Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (25.06.2009)

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на 24 и 25 јуни одржа редовна летна сесија, во полн состав, на која, покрај големиот број на тековни прашања од животот на Црквата, ги разгледа годишните епархиските извештаи на надлежните епархиски архиереи и истите ги прифати.

Синодот му посвети и сериозно внимание и на соопштенето од Соборот на Српската православна црква, како и на изјавите на епископот Бачки г. Иринеј со кое ја навестува можноста за продолжување на дијалогот помеѓу Македонската и Српската православна црква, на што Синодот ќе одговори со свој конкретен предлог.

Согласно духот на меѓународните декларации и конвенции за човекови права, правото на самоопределување и изразување на сопствениот идентитет е неприкосновено и како такво не зависи од генетско-биолошките условувања. Токму затоа, Синодот смета дека е беспредметна секоја расправа која предизвикува поделба околу тоа дали ние сме со античко, словенско или друго потекло. Ние сме Македонци!

На овие простори повеќе од евидентна е конзистентноста и континуитетот на христијанската култура и идентитет уште од времето на светиот апостол Павле, преку свети Климент Охридски - наречен од поглаварите на древната Охридска архиепископија како втор апостол Павле, па сè до денес. Сите конститутивни елементи кои го сочинуваат битот и историскиот идентитет на македонскиот народ се втемелени и преобразени во Христијанството, за да низ вековите бидат инкорпорирани во христијански идентитет, кој е толку многу карактеристичен за она што ние денес сме.

Светиот архиерејски синод уште еднаш изразува жалење заради укинување на веронауката во образовниот систем и дава поддршка на Министерството за образование за воведување на предметот етика на религиите како изборен предмет во редовното образование.

Синодот се оградува и ги осудува сите насилни дејствија како начин на решавање на прашањето за градење или неградење на црква на плоштадот Македонија” во Скопје и воедно изразува загриженост за создавањето на јавно мислење за отпор кон возобновување на црквата Свети Константин и Елена” во центарот на градот, потсетувајќи дека сето она што ни е блиску - го лоцираме во центарот, а не на маргините на нашето битисување.   

Во пресрет на големиот јубилеј - 1100 години од упокојувањето на свети Наум Охридски, МПЦ во соработка со МАНУ ќе организира меѓународен научен симпозиум за животот и делото на светителот.

   

 

КАНЦЕЛАРИЈА НА САС НА МПЦ