Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветен и поставен камен-темелник на новата црква „Свети Никола“ во Мајнц (26.09.2009)

Мајнц, 26 септември 2009 – Со света Архиерејска Литургија, со која началствуваше Неговото Блажество Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополитот Европски Пимен и Митрополитот Повардарски Агатангел и други црковни служители од Европската епархија на МПЦ, викендот во Мајнц, Германија, беше осветен и поставен камен-темелник на новата православна црква на Свети Никола.

Изградбата на овој православен храм е во организација и реализација на Македонската црковна општина „Свети Никола“ од Мајнц.

„Овде подигнуваме храм во кој не само што Македонците од овој крај ќе живеат редовен црковен живот и ќе ја чуваат и негуваат својата посебност, како и идентитетот на поколенијата, туку со него ќе поднигнеме и храмови во сите нас, храмови на верата, љубовта и надежта“, истакна г.г. Стефан, во поздравната реч, објавувајќи ја неговата надеж, „со Божја помош, овој најнов храм на МПЦ на европските простори да биде изграден за една година“.

На свечениот чин на втемелувањето на овој најнов храм на Македоската Православна Црква во дијаспората, покрај Македонците од Мајнц и од околните места, дојдоа и претставници од сите македонски црковни општини од Германија и од Европа. Забележително беше и присуството на многумина Германци – пријатели на Македонија. Свеченоста беше удостоена и со присуството на градоначалникот на Мајнц Норберт Шулер, амбасадорот на Република Македонија во Германија Ѓорѓи Филипов, почесниот конзул Ханс Јурген Бош, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Валентина Божиновска и директорот на Агенцијата за иселеништво Васил Наумов.

Пред многубројните присутни, градоначалникот на Мајнц Норберт Шулер, истакна дека е среќен што Мајнц ќе добие уште едно светилиште, а Македонците исполнување на долгогодишните желби да свој свет дом, но и горд што токму тој е дел од оваа приказна уште од нејзините почетоци, заедно со претседателот на Македонската православна црковна општина од Мајнц Мирче Филиповски, кому му оддаде посебно признание, како и на сите Македонци кои со парични прилози, но и со многу труд и посветеност го овозможијка почетокот на изградбата на оваа црква.

Пригодни обраќања пред присутните имаа и амбасадорот Ѓорѓи Филипов, Митрополитот Европски Пимен, претседателот на македонската црковна општина од Мајнц Филиповски, како и директорите Божиновска и Наумов.

По поставувањето на темелите беше спроведена аукција на алатите со кои започна изградбата на која дел од присутните дарија парични прилози за изградба на црквата. Потоа следуваше голема народна веселба со македонска народна и забавна музика, на која специјални гости беа популарното дуо Дуле и Коки.

Ова е втор голем настан од црковниот живот на Македонците во Германија, кој се случува само пет дена по поставување на темелите за црковниот објект Крштилница во црквата Свети Климент Охридски во Берлин.гв/са/11:42

Извор : МИА

 

Три години владика, три нови цркви за МПЦ


Три години владика, три нови цркви за Македонската православна црква. Европската епархија, со која веќе трета година раководи Митрополитот г. Пимен полека, но сигурно станува пример како се воздигнува црковниот живот во дијаспората. Некогаш од една од најнеорганизираните епархии на МПЦ, денес станува мотивирачка сила за обединување на македонската дијаспора. Викендов во Мајнц Германија беше поставен камен-темелник на нова црква, кој ќе биде место каде Македонците од околните градови во Германија ќе можат да ги остваруваат своите верски потреби. Митрополитот Пимен, во изјава за „Вечер“ вели дека овој чекор претставува историски чин за развојот на епархијата.

„Црквата ќе биде место каде македонската дијаспора од Мајц и околината ќе живее црковно. Станува збор за црква од византиски тип со две куполи“, вели Владиката Пимен.

За три години ова е трета црква, што ја гради Европската Епархија. Претходните две, едната во Малме, Шведска и во Тринген, Швајцарија се во завршна фаза. До крајот на годината се очекува нивно осветување.

„За жал црквата останува единствениот фактор на обединување на дијаспората и затоа сметам дека ова е еден битен момент од животот на црквата. Многу значајно е да се нагласи дека тоа што сега се случува е плод на онаа втора генерација нашите иселеници и кои се вклучија активно во црковниот одбор и кои помогнаа да се случи овој момент на поставување на камен-темелникот“, објаснува владиката Пимен.

Европската епархија планира изградба и на македонски храм и во Берлин. Дотогаш ќе биде изградена мал параклис кој биде место каде ќе се собираат македонските верници. (...)

Извор: „Вечер“, Марјан Николовски