Божествена Литургија во Скопје (04.10.2009)
Во денот кога Светата Црква го празнува споменот на Соборот на сите македонски светители, во манастирската црква на свети Јован Крстител во Скопје, протојереј ставрофор д-р Ацо Гиревски, декан на Православниот богословски факултет во Скопје, во сослужение на проф. д-р Јован Таковски и свештеници од Скопската епархија, отслужи Божествена Литургија. По Литургијата се отслужи Призив на Светиот Дух, по повод започнувањето на новата студиска година. На Литиргијата присуствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Обраќање на деканот проф. д-р Ацо Гиревски
Ваше Блаженство, почитувани колеги професори и сите вработени при Факултетот, драги студенти, браќа и сестри!
Нека е благословена успешна новата студиска 2009/10 година!
А сега им се обраќам на нашите студенти со неколку препораки.
Драги студенти, еве, студиската година ја започнавме со молитва. Се помоливме Господ Бог да ви испрати: дух на премудрост и разум. Се молевме да ви се отворат умот и устата, да ви се просветат срцата ваши - за подобро да го примате полезното учење што ви се предава.
Останува на вас, почитувани колеги, да ги откривате новите знаења и научни вистини, но не заборавајте да трагате и по плодовите на Духот. Тоа значи, учете се на духовност - добродетели и благочестие, за да бидете комплетни личности.
Покажете се себе црковни и христијани не само по име, туку повеќе по дух и насоченост на умот, на срцето и на карактерот.
Како богослови должни сте да покажете подвизи, да го сакате трудот и послушанието, но должен сте, исто така, да бидете постојанни во молитвата: “Бидете будни и молете се, за да не паденете во искушение” (Матеј 26,41). Запомнете, дека молитвата е многу важно дело, таа дава сила, дава утеха и е спасоносна. Молитвата прави чуда, но таа е и проверка на совеста, срцето и волјата и без неа нема вера. Ако сакате да ја проверите духовноста кај некого, тоа ќе го видите од неговата молитва. Големите светители биле големи молитвеници. Господ Бог ни покажал како да се молиме, оти ни ја беше дал Господовата молитва “Оче наш...”(Матеј 11,2-4) - таа драгоцена ризница, чудо од чудата, тоа т.н. ”скратено Евангелие” (Тетулијан).
Впрочем, уште на почетокот ќе се обврзите прво да ги простудирате основните вистини на верата, а потоа постапно да навлегувате во систематската и практичната теологија.
И притоа секогаш гледајте да имате радост И мир во душите. Барате ја радоста - оти таа е поинаква и е мошне различна од среќата. Барате го мирот, а да се украсувате со: трпение, кротост, добрина, верност, благост, умереност во сѐ.
Знаеме дека сте дојдени за потрага по перспектива и насока, но знаеме дека ви треба пример што ќе го следите.
Ќе се потрудиме, ние професоите, тоа да ви го овозможиме. Оти, вие сте големо и скапоцено сокровиште, кое ни е дадено од Бога. Вие сте агенсот, суштинското битие и движечката сила на нашиот Факултет. Вие сте тие кои со својот младешки стремеж, енергија, амбиција и желба за знаење, што ни влевате надеж, верба и подвиг во учителската мисија.
Затоа, наша света должност е да ве доближиме до Господа, до светите наши храмови и до молитвата. За вашите души ние даваме одговор и пред Бога и пред Татковината. Но затоа, пак, од вас се бара со внимание и интерес да ги следите предавањата.
Почитувајте ги вашите наставици!
И мир Божји да владее во срцата ваши (Кол. 3, 15).
Бог да ве благослови. Амин!
Известува: Калина Трпеска