Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на патрониот празник на свети Атанасиј во Лешочкиот манастир (29.05.2009)

На 17. 05. (недела) 2009 лето Господово, во живописното тетовско село Лешок, во прекрасниот Лешочки манастир, со Света божествена архиерејска Литургија и оваа година, традиционално, беше чествуван манастирскиот патронен празник „ Свети Атанасиј –летен “, посветен во чест и спомен на пренесувањето на светите мошти на свети Атанасиј архиепископ Александриски. На Литургијата, која започна во 08:30 часот, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил, во сослужение со повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво.

По Божјо провидение, на оваа Света божествена архиерејска Литургија, покрај поголемиот број на верници, свое молитвено присуство остварија и естрадната уметничка од Тетово госпоѓата Светлана Радевска заедно со нејзиниот сопруг и синовите Игор и Бојан. Додека пак по повод патрониот празник на манастирот оваа година Лешок го посетија и градоначалникот на општина Тетово г. Сади Беџети и градоначалникот на општина Теарце г. Исен.

Свечена празнична беседа по повод чествувањето на патрониот празник на Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“, одржа надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил, кој обраќајќи се кон присутните верници  меѓу другото рече:

                    

ВО ИМЕТО НА ОТЦА И СИНА И СВЕТИОТ ДУХ!

 

Браќа и сестри во Господа,почитувани гости и пријатели на нашата света Македонска православна црква

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ !

 

Радоста што извира од искреното, молитвено, братско и сестринско христијанско другарување ги храни, ги освежува и ги оживотворува нашите души и срца и не исполнува со безгранична среќа. Не прави да бидеме почовечни, не прави да бидеме похумани.

Топло и со најискрени братољубиви, архипастирски чувства на длабока почит, Ве поздравувам, сите добредојдени на ова наше молитвено празнично чествување на големиот архипастир, Светиот Атанасиј Велики, архиепископот Александриски. Светата служба ја посветивме во чест и спомен на пренесувањето на моштите на Свети Атанасиј и големиот број чудеса што се случиле при тој настан. Голем број болни и безнадежни очајници, кои Господ Ги удостоил да се допрат со силна вера до светите целебни мошти, добиле исцеление од тешките телесни и душевни болести.

Во ваквите празнични молитвени мигови браќа и сестри во Господа, кои како христијани ги доживуваме како голем Божји дар, на најубав начин ја осознаваме и ја вдишуваме вознесенската светлозрачност на Христовото Воскресение.

Македонското православие, со својот творечки елан, е духовно огниште од кое зрачеле со векови творечки импулси, за надградба на моралниот лик на Македонецот во сите области на културно – просветното и духовно созревање и осознавање, и создавање на епохални дела, значајни не само за македонскиот народ, туку и за сите словенски народи, дури и пошироко.

Дарот на културното богатство создадено на просторот од нашата родна и мила татковина Македонија е голем: писменост, духовност, книжевност, грандиозни градителства на сакрални молитвени објекти, сликарство, музика, песна, фолклор и специфична традиционална православна животна философија на нашиот благороден македонски народ.

Делата како и духовната и материјалната култура на македонскиот народ и на Светоклиментовата Македонска Православна Црква, се неизбришливи и вечни. Македонскиот народ отсекогаш бил и останува да биде достоен, славен и горд на своето за жал повеќе макотрпно и ропско, отколку славно и среќно многустолетно историско минато.

Добрите дела, браќа и сестри во Господа, се добро огледало за еден народ, за да бидат насекаде видени и чуени. Затоа  да создаваме што повеќе добри и хумани дела. Да го посветиме животот на она што не прави да бидеме горди македонски синови и ќерки и примерни христијани. Да се клониме од лошото, од непријателствата и од омразата, бидејќи тие претставуваат и се најстрашниот отров на светот.

Љубовта Христова и силниот, искрен, нелицемерен патриотизам прави чуда. Тие  се семоќни. Свети ап. Павле, кој чекорел и го сеел евангелското семе по светата библиска и апостолска македонска земја, ни порачува: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи“. Човекот проникнат со љубов не мисли зло; не завидува и се радува на успесите на другите.

Во отсуство на љубовта, се раѓа омразата која води кон  црковно и национално неединство. Делува разорно на нашиот сеопшт македонски организам и го ослабува нашиот заеднички црковен, национален и државотворен организам. Само ако бидеме проникнати со христијанската љубов и чесен патриотизам, ќе можеме да јакнеме во љубовта кон татковината, кон нашиот македонски народ, кон нашата Света Црква  и кон сите народности, со кои што Господ не насадил да живееме на просторот во родна и мила Македонија.

Божјата вечнoст и светлина, ние Македонците ќе можеме да ја доживееме во сегашноста, доколку сме успеале преку силното единство да создадеме што повеќе добри и трајни епохални дела, за својот народ, за својата државата и Светата Црква. Дела хумани – угодни на Бога. Само така ќе можеме да ја сочуваме вечноста на Македонија и на македонскиот народ, а со тоа и светоста и вечноста на Македонска православна црква.

Божјата воскресенска светлина вечно нека зрачи во нашите души и срца и во нашите христијански домови. АМИН !

На оваа Света божествена архиерејска Литургија со своето ангелско пеење и со својот докажан уметнички квалитет, настапија членовите на женскиот младински хор „Менада“ од Тетово, под диригенско водство на маестро Ивица Зориќ. Празнувањето продолжи со културно уметничка програма, на која  настапија  повеќе културно уметнички друштва и естрадни пеачи од нашата република.

 

           

 

         

 

        

 

         

 

 

                                     Подготвил:

                       свештеник: Жарко Мицковски, професор