Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Изведба на ораториум на Архиепископот Иларион (Алфеев) „Страданија по Матеј“ во Скопје (07.12.2009)

На  07. 12.2008 година,  по повод патрониот празник и основоположникот на Македонска Православна Црква и  на нашата писменост - свети Климент Охридски Чудотворец, во домот на АРМ во Скопје,  во изведба на  Македонската филхармонија на ораториумот „Страданија по Матеј“ од Архиепископот Иларион (Алфеев) од  Руската Православна Црква, започна  одбележувањето на споменот на свети Климент Охридски.

На овој  исклучителен културен и музички настан  присуствуваа   Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заменикот на Одделот за надворешни работи на Руската Православна Црква протоереј Николај Балашов, Архиереите на МПЦ, претседателот на Република Македонија г. Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, претставници на Владата, на Парламентот, на МАНУ, и на дипломатскиот кор. Ораториумот на Архиепископот Иларион е напишан во 2006 година и повеќепати е изведуван во разни градови низ светот.

Архиепископот Иларион (Алфеев) е високо свештено лице во Москосвската Патријаршија, теолог, црковен историчар и композитор. Автор е на повеќе дела од областа на теологијата, а неговите композиции со голем успех се изведени во Европа, САД и Австралија. Роден во 1966 година, Иларион Алфеев го започнува неговото музичко образование учејќи виолина, пијано и композиција прво во познатата музичка школа Гнесин, а потоа продолжувајќи ги студиите на Државната академија во Москва. Во 1987 година се замонашува, а дипломира теолошки студии во 1991 година на Академијата за теологија во Москва. Во 2001 е назначен за епископ, по што извршувал црковни должности во Велика Британија, Австрија, Унгарија, а бил и претставник на Руската Црква во Европските институции во Брисел. Во 2009 година е назначен за Архиепископ на Руската црква. Неговиот авторски опус содржи повеќе од 300 трудови, и 20 книги преведени на повеќе светски јазици. Покрај докторат по филозофија од Оксфорд, Архиепископот Иларион е носител на титула доктор на науки по теологија од Православниот теолошки институт во Париз. Неговото музичко творештво содржи повеќе вокални дела и дела за хор и оркестар меѓу кои секако се издвојуваат „Божествената литургија“ за мешан и само за машки хор, Божикниот ораториум - за два хора, солисти и симфониски оркестар, „Страданијата по Матеј“ - голем ораториум за хор, оркестар и солисти и „Сеноќното бдение“ за солисти и мешан хор, „Мементо“ за симфониски оркестар и др..

Ораториумот "Страданија по Матеј" е инспириран и има слична формална структура како истоимениот ораториум на Јохан Себастијан Бах, содржи големи и моќни почетни и завршни хорски нумери, оркестарски и хорски фуги, корали и речитативи. Делото е создадено во стилот на руската музичка традиција, содржи хармонски јазик својствен за православната руска црковна музика, а премиерно е изведено во Салата на Московскиот конзерваториум во 2007 година со огромен успех. Следат изведби во Рим, Мелбурн, Аделаида. Во 2008 година ораториумот „Страданија по Матеј“ е снимен од страна на Симфонискиот оркестар на Московското радио под диригентство на Владимир Федосејев.

 

(Роза Нолчева-Ангеловска, музиколог)

 

 

  

 

 

 

 

 

 

 

  

Известува: Калина Трпеска