Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божична честитка (07.01.2010)

ВОЗЉУБЕНИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,

ДРАГИ ДЕЧИЊА И МЛАДИНЦИ !

 

Со најискрени  Божиќни братољубиви Архипастирски чувства на евангелска љубов и неизмерна радост Ве поздравуваме со торжествениот древен традиционален христијански поздрав.

 

ХРИСТОС  СЕ  РОДИ !

 

            По големото милосрдие Божјо величествено со целата небесна хиерархија го славиме раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос.

            Го славиме денот кога се измиририја Небото и Земјата. Трепери, нашето срце и душа кога ги слушаме пораките:

            Христос се раѓа славете Го! Христос доаѓа од небесата пресретнете го, Христос е на земјата вознесете Го... Навистина нашата радост е неизмерна. На овој светоден се исполнија долгоочекувањата на народите (1 Мој. 49, 10), зашто дојде спасоносниот ден на слободата од гревот и смртта со цел да го спечалиме вечното спасение. Во нас засветли Новорожденственската Христова светлина што не познава и ја прогонува темнината.

            Засветли со сиот свој блесок, сонцето на правдата Христос Новородениот Богомладенец. Овој евангелски настан се изврши само од преголема љубов кон нас Христијаните и заради нашето спасение.

 

 

 

 

 

БРАЌА  И  СЕСТРИ  ВО  ГОСПОДА,

 

            Како Богољубив народ, како народна Света Македонска Православна Црква и како суверена држава, на кој при срце им е мирољубието и правдољубието што се не сторивме со цел да се симне тешкото време на неправда што ни е наметнато и го носиме. Навистина правдата тешко е достижна, тешко преовладува тревезниот разум за да навладее македонската Правда и вистина - да победи правдољубието и човекољубието со цел да завладее вистинскиот мир и благосостојба и на сеуште разбрануваните Балкански простори.

Но, на нас не ни преостанува ништо друго,ние немаме друга алтернативе освен да ги збиеме нашите редови и сите зазедно проникнати со христољубие и чесно македонољубие,да ги совладаме сите препреки и сопки за остварување на нашите возвишени евроатлански стремежи, притоа љубоморно бдеејќи да се сочува честа, достоинството и гордоста на македонскиот род и пород од Бога дарувани. Ние кои го носиме Бога во себе победата ќе ја оствариме со трудољубие, правдољубие, човекољубие и искрено мирољубие. Така Господ ќе не воздигне и ќе восторжествува македонската правда и вистина во полн сјај.

Доста беше понижувањето на нашиот многустрадален народ, исполнет со несватливи и неправедни голгодски понижувања. Пред се време е да престанат секаквите предавства и одродувања меѓу нашиот род. Да се познаеме и препознаеме себе дека сме народ од добар род и од Бога благословен, за и другите да не познаат и припознаат онакви какви што Господ не создал да бидеме верни и сеоддајни чеда на Македонија и на нашата Света Македонска Православна Црква, со погледи да живееме со сите и засекогаш во мир и благосостојба. Наш свет долг е со света почит секогаш да се однесуваме кон својот народ, Татковина и мајка Македоска Православна Црква.

Затоа, драги браќа и сестри во Господа, братољубиво Ве покануваме да повелите што побројно да се собереме на молитва во нашите Свети храмови за заеднички да ја споделиме радоста на радостите која што блика од одбележувањето на најрадосниот семеен празник - Божик. Христос Спасителот е Тој кој што сите нас не обединува. Не вдахновува да бидеме едномислени во доброто, да живееме во мир слога и љубов. Со тоа најсилно ќе ја потврдиме нашата вера, љубовта кон Христа Бога и кон сите наши ближни - кон сите Христијани и кон сите луге со кои се среќаваме во нашето секојдневно опкружување.

На овој голем светол ден, на Божиќ полни 2000 години, величествено одекнува песната на целата ангелска небесна Христова хиереархија: Слава на Бога во висините и на земјата мир меѓу луѓето, добра волја, со што ни ни се покажува осветлениот Христов пат по кој треба да одиме ние Христијаните. Ни се покажува патот на нашето постоење, патот на надежта и среќата, за да обезбедиме живот достоен за секаква почит каков што заслужуваме и ни прилега да го живееме. А тој пат е патот кој оди и не води кон највозвишените цели, секогаш и во секое време да бидеме исполнети со искрена љубов кон Бога, кон сите ближни и кон сите луѓе - зашто сите сме Божји чеда. Луѓето што го носат Бога во себе се исполнети со мир. Само таквите луѓе се способни да го шират мирот и спокојството меѓу сите народи. Само така најдостоинствено ќе го дочекаме Миротворецот на светот - Христа Спасителот со радост која што извира и блика од празничната Божиќна радост.

Родениот Богомладенец Христос не повикува да го почитуваме, цениме и љубиме секого како самите себеси, да го почитуваме човечкото право и слобода на живот на демократска слобода и творење на добри дела угодни на Бога и корисни за човековиот род.

Дај Боже, дај Боже, рождествената Христова светлина која е вечно животворна а во која ние благодатно учествуваме преку торжествените Божиќни богослужби и особено преку примањето на светата тајна причест - соединувајќи се со Христа Бога, да биде плод за наше растење во совршената евангелска љубов и меѓусебно братско и сестринско разбирање и искрено почитување.

Господи нека е вечно благословено твоето свето име за да можеме и ние, преку твојата вечност, да векуваме како македонски народ сплотени во прегратките на нашата татковина Македонија и родна мајка автокефална Македонска Православна Црква.

 

          ХРИСТОС  СЕ  РОДИ !        -          НАВИСТИНА  СЕ  РОДИ !

 

Нека ни биде среќно, мирно и бериќетно, од Бога благословено,

новото 2010 - то Лето Господово !

                                               Скопје 06.01.2010 год.