Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот на светиот отец наш Јоаким Осоговски во Крива Паланка (27.08.2009)

Како и секоја година, така и ова 2009 лето Господово, во македонскиот Сион, почнувајќи од 27 август па се до 29, започна чествувањето на празниците на закрилниците и застапници пред Бога, Пресветата Богородица, чие Успение пред Бога го слават небесните воинства и сите православни хрстијани и споменот на Преподобниот отец наш Јоаким Осоговски Чудотворец.

Уште во пладневните часови на 27 август, пред самиот почеток на вечерната богослужба, манастирот беше исполнет со побожните поклноници од Крива Паланка и од соседните градови, па дури и од соседните држави кои беа дојдени само со една цел, да се поклонат на светите мошти на преподобниот и заедно со чесното свештенство и со подршка на певницата, која преку источното црковно пеење ги вознесуваше своите и молитвите на народот, дојдени  да се помолат за телесно здравје, прошка на гревовите и душевно спасение за себе и за своите ближни.            

Утредента, на 28 август, со вознесенско воскресенска радост, чесното свештенство од Кривопаланечкото архиерејско намесништво, подржано од побожниот народ, кој од сите страни како река се слеваше во манастирот, ја отслужи светата Божествена литургија на светиот Јован Златоуст, на која народот во завиден број, по завршувањето на Богородичните пости кои покрај Велигденските пости се најпочитувани во овој крај, после возгласот со страв Божји, вера и љубов пристапете, пријдоа да ги примат чесното тело и крв Христови.

Во вечерите часови, додека духовно соединети преку молитвите на вечерната богослужба, побожните поклоници со страв Божји и сокрушеност, заедно со свештенството се молеа на светиот закрилник Јоаким Осоговски,  пристигна Неговото Високопреосвештенство митрополитот  Полошко-кумановски г-дин Кирил.

Во мугрите на 29 август, уште пред да започне светата Литургија, манастирот беше полн со побожните мирјани, кои заедно со чесното свештенство и христовото ѓаконство, беа собрани единодушно да го пречекаат доаѓањето на митрополитот, кое беше проследено со возбуда и радост. Откако беше пречекан во манастирската црква  со многулетсвтвие, и ги облече светите одежди, во  чин чтец, од светата десница на митрополитот, беше произведен завршениот богослов и студент на Богословскиот факултет  Дејан Апостоловски. Потоа беше отслужена Литургијата на светиот Јован Златоуст на која Неговото Високопреосвештенство  благоволи да ја искаже следнава проповед: 

Закрилувани молитвено од Бога и од светиот Јоаким Осоговски Чудотвотец, се помоливме на Бога, и синоќа и денес за добро душевно и телесно здравје за целиот наш богољубив македонски народ кој живее по сите меридијани на земјината топка, за сите молитвеници што помилуваа да дојдат во прегратките на ова наше древно големо македонско светилиште, многустолетен чувар, колку на црковно – духовниот, не помалку и на националниот, на културно – просветниот бит и силна потврда за нашиот библиски македонски род, потврда за нашата света црква со апостолско преемство, потврда и за вечност на нашата родна и мила татковина Македонија. Пак и пак ќе се помолиме за мир и благосостојба во вашите домови, Господ да не проникнува со љубовта која што ја имаше нашата заедничка духовна мајка Пресвета Богородица, чиј празничен ден го чествувавме завчера и вчера во древниот манастир посветен во нејзина чест и слава, во со гордост наречената Подшарпланинска света гора, каде што има три светилишта. Храмот посветен на Пресвета Богородица од 14 век, изграден на уште постари, древни темели, темели чии што почетоци ги имаме уште од времето на апостолите, од времето на св. ап. Павле, кој што по видението што го имал, во кое му се јавил маж Македонец, кој го повикал да дојде во Македонија за да го проповеда спасоносното Слово, дошле во Македонија, ја покрстиле и првата македонка св.Лидија, па во средновековието, целосен процут за време на рамноапостолите солунските браќа св. Кирил и св. Методиј, создателите на големото епохално дело, особено на делото кое што го продолжиле нивните најдаровити ученици св. Климент,  основачот на првиот Словенски универзитет низ кој поминале околу 3500 ученици и основоположник на древната и славна Охридска  архиепископија, св. Наум, основачот на монашкиот живот,  и континуирано следејќи го нивниот пример, нивната вера, таа непресушна вистина, таа љубов која што нема граници, нашиот однос кон сите луѓе, љубов која што бликаше од душата на нашата заедничка мајка Пресвета Богородица, од душата на св. Јоаким Осоговски и од сите светии, даја преточиме во дело, љубов кон татковината, љубов кон нашата света православна црква, кон нашата вера, љубов неизмерна, нелицемерна меѓу брачните другари, љубов кон вашите семејства, љубов кон вашите рожби кои Господ Ви ги дарувал, зашто нема поголемо богатство од тоа, ако сакаме да опстоиме како народ. На таков начин, преточувајќи ги во дело пораките на светиите ќе ја обезбедиле вечноста и на нашиот македонски народ, вечноста на нашата суверена држава и автокефалниот статус на нашата македонска, светоклиментова православна црква.

Светата Мајка Богородица и св. Јоаким Осоговски молитвено да не застапуваат пред Света Троица, за да не следи Божјиот благослов, за добро здравје, за мир, слога и разбирање, да се клониме од секакви кавги и недоразбирања, бидејќи кавгите носат само болест и сиромаштија. Затоа велам, Господ Исус Христос нека не вдахновува, нека не умудрува да правиме добри дела, за добробитот на нашата сакана татковина и нашиот богољубив народ, на нашата света црква, за и тие да живеат и да творат вечно за нас и со нас. Вечни нека ни бидат празничните денови и Господ да даде вака уште побројно да се собираме во нашите свети божествени светилишта. Амин.

 По отслужената литургија беше исвршен водокрст, по кој беа подигнати славските колачи на побожните христијани кои го чествуваат овој празник. По отслужените треби, во конаците на манастирот беше приредена братско сестринска трпеза на љубовта за  присутните поклоници и пријатели на манастирот.

 

 

 

   

     

 

     

 

     

 

    

 

    

 

Известува: о.Александар