Доделување на столен медал на Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици од редот на Светиот Македонски Крст во Струмица (11.12.2009)
Денес, на празникот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, во црквата посветена на овие Светители во Струмица, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагонскиски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј и надлежниот Митрополит Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија. На Божествената Литургија заради особен придонес и залагање во севкупниот напредок и афирмација на Македонската Православна Црква, а по повод 20 години од возобновувањето на Струмичката православна епархија, Митрополитот Струмички г. Наум со столен медал на Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици ги одликува: Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј и градоначалникот на Општина Струмица г. Зоран Заев. Од името на добитниците се заблагодари Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар.
Овој столен медал е нов медал од редот на Светиот Македонски Крст, а е изработен по повод 20 години од возобновувањето на Струмичката епархија. Изработен со аверс, на кој се претставени Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, околу кои е испишано „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ Струмица; и реверс, на кој е претставен Светиот Македонски Крст од манастирот на Пресвета Богородица Елеуса, с. Велјуса, околу кој е испишано „20 години од возобновувањето на Струмичката Епархија“. Медалот е од метал ковано сребро 999,9 со дијаметар 60 mm, дебелина 7,2 mm и тежина 180 gr, а искован е во Ковницата „ЈУСТИНИЈАНА ПРИМА“.