Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Монашења во манастирот во Зрзе (05.10.2009)

Долгогодишните искушеници, Калиник, Калист и Јов, на ден 05.10.2009 година, во манастирската црква на Свето Преображение во Зрзе, примија мала схима, а искушеникот Рубинчо прими расо и име Тихон.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски Г. Петар ги поздрави монасите во своето пригодно слово:

„Драги браќа во Христа, Калиник, Калист и Јов, драги брате Тихон кој прими расо, ретка е можноста во нашата Света Црква, по една Вечерна богослужба, да имаме ваков број на замонашувања. Вашето монашење не е плод само на вашата желба и љубов, туку е плод и на искуството што како расофорни монаси до сега го покажавте во манастирите, под послушание на вашиот духовен отец и игумен на оваа обител Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски Климент. Ние очекуваме од вас, уште поголеми подвизи од оние што до сега ги покажавте. Сведоци сме сите, а особено вие, кои тоа го потврдивте на нашите прашања, да дадете одговори дека оваа ваша определба, да Му служите на Бога како монаси, без ничија принуда, туку од добра волја и не наеднаш туку после неколку години послушание, под духовно раководство на вашиот духовник, на игуменот, тоа е гаранција. Но, во тоа не треба само да верувате, но и да го докажете понатаму, дека и понатаму ќе се трудите, не според вашите сили, но според Божјата благодат, да го постигнете она што мнозина го постигнале во нашата Света Православна Црква.

Не заборавете дека, немате ништо свое, дека с¢ што имате, с¢ е Божјо, дека љубовта кон духовникот, онаа искрена, вистинска Хрситова љубов, треба и понатаму да биде, послушанијата да не се извршуваат со негодување и роптање, туку со радост, макар тие и да се тешки и едвај за човечките сили подносливи. Трудете се, во вашиот живот да покажете, не според ликовите ваши дека сте вистински монаси, туку тоа да зрачи од душите и срцата ваши. Зашто, длабоко сме уверени, дека оние што во нашата Света Црква, во монасите и монахињите гледаат луѓе кои целосно му се предале на Бога и кои се пример за другите кои живеат во светот, нека се огледуваат на вашите подвизи за и тие да прават макар и минимални подвизи според оние што вие ги правите, за да можат и тие да ги спасат своите души.

Драги наши монаси и расофорен монаху, од вас очекуваме сето она што сте го научиле во животот, да го спроведете во дело. Затоа, не трудете се премногу да научите во текот на животот, туку она што сте го научиле или она што сте го прочитале, сето тоа, полека но сигурно нека легне во вашите души и срца и така како што слушнавме, како што вели Господ Исус Христос, да бидете светлина на светот, за да ги видат луѓето вашите добри дела и да го пофалат Отецот Кој е на небесата.

Нека ви е честито и од Бога благословено вашето монашење и Господ да ви даде пред сè, духовни и телесни сили, за да ги победите сите искушенија што ви доаѓаат во пресрет. Но, кога и да било, ако почувствувате слабост во вашиот живот, трчајте побргу до вашиот духовник и до мене, како старешина на сите манастири во оваа Епархија, да се исповедате за што побргу да се изборите со искушенијата. Нека ви е од Бога благословено вашето монашење. Амин!

 

                                          

 

         

 

         

 

          

 

          

 

Известува: Весна Апостоловска