие станале поважни од нив. Тие ќе ни бидат виновни со својот препотентен однос, а ние пак ќе си сме невини и покрај тоа што сами сме ги направиле такви по принципот да, човечки е да се греши, но уште почовечки е вината да се префрли на друг.

Митрополит Пимен Европски

Извор: весник „Дневник“