Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот на светите Кирил и Методиј во Тетово (24.05.2009)

Со служење на Божествена Архиерејска Литургија и свечен концерт на хорски духовни песни вчера во Тетово со најголема побожност беше извршено свечено чествување на денот посветен во чест и спомен на сесловенските просветители и учители солунските браќа рамноапостолните Свети Кирил и Свети Методиј. На Светата Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. Оваа година чествувањето на денот на светите рамноапостолни браќа имаше посебен – јубилеен карактер, бидејќи реномираниот женски младински хор „Менада“ од Тетово токму на овој ден одбележуваше 20 годишен јубилеј од својот прв концертен настап во велелепниот катедрален храм „Св. Св. Кирил и Методиј“. Инаку вообичаено како во сите позначајни моменти од црковните чествувања во Тетово и овојпат реномираниот женски младински хор „Менада“ настапи со фантастичните ангелски гласови на своите амбициозни и високоталентирани членови, под диригентската палка на основателот на овој реномиран хор Маестро Д- р Ивица Зориќ. При вчерашниот настап на хорот „Менада“  на Светата Литургија чие пеење ја галеше душата и се извишуваше како молитвено кадило пред Господа, не можевме а да не се почувствуваме свето и возвишено исполнети со блаженство и восхит.


Неговото Висикопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил по повод чествувањето на светите рамноапостолни браќа Свети Кирил и Свети Методиј пред големиот број верници одржа свечена празнична беседа и меѓу другото рече:


„Браќа и сестри во Господа,


Ние овде, во овој наш величествен катедрален храм, молитвено се поклонивме пред светите ликови и големото епохално дело на рамноапостолите Солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј, дарителите на азбуката, на културата, на просветата и на се што е добро и што не прави денес да бидеме она што сме биле и што сме, верни и примерни чеда на Македонија и на нашата Света Македонска Православна Црква.


Во овој возвишен празничен миг, делегација на Светиот Архиерејски Синод и на нашата суверена држава, во името на целиот македонски род, со најдлабока почит и љубов се поклонува пред моштите и гробот на големиот наш молитвеник, учител и просветител Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во вечниот град Рим. Овој град во неговите пазуви повеќе од 11 векови ги сохранува моштите и гробот на Свети Кирил Солунски.

Денес го чествуваме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј. Задоволство е што, како чеда на Македонија, можеме со гордост да нагласиме дека овие горостасни фигури се изникнати од пазувите на македонскиот народ. Ние сме нивните потомци, насленици, следбеници и продолжители на делото на нивните најдаровити ученици Свети Климент и Свети Наум.


Затоа со најголема побожност се поклонуваме пред нивните светителски ликови со изрази на должна и трајна благодарност. Нивното просветителско и учителско дело за нас е голем и скапоцен дар што ни помогна, во натамошното наше опстојување, да ги пребродиме тешките многустолетни макотрпни искушенија низ кои минувавме во нашата црковна и национална историја.

 

Браќа и сестри, 

 

Корените на покрстувањето на македонскиот род се двомилениумски. Пред масовното покрстување во средновековието тие не водат во времето на Свети Апостол Павле, Сила, Тимотеј, Лука и други кои што другарувале со Спасителот Господ Исус Христос, и го проповедале словото Божји на македонските простори. Нивното фрлено семе го оплодотвориле нашите рамноапостоли Солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј и нивните најдаровити ученици основоположниците на нашата Света Црква. Уште повеќе нашето име го зацврстиле во Светото писмо во Библијата.



Библијата е широката врата низ која ние христијаните влегуваме во праведниот духовен, телесен и материјален живот. Во неа наоѓаме одговор на сите прашања што се однесува до нашето битие и до битието на целиот универзум. Нашиот народ требаше да минува повеќе од еден милениум тешки пеколни искушенија, за да дочекаме, со Божја милост, повторно да бидеме огреани од сонцето на слободата, а нашата Света Македонска Православна Црква да и го продолжи благородниот пат на Светоклиментовата Охридска Архиепископија, која беше неканонски и од иноверната турска власт укината во 1767 година.


Даде Господ, нашиот народ пред шест децении, по Вториот Илинден ја поврати слободата.

Низ какви ли се премрежија не требаше да минува нашиот народ. Древниот наш Охрид, во кој пред илјада години работеше првиот словенски Универзитет низ кој поминаа преку 3. 500 ученици, народот што ја имаше големата заслуга за просветата и книжнината на сите словенски народи, ја живееше најтрагичната судбина. Тој народ трбаше последен повторно да се ослободи и последен такаречи повторно да зачекори во ризницата на слободно културно и цивилизациско национално и духовно живеење и творење. Ами даде Господ и воскреснавме повторно за ново и праведно слободно државотворно, национално и црковно – духовно живеење.

