Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинденско послание (01.08.2009)

† СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО

И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

 

 

Да стоиме во слободата со која Христос нè ослободи и да не се подаваме пак под ропски јарем... Во светот ќе има маки, но да не се плашиме, зашто Он го победи светот (спореди: Гал. 5, 1 и Јован 16, 33)

 

 

Возљубени во Господа,

Скоро три милениуми нè делат од времето на најнеобичниот пророк кој живеел на земјава, по многу нешта единствен и толку посебен и исклучителен, та Бог решил на чудесен начин жив да го земе на небесата. „Огнениот пророк“ - така е нарекуван старозаветниот богоугодник и богогласник свети Илија, поради огнените кочии на кои се вознел, поради божествениот оган од небото со којшто ја потврди својата победа врз незнабожечките жреци, но најмногу поради пламената вера и незгасливата ревност кон Бога. Впрочем, самото негово име – „мојот Бог е Господ!“ - веќе го насочило животниот пат на светиот пророк, постојано и неуморно да Го исповеда Бога, како единствен вистински Бог и Господ. А единствениот и вистински Бог и Господ ги запечатувал и потврдувал со сила сите Илиеви дела, така што пророкот дури и мртви воскреснувал.

Свети Илија не е само пророк-исповедник, ревнител во молитвата; тој е и пророк-пастир. Знаел искрено да сочувствува со тешкотиите на својот народ, да се бори за живот, а не за смрт, да го утврди мирот, наместо прогонствата, ставајќи се секогаш во одбрана на немоќните, понижените и угнетуваните. Пророкот никогаш не се двоуми, туку при секоја прилика решително и јавно го подига својот глас против насилничката злоупотреба на моќта од страна на тогашниот цар, кого зависта го натерала да го посака лозјето на соседот Навутеј, иако го имал целото царство, да го убие и да му го грабне имотот.

Ете, зошто нашиот народ го зема свети Илија како пример на борец за праведна цел, па, на неговиот празник - Илинден, поревнува во борбата за еден слободен и праведен свет, свет во кој секој ќе биде свој на своето, свет во кој сите ќе живеат во мир и меѓусебна почит, затоа што слободата може да биде само праведна.

Вистинската слобода поскоро ќе се согласи да биде распната отколку да распнува, таа е свест дека слободата во неправедност престанува да е слобода... Вистинската слобода не знае за неправда, непочит и насилство, затоа што е дар од Светиот Дух, и расте со Духот Свет, од Него водена преку светите тајни и добродетелите. Како што рекол светиот апостол Павле: „Господ е Дух... а каде што е Духот Господов, таму е и слободата”(2 Кор. 3,17), а „плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост“ (Гал. 5, 22-23). Тие доблести треба да ги има вистински слободниот човек, човекот кој најнапред лично, во длабочината на сопствената душа, извојувал победа над гревот и злото.

 

Возљубени потомци на славните Илинденци,

Не постои само една битка за слобода! Кога еднаш слободата ќе се освои, всушност, започнува борбата за нејзино зачувување, борба која не е ниту полесна, ниту помалку одговорна. Човекот е најсложеното и најнеодгатливо создание, соткаено од небесното и земното, духовното и материјалното, од смртното и бесмртното, од временото и вечното. Распнат меѓу два света, тој е постојано искушуван и напаѓан од сите страни, и однадвор и одвнатре. Во таа борба за да ја зачува сопствената слобода се случува нашето лично преобразување, коешто е долг и непрекинат процес, „сѐ додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота” (Ефес. 4, 12-13). Господ ни ја дарил сепобедната сила во слобода и љубов, та да го остваруваме тоа за што сме создадени.

Слободата од гревот, злото и смртта, е дар на големата сепобедна Христова жртва, а нашата слобода од туѓинските ропства и поробувања е заслуга на небројните родољубиви жртви на македонските рожби во сите доилинденски и поилинденски денови. Затоа нашата одговорност е уште поголема во вистинското вреднување и запазување на даруваната ни слобода. 

 

Возљубени празникољупци - чеда на Мајката Македонска Црква,

Илинден од 1903 година, во нашата народна свест внесе евангелска вистина, дека секој што ќе тргне по патот Христов, по патот на правдата и вистината, ќе треба да го носи и својот крст, да трпи страдања и распнувања. Дури потоа доаѓа воскресението, доаѓа слободата. Во настанот од раното илинденско утро во Крушево беа збрани сите македонски стремежи и копнежи за слобода и правда - на маченикот Карпош, на јунаците во Разловечкото, Кресненското и во сите буни и востанија. И трае, за жал, таа наша борба и денес, зашто мораме да ја браниме правдата за Црквата наша Охридска и Македонска, за Татковината наша Македонија, поделена и раселена, за нашето име, за нашиот идентитет, за јазикот наш и за сè што е наше, македонско.

Слободни во Христа, во Кого единствено ја полагаме нашата надеж, не можат да нè уплашат нападите однадвор, со кои бессрамно посегаат по нашите духовни и национални посебности и вредности, како по туѓи лозја, и нечесно ја злоупотребуваат овоземната моќ и сила за наше разнебитување и обезличување. Тие како да немаат повеќе Божји образ во себе, па заборавија дека, како чеда на еден ист Адам, сите сме потполно еднакви пред Бога. Такви се, за жал, и оние одвнатре, кои, во име на божемна демократија, се подготвени да отстапат на секакви барања, само за лични и овоземни интереси. Тие истите и понатаму се обидуваат да ги прогонат и Бога и Црквата што е можно подалеку.

Светиот пророк Илија, тој гигант на верата и исклучителен Божји сведок, со својот живот покажал дека само на Бога Му должиме доверба и послушност и дека во Него треба да го имаме единствениот критериум за правичноста и вистинитоста. Уште повеќе, што нашиот подвиг за запазување на слободата во правда и вистина, и по трите Илиндени, сѐ уште трае.

По молитвите на свети Илија, Вистинољубивиот и Сеправеден Господ да нѐ благослови со Својата милост, та илинденските чествувања во праведен мир и вистинска слобода - никогаш да не престанат. Амин!

 

 

 

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

† СТЕФАН

 

ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД:

  КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски

  ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и

  администратор Австралиско-новозеландски

† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски

† НАУМ, Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН, Митрополит Европски

  ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

† ГОРАЗД, Поранешен Митрополит Европски

† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

 

Илинден, 2009 Лето Господово