Отсекување на главата на свети Јован Крстител (12.09.2009)
„Како
светилник, ти ѝ претходеше на Светлината; како ангел, беше испратен однапред;
како пророк, Го проповедаше Јагнето Божјо, Христа, Кој се јави; како маченик, со
меч ти беше отсечена главата, предвестувајќи им Го Господа и на мртвите во
адот.” О,
колку торжествено одекнуваа овие стихови во празничната ноќ на славниот патрон
на Бигорското светилиште. Воскликнуваше со радосен восхит светата Бигорска
обител, пеејќи му на оној, кој веќе десет столетија молитвено го закрилува овој
манастир, големиот Претеча и Крстител Јован. Под неговата моќна закрила,
Бигорското братство, накалемено на корените од богатата монашка традиција, веќе
15 години ревносно го следи неговиот свет пример и богато напредува, раѓајќи
нови фиданки на монашкото стебло, нови молитвеници, кои, како вистински факели,
горат пред Бога за овој народ. Во духот на таа традиција и оваа година
бигорското плодоносно дрво се закити со уште еден ластар, кој никна благодарение
на татковската грижа и љубов на својот старец, архимадрит Партениј, и сега ја
приклони својата глава и прими монашки потстриг, сакајќи да живее само за својот
Создател, сиот да Му се предаде, само за Него да работи, дење и ноќе кон Него да
стреми, одејќи смирено по патот на совршенството. Каква
прекрасна глетка за огромното мнозинство на присутни верници и гости беше мигот
кога искушеникот Спасе Медаровски, облечен во бела кошула и закрилуван од својот
игумен, полека пристапуваше кон олтарот, следен од насолзените погледи и
молитвени воздишки. И каков восхит кога се роди новиот брат Силуан! Каква радост
и за небесата! И ангелите
торжествуваа заради раѓањето на новиот небоземен жител, заради новото име
запишано во книгата на животот, новиот воин против злото. А митрополитот
Дебарско-Кичевски и Плаошки г. Тимотеј, кој во присуство на митрополитот
Агатангел го изврши чинот на монашењето, со пригодна беседа се обрати кон
новопотстрижаниот монах, нагласувајќи му ја важноста на делото што го започнал и
давајќи му ги првите татковски поуки за што подостојно носење на монашкиот крст.
Најпрво,
тој ја истакна љубовта како најголема христијанска добордетел и светлина, со
која ние имаме врвна радост во животот и најголема утеха во сите животни
искушенија и страдања и продолжи: „Светата црква е Божја тврдина на љубовта... а
манастирите се високи кули на таа тврдина. Во нашите свети манастири се чуваше
верата, националното сознание и желбата за слобода... нема манастир на просторот
на Македонија каде националниот, културниот и просветниот интерес на нашиот
народ не бил негуван, не бил помаган и не бил поткрепуван, како морално така и
материјално. Во тоа најповеќе придонесувале светлите личности од монашкиот ред,
како што се Анатолиј и Партениј Зографски, Јоаким Крчоски, Теофило Лазарополски,
Козма Пречистански и безброј познати и непознати, коишто се вградиле не само во
одделни манастири, туку и во историјата на нашиот напатен народ.
Но
покрај оваа исклучително важна и полезна дејност, манастирите биле и остануваат
места за подвизи на монасите, каде тие тежнеат и се трудат да бидат спасени. И
вечерва присуствуваме на такво определување на една млада, богокопнежлива душа
кон Христа и кон Неговите светли идеали.” Потоа
митрополит Тимотеј упати и неколку полезни поуки кон новопострижаниот брат
Силуан: „ТргнувајЌи од својата младост кон Христа, ќе имаш и паѓања, но биди
сигурен дека со цврста вера и непоколеблива надеж во Бога, ќе можеш сите
препреки да ги надминеш, ако својата волја сецело ја препуштиш на својот игумен
и на братството на оваа света обител. Овие завети што вечерва доброволно ги даде
пред севишниот Господ и пред земната и небесната Црква, ќе можеш да ги исполниш
со поткрепа и со молитвите на братството и сестринството, како и со молитвената
поткрепа на благочестивиот и богољубив наш народ. Сочувај го пламенот кој го
имаш кон Христа и не допуштај никогаш тој да биде згаснат. Долевај ново масло во
душевното кандило, за тој пламен не само да гори туку и да распламтува, како би
можел полесно и подостоинствено да презреш сè во овој свет и да го засакаш само
Христа, кој е алфа и омега во нашиот живот. Свети Јован, големиот подвижник и
испосник, чиј спомен денес го прославуваме, нека ти биде на помош, сега и во
сите дни од твојот живот. Амин!” Светата
богослужба и чинот на монашењето беше следен и од неколку претставници на власта
меѓу кои шефот на кабинетот на премиерот, г. Мартин Протугер, пратениците Илија
Димовски и Александар Спасеноски и министерот за одбрана, Зоран Коњановски.