 

Учењето и мудрите филозофски и спасоносни евангелски пораки на светите браќа Кирил и Методиј се уште потребни и актуелни и денес за нас и пошироко за луѓето и народите. Тие не вдахновуваат за да бидеме човечни, дружељубиви, правдољубиви и мирољубиви. Човекот да биде брат со другиот, а државните граници се помалку да ги делат разделените браќа и сестри по дух и по крв, да ги делат среќните и несреќните.


Нашиот пат низ долговековното историско минато повеќе бил трнлив, тежок и макотрпен, одошто среќен и радосен, но, достоинствен.


Нашата грижа за нашата младина треба да биде многу поизразена. Во овие узбуркани времиња со наплив на разни кривоверни еретички пропаганди и учења, за жал дел од младите застрануваат во нив, закрилата ќе ја најдеме во Црквата Христова која полни 2008 години била и останува да биде до крајот на времето, единствениот сигурен брод за нашето спасение, зашто само Неа – Црквата „Вратите на пеколот, на ѓаволот, не можат да ја надвладеат “ (Мт. 16, 18).


Нашите родоначалници – светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици – Свети Климент и Свети Наум, со своите феноменални дела претставуваат неисцрпни животворни врутоци. На нив им ја должиме нашата средновековна преобразба: писменост, книжнина, култура и христијанска вера. Благодарение на сите нив и на нивните создадени епохални дела, за нашиот македонски христијански род, средновековието со гордост го сметаме за наш златен период.


Преку нивните создадени и дарувани епохални дела Македонија – нашиот народ и Светоклиментовата Црква се издигнаа во пантеонот на сечовечката цивилизациска историја. Мораме да се трудиме да се познаеме уште подобро себеси. Да проникнуваме во длабините на нашите веродостојни сопствени историски корени. Да ги отстраниме секаквите штетни пропагандни влијанија кои го нарануваат македонското ткиво, а доаѓаат од надворешните и внатрешните душмани, предавници и одродници – продадени души за малку пари. Во нашето единство е нашата сила и гаранција за вековито опстојување на нашите свети простори и како народ и како суверена држава и црква.

Да им се молиме на нашите рамноапостоли тие вечно молитвено да се застапуваат за нас пред Бога.


Нека ни биде честит и вековит празникот на македонската и сесловенска: просвета, книжнина, култура и наука. Празникот на нашите горостасни молитвеници, вечно живите пред Бога светите рамноапостолни солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј. АМИН!

 

Исто така, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил  во своерто обраќање, на сите верници им го честита големиот јубилеј, 60 годишнината од формирањето на Универзитетот „ Свети Кирил и Методиј “ во Скопје.


Мила гледка на оваа Света божествена архиерејска Литургија претставуваше тоа што многу верни тетовчани ги приведоа своите дечиња да ја примат Светата Причест од раката на возљубениот свој дедо Владика и да се соединат на тој начин со Христа. Вообичаено и овојпат почитуваниот Митрополит г. Кирил неизостави да ги израдува најмладите свои духовни чеда дарувајќи им осветени крстиња, кои им причинуваа неизмерна радост.


По отслужената Света божествена архиерејска Литургија реномираниот женски младински хор „ Менада “ во катедралниот храм „ Св. Св. Килил и Методиј“ одржа свечен концерт на духовни песни, кои беа проследени со најголемо внимание и восхит од сите верници.


Според најавената програма на овој свечен јубилеен концерт беа изведени следните композиции:

1. М. Ренџов: “ Рождествена песна “

2. С. Бабеков: Херувимска песна бр.3

3. С. Голабовски: Глас
VIII  по И. Х. Димзов

4. Д. Христов: “ Тебе поем “

5. Т. Скаловски: “ Величанија Кирилу и Методију “

6. А. Ведел: “ Сеј ден “


ГЖХМ „ Менада “ од Тетово, го основал Д – р Ивица Зориќ во 1981 година. На својот репертоар хорот негува композиции од нај различни стилови и епохи. Композициите со православна духовна музика се застапени на репертоарот на хорот при настапите во Р.Македонија и во странство. Досега хорот имал окулу 200 настапи со духовни композиции. Многу композитори своите дела ги посветиле на хорот „ Менада “ и неговиот диригент Ивица Зориќ. Својот прв концерт со духовни композиции хорот го одржа на 24. 05. 1989 г. во соборниот храм „ Св. Св. Кирил и Методиј “ во Тетово со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил.

Покровител на овогодишните јубилејни чествувања на денот на сесловенските просветители рамноапостолноите браќа Свети Кирил и Свети методиј е Полошко – кумановската Епархија на чело со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил кој заедно со својата паства го чествуваше и својот именден, како и Тетовското архиерејско намесништво.


На многаја лета нака Ви е именденот почитуван Дедо Владика!

 

        

 

       

 

       

 

       

 

      



                                             Подготвил:

                             свештеник Жарко Мицковски, професор