Божествена Литургија во Куманово (25.05.2009)
По повод патрониот празник Преносување на моштите на св. Николај во Бари во соборниот храм на св. Никола во Куманово на 22. 05. 2009 година, Митрополит г. Кирил во сослужение на повеќе свештеници и ѓакони ослужи света Божествена Архиерејска Литургија. На присутните верници Митрополит Кирил им се обрати и рече: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Имајќи ја Божјата милост браќа и сестри во Господа, христијани и христијанки и мили дечиња, еве преку молитвеното застапништво на патронот на овој свет катедрален Божји храм во убавиот наш град Куманово денес се собравме на заедничка молитва, да ослужиме Божествена Литургија. Ја просиме милоста од Бога да нè следи воскресенскиот Божји благослов со одлично духовно и телесно здравје не само нас, туку и на целиот христијански и македонски народ. Господ да ни дарува мир и благосостојба во нашиот град и населените места и во нашата родна и мила Македонија. Нека ни биде честит и вековит патрониот празник на свети Николај Архиепископот Мириликиски Чудотворец, а заедно со него оставено Архипастирско епохално дело, со неговите свети пораки да живееме и да векуваме и ние на овие наши од Бога благословени библиски простори. Пред малку ги слушнавме прочитаните Евангелски пораки две илјади години слушајќи ги во светите храмови ги напојуваат нашите христијански души и срца. Нè охрабруваат за да можеме да опстоиме за да можеме да ги пребродиме сите искушенија на кои што наидуваме во текот на животот во овоземната црква Христова за да можеме следејќи го примерот на светиите да се спротивставиме на сите искушенија да се спротивставиме на сите крсни распнувања.“ Потоа Митрополитот Кирил им го објасни прочитаното Свето Евангелие односно Блаженствата и се осврна на житието на Свети Никола. Посебна чест е што Митрополит Кирил го има посетено местото односно светиот храм каде што почиваат светите мошти на овој наш Светител. Многу храмови се подигнати во чест на свети Никола како и соборниот храм во Куманово, дело на нашиот голем македонски градител Андреја Дамјанов. На крајот Митрополитот порача: „Затоа длабоко да ги носиме пораките на свети Николај да го следиме неговиот животен пат за да можеме и ние еден ден да дадеме прав одговор пред Бога за сите добрини што сме должни како чеда Божји да ги правиме за нашите најблиски и најмили за вашите благородни христијански семејства за средините во кои што работите и го печалите парчето леб за градот за населените места и за добробитот и растежот и престижот и просперитетот на нашата заедничка татковина родна и мила Македонија Амин. Честит нека ние патрониот празник.“
Известува: о. Жико Тодоровски