Осветување нововозобновен македонски Божји храм посветен во чест на свети Николај Архиепископ Мирликијски – Чудотворец (16.05.2009)
На 16. 05. 2009 лето Господово во живописното гостиварско село Церово беше извршено осветување на новоизградениот Божји храм, посветен во чест и спомен на Свети Николај Архиепископ Мирликијски – Чудотворец. Чинот на осветувањето на овој нов македонски духовен бисер нанижан на светоклиментовиот духовен гердан, го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил како во сослужение на повеќе свештенослужители од Гостиварското и од Тетовското архиерејско намесништво. Да си го ќердосате и да ни биде вековит новоизградениот прекрасен Божји храм, а заедно со него да векуваме и сите ние Тоа беа татковските пораки и благопожелби на почитуваниот дедо Владика кон возлубената му богомдарувана паства. Во овој историски ден исполнет со восхит, и Божествен благодет гостиварското село Церово беше исполнето со голем број верни поклоници и искрени почитувачи на светителскиот лик на отецот Николај. Во своето свечено обраќање по повод осветувањето на новоизградениот македонски духовен бисер, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил одржа свечена пригодна беседа и меѓу другото рече: Еве уште еден нововозобновен македонски Божји храм. Еве уште едно запалено македонско верско сенародно светоклиментово кандило. Денес е еден од најголемите доживеани историски настани и празници за сите Вас што живеете во ова прекрасно бисерно село Церово. Да се радуваме и да се веселиме духовно и национално, зашто и овој голем историски ден – светоден, навистина Господ ни го дарува за да се зарадуваат и да се развеселат нашите души, за да се исполнат нашите срца со хвалебни песни кон воскреснатиот Христа Господа, кон Свети Николај архипастирот Мирликиски – Чудотворец, Вашиот патрон, вечен молитвеник и застапник пред Бога за Ваше и на Вашите рожби целосно животно преуспевање и вечна радост, та со чиста и искрена љубов да се вдахновуваме кон се што е наше светомамакедонско, вечно и неотуѓиво. Браќа и сестри, храмот е дом Божји, училиште на верата и благочестивиот живот на верниците. Храмот е видливо небо на земјата. Во него невидливо живее самиот Бог, создателот на небото и земјата. Спасителот наш Господ Исус Христос вели: „ Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум Јас посред нив“ ( Мт. 18, 20 ). Убавината и чистотата на Светиот Божји храм, кој го создале и беспрекорно го одржуваат чист благородните христијани, е олицетворение на нивниот примерен домакинлак и на чистотата и убавината на нивните души и срца. Затоа усрдно Му се молиме на Бога да бидат вечно благословени и преблагословени имињата на сите Вас и на Вашиот македонски род и пород и на овие прекрасни простори. По чинот на осветувањето на ова велелепно македонско духовно светилиште, почитуваниот дедо Владика на сите присутни верници им даде по едно парченце од осветената владичка кошула. Според воспоставената традиција вообичаено при вакви свети и торжествени настани, и овој пат во и во селото Церово, беше извршено јавно наддавање ( лицитација ) на црковниот дрвен чекан и дрвениот црковен клуч, при што по Божјо провидение дрвениот црковен чекан му припадна на г. Слободан Николоски, а дрвениот црковен клуч му припадна на г. Тони Стефанов, и истите нека им го донесат Божјиот благослов и нека векуваат во нивните благочестиви димови. Како најголем донатор и истакнат трудбеник ова свето здание да блесне во сиот свој сјај и убавина и ова богоугодно дело да биде доведено до крај, на овој историски и свет настан беше потенцирано името на г. Боро Атанасовски со своето благочестиво семејство. Него, како и сите други активни трудбеници и творци на вакви и слични благочестиви дела Севишниот Господ Бог, изворот на љубовта нека ги дарува со неизмерни благодатни дарови и евангелска љубов. Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор