Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Успение на Пресвета Богородица во Лешочкиот манастир (28.08.2009)

Во петокот на 28. август во славниот Лешочки манастир „Пресвета Богородица и Свети Атанасиј“ бројно и со најголем пиетет и особено молитвено расположение беше чествуван еден од поголемите и позначајни празници во Светото православие, празникот Успение на Пресвета Богородица.

Чествувањата на овој значаен настан од свештената историја на Православниот христијански род започнаа уште на 27. август, во доцните попладневни часови, со служење на празнична вечерна богослужба на која чиноначалствуваше надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение на свештениците од Тетовското и од Гостиварското архиерејско намесништво.

Но мораме да потенцираме дека оваа година празничната вечерна богослужба на патрониот празник на Лешочкиот манастир има посебно значење и носи своевиден историски белег бидејќи токму оваа квечерина после долги години уште еден неуморен Христов војник го отвори своето срце како лотосов цвет жеден за благодатна роса љубејќи го Бога. Токму во навечерието на патрониот празник, протоереј – ставрофор Димитрие Крстевски, старешината на манастирот, сега веќе еромонах Теодосиј родум од тетовското село Глоѓи, откажувајќи се од светот се облече во ангелски образ, давајќи монашки завет и примајќи монашко потстрижување во Мала схима од светата десница на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил. И навистина мило за увото и восхит на душата беше после толку многу години во Лешочката обител да се чуе она духовно, борбено и мартириолошко прашање : Како ти е името брате?На ангелите на радост а на демоните на пораз !

Не помала беше радоста и од фактот дека во Лешок со неколку илјади поклоници повторно потече големата македонска поклоничка река создадена од верници од сите возрасти пристигнати од сите краишта на нашата родна и мила Република Македонија и од дијаспората.

Додека пак во петокот на 28. август по повод патронското чествување во Лешочкиот манастир беше отслужена празнична утринска богослужба и Света божествена архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил. На оваа Света божествена архиерејска Литургија Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил го изврши чинот на хиротонија во свештенички хиерархиски степен на досегашниот ѓакон г. Александар Стојановски, завршен богослов и дипломиран теолог од Гостивар. За време на Светата Литургија во своето обраќање кон присутните  верници Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил меѓу другото рече: „Во химната посветена на Пресвета Мајка Богородица е речено: „Со успението светот не си го оставила Мајко на Животот и со твоите молитви ги избавуваш од смрт нашите души“. Господ Исус Христос сакајќи неговата Пресвета Мајка да биде што поблиску до него на третиот ден после нејзиното упокојување и по погребението во Гетсиманската градина, Пресвета Богородица ја воздигнал во небесните височини да биде од неговата десна страна. Зошто се потсетуваме на овие големи спасоносни настани од историското постоење на нашата Пресвета Мајка Богородица? Зошто го чествуваме нејзиното успение или нејзиното заспивање (преведено на литературен македонски јазик)? Затоа што за Бога и пред Бога нема мртви, ами сите се живи. Ние кои сме тука, сме членови на овоземната Црква, а упокоените пак се членови на небесната Црква Христова. Христовото воскресение, вознесувањето на Пресвета Мајка Богородица, на Свети Илија и други пророци претставува праслика и за нашето вознесение во рајските предели кај Бога откако ќе се исполни времето и откако ќе се преселиме во небесната Црква Христова се  до второто пришествие на Спасителот Господ Исус Христос “.

Оваа година во Легендарниот лешочки манастир во рамките на патонските празнувања се одржа и петнаесетиот по ред јубилеен Тетовски фолк фест на песни со печалбарска, чалгаџиска, љубовна и патриотска содржина исполнети од наши реномирани естрадни уметници. Во рамките на овој јубилеен Тетовски фолк фест на сите присутни им се обрати и ги поздрави и ги благослови Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил.

Оваа година по повод патрониот празник Успение на Пресвета Богородица, Лешочкиот манастир го посетија и претставници на државниот врв и со своето молитвено присуство ги зголемија празничните чествувања Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Велјаноски, пратеничката во Собранието на Република Македонија г-ѓа Наташа Јаневска, градоначалникот на Тетово г. Сади Беџети, како и претставници на македонската дијаспора предводени од г. Тврде Стамески, како и гости од Канада.

И оваа година благодарение на Божјата милост, убавото време и пријатниот амбиент во оваа наша Македонска Света Гора на Лешочки манастир беа причина чествувањата на празникот Успение на Пресвета Богородица да продолжи со народна веселба до доцните вечерни часови.

 

           

 

                              

 

             

 

             

 

            

 

            

 

            

 

 

                                          Подготвил: свештеник Жарко Мицковски