Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение од седницата на Светиот Синод на МПЦ во Бигорскиот манастир (1.10.2009)

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на својата вонредна седница одржана на 01 октомври 2009 г. во просториите на Долниот палат при манастирот „Свети Јован Крстител - Бигорски”, ја разгледа состојбата по опожарувањето на конакот Горни палат.

Ахиереите на Македонската православна црква изразија голема тага за вчерашниот пожар во кој целосно изгоре Горни палат, кадешто беа сместени келиите на бигорските монаси, женската и машката трпезарија и манастирската библиотека.

Целиот Синод, молитвено сострадувајќи, даде целосна духовна поткрепа на братството на манастирот, до сите верни чедна на Македонската православна црква - почитувачи на манастирот и до сите луѓе со добра волја, за да можат овој немил настан монашки и трпеливо да го поднесат.

Синодот на Македонската православна црква изразува искрена благодарност до Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, министрите за култура Елизабета Канческа-Милевска и за труд и социјална политика Џељал Бајрами и директорите на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман и на Националниот конзерваторски центар Бехиџудин Шехапи, кои веднаш по опожарувањето се најдоа покрај братството на манастирот и изразија жалење и подготвеност да се вклучат во обновата на Бигорскиот манастир.

Исто така, Синодот се заблагодарува и до припадниците на противпожарните служби кои вложија надчовечки напор за да ја изгаснат големата огнена стихија која се закануваше да ја зафати и древната манастирска црква. Благодарност, Синодот упатува и до градоначалниците на Дебар, Маврови Анови и Ростуше, како и на сите граѓани од овој регион, кои без разлика на националната и верската припадност, уште во првите мигови по опожарувањето се најдоа покрај монашкото братство и понудија солидарна помош.

На ова свое вонредно заседание, Синодот упатува апел до Владата на Република Македонија, а посебно до Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, под чија ингеренција се наоѓа овој манастир како културно-историски споменик, под итно да се интензивира завршувањето на Источен палат, конак во кој треба да се сместат монасите за престојната зима. Истовремено, членовите на Синодот упатуваат апел до сите православни верници, како и до сите добронамерни луѓе како во Татковинава, така и во дијаспората, да покажат солидарност и хуманост и материјално да помогнат во обновата на Бигорскиот манастир.

Во оваа материјална обнова Синодот истакнува дека и надлежните епархиски архиереи земаа обврска, преку епархиските управни одбори, активно да учествуваат.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква ги повикува и претставниците на медиумите во нашава земја да вложат личен прилог и на свој начин да помогнат во возобновувањето на овој наш древен македонски манастир.

 

КАНЦЕЛАРИЈА НА САС НА МПЦ