Следниот
ден продолжи торжеството низ прекрасни византиски напеви во кои се величаше
маченичкиот подвиг на светиот пророк. Радоста ја зголеми и пристигањето на
Неговото Блаженство, г.г. Стефан, кој чиноначалствуваше со светата архиерејска
Божествена литургија. А каква круна на благолепието беше литургијата! Пееја
ѕвонливо срцата на многубројните верници, разгорени од молитвениот пламен на
распеаните псалти и достоинственоста на свечениот чин. Во своите молитви кон
Претечата тие ги придружија и искрените изливи на својата душа за новиот брат. А
откако се причестија со светите Христови Тајни, сите со свечена литија се
упатија кон фијалата, каде се освети водата, празничниот леб и најпосле се случи
она што толку време нестрпливо се очекуваше - осветувањето на новите Бигорски
камбани, први камбани донесени од православна Русија, за што секако најголема
заслуга имаат бигорските донатори, пред сè г. Андреј Куку, директор на
компанијата „Лукоил” во Македонија, како и академик д-р Жан Митрев. Овие
камбани, вкупно 13 на број, се излеани специјално да ја следат нотната скала и
се дело на најпознатата Руска фабрика за камбани, компанијата „Вера Анисимов” од
Воронеж. Во знак на благодарност од страна на братството за благочеството и
богољубиво дело, на г. Андреј Куку му беше подарена вредна зографисана икона од
Мајката Божја. А Неговото Блаженство г.г. Стефан, кој чиноначалствуваше со
осветувањето, со симболично удирање на камбаната ги благослови новите бигорски
камбани, пренесувајќи ги своите искрени желби овие камбани никогаш да не
престанат да бијат. Поттикнат
од овој настан, Неговото Блаженство, одржа и пригодно празнично слово, во кое го
истакна големото значење што Бигорскиот манастир отсекогаш го имал во историјата
на македонската духовност: Светото
Евангелие говори дека пред доаѓањето на Синот Божји на земјата, бил испратен
човек од Бога, по име Јован (Јн.1,6). По сведочењето на Самиот Господ Исус
Христос - ниеден меѓу родените од жена не бил поголем од Јована (Лк.7,28).
Раѓајќи се со посебна Божја најава, од родители во постари години, уште многу
мал останал сирак. Растел и израснал далеку од светот, во пустина, далеку од
влијанијата на животот и живеењето на луѓето. Ете, тој,
иако бил физички слаб од гладувањето и подвизите во пустината, изгорен од
сонцето, истоштен од невремињата и уморен од начинот на живеењето на другите -
бил силен на збор и никого не поштедувал! На сите им ја говорел вистината: и на
познати и на непознати, и на богати и на сиромаси и на сите им го најавувал
денот на Судот Божји, Судот од кого никој не може да се скрие... Неговата
проповед за потребата од покајание и поправање во животот, се слушале сѐ
подалеку. Јорданската пустина сѐ повеќе била посетувана од луѓе, кои доаѓале да
го видат и слушнат Јована. Дури и царот Ирод разбрал за него и го повикал во
царскиот двор. И, обично, кога ќе се случи таква можност, да се дојде и да се
престојува во царски дворец, ние луѓето знаеме само да се восхитуваме и да
благодариме што ни е дадена таква прилика. Но, свети Јован не можел да го
премолчи она што таму го видел: царот Ирод јавно живеел со својата снаа, со
сопругата од брат му Филип. А кон таа соблазна, кон таквиот неморал на царот,
како постапил свети Јован, слушнавме од денешното Свето Евангелие: Не ти доликува тоа да го правиш, го
укорувал Јован Ирода. Тие зборови ги слушнала и бесрамната снаа Иродијада, па
при укажаната можност, побарала свети Јован да биде убиен, ја побарала неговата
глава... Но, точни се оние зборови дека праведникот живее до века (Пс. 111, 6).
