Тетово (08.12.2009)
На ден 08.12.2009 година по повод празникот Св. Климент Охридски, нашиот надлежен Епархиски Архиереј Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил, традиционално како и секоја година отслужи Света Архиерејска Литургија во соборниот храм Св. Кирил и Методиј во Тетово, во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското Архиерејско Намесништво, Архиерејската Литургија беше збогатена со традиционалниот настап на женскиот младински хор Менада од Тетово под диригенство на Маестро др. Ивица Зориќ. Во обраќањето до верниците Митрополитот Господин Кирил го опиша ликот и големите дела на Св. Климент Охридски - еден од најголемите македонски светители, просветител и закрилник на родната ни мајка Македонска Православна Црква. Чествувањето на овој Светоден го започнавме со одслужување на Вечерна богослужба во соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје во присуство на високиот државен врв на Република Македонија, а по повод празнувањето на Св. Климент Охридски се одржа и свечена духовна академија - нагласи во своето беседење Митополитот Господин Кирил, а потоа му даде збор на старешината на соборниот храм протојереј Предраг Исаевски.
Во своето излагање протојереј Предраг Исаевски, покрај многу бројните дела на Св. Климент Охридски поткрепени со факти од врвни македонски историчари, пред присутните верници меѓу другото рече:
„Ваше Високопреосвештенство, ценет и почитуван Митрополит господин Кирил, Вие сте вистински одблесок од вечната светлина на Св. Климента, со Вашите дела го продолживте неговиот пат, Вие сте единствен жив потписник во донесувањето на историската одлука од 1967 година за возобновување на Православната Охридска Архиепископија во лицето на Автокефална Македонска Православна Црква. Вие сте прв што го посеавте Духовното Евангелско Семакедонско семе осветувајќи многу цркви и манастири не само во Богум даруваната ни Полошко-Кумановска Епархија туку и пошироко во дијаспората. Бескрајно му благодариме на Бога што Ве имаме и како Митрополит и Архипастир кој знае со својата мудрост и доблест да нè воспитува и поучи како да го продолжиме во вечни векови бесценетото дело на Светиот Климент Охридски – Чудотворец.“