Празнување на Духовден во Гостивар (10.06.2009)
Со служење на Света божествена aрхиерејска Литургија, во Неделата, на 07. 06. 2009 лето Господово, во катедралниот храм Пресвета Богородица во Гостивар, беше чествуван денот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите – Духовден. На Светата Литургија на која молитвено кон Бога се обратија голем број гостиварски верници, чиноначалствуваше надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение со повеќе свештеници од Гостиварското архиерејско намесништво.
Убавиот сончев ден кој Бог ни го дарува, како и торжествениот карактер на празничното чествување го поттикна убавото расположение кај сите верници, особено кај најмладите.
Според востановениот православен обичај, на Духовден во црквите се врши осветување на млади и зелени оревови гранчиња и истите на свечен начин им се разделуваат на верниците за врз нив да слезе Божјиот благослов и да ги просвети Светиот дух. Всушност формата на оревовиот лист е најсоодветна и најмногу наликува на оние огнени јазици, во каков вид според сведоштвото на светиот ап. Лука во книгата „ Дела на светите апостоли “ на денот Педесетница Светиот Дух слегол врз Христовите ученици – апостолите.На тој начин се исполнило врз нив Христовото ветување кое што Синот Божји им го дал на своите ученици непосредно пред да се вознесе на небото кога им рекол: „ Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух...ќе примите сила кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до краиштата на земјата (Дела 1, 4 – 8 ).
Во книгата „ Дела на светите апостоли “ каде што е запишано и каде што е посведочен овој настан од ап. Лука читаме:„Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветер, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нов, И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик ( народ ) под небото“ ( Дела 2, 1 – 5 ). Тогаш светиот ап. Петар во својата прва проповед им се обратил на дојдените во Ерусалим Партјани и Мидјани, Еламити и Месопотамци, Јудеи и Кападокијци, на луѓето од Понт и Азија, од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија и на дојдените Римјани. Тој во својата проповед им говорел на сите дека денес се исполниле пророштвата на пророкот Јоил и зборовите на прататкото царот и пророк Давид кои што сите ги почитувале. Оние кои што од срце ги примиле неговите зборови поверувале во Христа и тој ден се крстиле околу три илјади души. Всушност поради овој свет настан Светата Педесетница или празникот Духовден претставува роденден на Црквата Христова од кога и се пренесува апостолското преемство врз апостолските наследници. Од овој ден, па понатаму, започнуваат да се формираат и првите христијански јадра, односно првите мали црковни општини, како основни клетки на денешната Црква Христова, бидејќи понатаму во книгата „ Дела на светите апостоли “ за оние кои биле тогаш крстени се вели: „ И беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите (Дела 2, 42).
Подготвил:
свештеник Жарко Мицковски, професор