Останал свети Јован да живее, еве, веќе 20 столетија во небоземната Црква и
останал како пример на праведност и правичност, на вистина и морал... Тој и
денес ни се обраќа и како да му вели на секого од нас: Не ви доликува
тоа. Не ви доликува тоа
и вам
свештенослужителите, кои не ја чувате заклетвата дека чесно и достоинствено ќе ѝ
служите на Црквата, кои не ги исполнувате обврските совесно, кои со своето
живеење го валкате образот на пастирот Божји, ги прекршувате каноните и
правилата, ја погазувате светоста,
коишто и денес би биле укорувани за својот живот од немолчливиот свети
Јован... Не ви доликува
тоа и вам родителите
кои не ја чувате светоста на бракот, не го чувате угледот на семејството, не ги
воспитувате и не се грижите за децата... Не ви доликува
тоа и вам кои сте се
оддале на алкохолот и на другите зла. Зар не е доволен примерот на Ирода - што
направи поради пијанството и другото зло во себе? И денес често слушаме или
читаме по медиумите: пијан татко го убил сина си, пијан син ја убил својата
мајка, пијан сосед го убил комшијата, или се предозирал и тоа му било последно
или, пак, заради пари потребни за набавка на разни опојни средства, кренал рака
на најблиските, украл или се обидел да украде од банка, од пошта, од пријателите
и роднините, од дома, па дури и од црква. Не ви доликува
тоа се однесува и на
сите оние кои заради личниот интерес, заради добивката само за себе, забораваат
на народот и на работникот што ги избрал, или им доверил некоја функција,
забораваат и на државата и институцијата, забораваат на сѐ заради некаков
процент и профит, без да бидат свесни колку губи државата, организацијата, колку
губи народот. Не ви доликува
тоа се однесува и на
оние што практикуваат корупција, што пуштаат прсти во народниот и во државниот
џеб, на оние што наплаќаат за испити, за вработување или за
лекување. Значи, тоа
- не ви доликува, е упатено кон сите
нас, што повеќе живееме со злото, отколку со доброто, што го толерираме гревот
во себе и кај другите околу нас. Но, овој голем Пророк на Црквата, овој
Предвесник на спасението, не нè остава само со укорот, туку покрај опомената,
срочена во зборовите не ви доликува,
ни дава и поука, ни нуди излез, ни покажува спасителен пат, кога ни вели: Покајте се, зашто се приближи Царството
Небесно (Матеј 3, 2). Покајанието
или преумувањето е патот на поправањето, патот на изменување на нашето
поведение, тоа е патот на љубовта, на верата, на подвигот, патот на стравот
Божји. Дека е тоа така, ни потврдува самиот свети Јован Крстител, кога ни вели
за Спасителот: Тој ќе ве крсти со Дух
Свети и со оган (Матеј 3, 11). Во
овој контекст, истакнувајќи го дарот на љубовта кон секого и сè, дарот кој
произлегува од покајанието, светиот апостол Јаков ни советува: ...ако некој од нас се отклони од вистината и
друг го поврати, тој треба да знае дека оној што обрати грешник од лажлив пат,
спасува една душа и ќе покрие многу гревови (Јк. 5,
19-20). Затоа, да
го отфрлиме гревот, кој нѐ води во секаква измама, пакост, лицемерство и
завист, и во секакво напаѓање (1 Петр. 2, 1), за да можеме да бидеме
вистински чеда Божји и да не заборавиме на зборовите од светиот Претеча и
Крстител Јован, да не заборавиме дека тие се упатени кон секого, насекаде и
засекогаш! Само така,
размислувајќи за своите постапки, за своите зборови и дела, всушност, - ќе покажеме дека размислуваме за
Јовановиот повик - не ви доликува
тоа, односно, владеејќи со себе, ќе знаеме како да се однесуваме и кон себе
и кон другите. А, Господа, можеме да го радуваме само со добри дела, со морално
однесување, со достоинствено по Христа живеење. Возљубени,
наоѓајќи се денес овде, во Бигорскиот манастир, не можам, а да не ја истакнам
исклучителната улога и местото на оваа светиња во духовното обновување и растење
на нашиот народ. Овој наш манастир бил, а еве, со подвигот на ова братство,
сеуште останува вистинско пристаниште за одмарање од духовниот товар, останува
лекувалиште за сите духовни болести и место за скротување и оддалечување од сите
соблазни на времето. Исто
така, сакам да го истакнам пред вас и чувството на восхит од тоа што го гледаме
сите ние што сме доаѓале и доаѓаме овде - зашто е забележителна и духовната и
материјалната ренесанса, што ја доживува овој наш манастир. Историјата, секако,
ќе забележи дека со доаѓањето на отец Партениј за игумен и со формирањето на
братството, на Бигорскиот манастир му е вратена некогашната сила и слава. Денес,
овој манастир е најголемото духовно и материјално градилиште и место каде што
обновеното и дограденото, восхитуваат со своето велелепие. Да посакаме, со Божја
помош, по молитвите на светиот Јован, да се остварат планираните градби и
надградби, да продолжат со сите активности, со кои за манастирот веЌе надалеку
се слуша. Исто така, веруваме дека новите камбани уште подалеку ќе го
разгласуваат повикот на св. Јован за покајание и оддалечување од недоличните
однесувања и повикот на оваа светиња почесто да наврашаме на овој неповторлив
бигорски вруток. Нека
ни е честит празникот, а Светата Литургија на здравје и
спасение. Уште
истиот ден камбаните беа инсталирани во Бигорската камбанарија од страна на г.
Денис Латишев, кој за таа цел пристигна во манастирот од Молдавија. Тој ги
удостои насобраните верници и со првото празнично биење на распеаните
камбани.
А
секако не мала беше
и радоста на монасите заради новоосветената магерница во која сега ќе може да се
припрема храна за сѐ поголемиот број на гости и намерници за време на
празничните богослужби.
Известуваат:
сестрите од манастирот во Рајчица