Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Камбаната и минарето (31.01.2010)

Од искуство можам да кажам, низ Европа денес освен што камбаната и минарето се декоративен елемент на верскиот објект, за жал, се и објекти со кои треба да се покаже доминација на одреден простор, нешто како маркери за бележење на освоена територија. Или понекогаш, уште полошо, како уред за нервирање на соседот, па затоа и едните и другите, и христијаните и муслиманите, сме во постојана трка кој ќе изгради повисока камбанарија или минаре и кој ќе стави посилно ѕвоно или пак звучници   
   
  
Кога на некој објект или предмет ќе му ја заборавиме основната функција, од причина што се измениле времињата па му се сменила и функцијата, останува да станеме само заробеници на неговата историска употреба која во меѓувреме станала дел од традиција на која пак обично по некое правило „треба“ да сме верни. А, дополнително и ако овој објект е добар за обележување на освоена територија како во компјутерските стратегии, но и да има религиска употребна вредност, тогаш е неизбежно да бидеме слепи поборници на традицијата, а ќе се криеме зад верата и нашата ревност на Бога да му изградиме дом на земјата.

Приказната во која сме заплеткале два објекти од сакрален карактер, ѕвоното /камбанаријата/ и минарето е само една потврда на ова. Но, добро би било најнапред да се потсетиме на нивната функција низ историјата за да ни се разјаснат работите и да видиме каде забегуваме.

Во првите три века од христијанството, кога оваа вера била прогонувана, а христијаните биле измачувани и убивани, не постоеле видливи храмови. Христијаните се собирале во катакомби и таму богослужеле. Во тој период не постоела идеја за градба на храмови, а уште помалку на камбанарии. Но со официјализирањето на христијанството почнува изградбата на храмови. Тогаш се појавува и потребата покрај црковниот храм да има и еден „сигнален“ уред за информирање, па започнуваат да се градат и камбанарии со ѕвона. Камбанаријата се градела секогаш како помошен објект на христијанскиот храм и таа по правило требало да биде доволно висока, а требало да биде и со доволно силно ѕвоно за да не се гуши звукот на камбаната од другите објекти за да би ја слушнале сите жители христијани од тоа населено место, бидејќи со удирањето на ѕвоното се означувало почнувањето на богослужбите или потенцирање на одредени делови од нив. Со посебно биење на камбаните се објавувало и дека има починат човек од таа околија, па народот одел во храмот и се информирал кој е починатиот. Додуша, во помалите места и ден денес е така. А, пак во случај на некоја елементарна непогода, како на пример пожар, камбаната повторно биела со цел да го собере народот за да се запознае со немилиот настан па да можат да се вклучат во неговото локализирање.

И со минарето е истата приказна. Првите џамии се граделе по урнек на куќата на Мухамед во Мека каде што и се извршила првата богослужба. Во тој период минарето не било во рамките на џамиите. За тој период се покарактеристични аркадите и тоа што имало простории за згрижување на бездомни и сиромашни. Но, со тек на времето и тука се појавила потребата освен објектот што ќе служи за собирање на народот и поклонување, до него да има и еден објект од кој ќе се праќа сигнал и порака преку испеаната на него молитва. Од тука и идејата да се изгради минарето (од арапскиот збор манара што значи светилник), оној висок цилиндричен објект со кружна тераса (мујезин) во погорниот дел на кој сé до иновацијата на звучниците и нивното ставање во употреба, излегувал оџата пет пати дневно за да ја испее молитвата за означување на времето за поклонување, или на кој ќе се запалат фенери кои ќе означат дека дошло времето на ифтар т.е. дека веќе може да се јаде во деновите на рамазанските пости. Тоа се градело онаму каде што имало муслиманско население сконцентрирано на еден простор што требало да ја види и чуе молитвата и пораката испратена од него. Затоа било потребно и овој објект да е како и камбанаријата, маркантен така што ќе биде видлив низ целата околина и ќе се слуша повикот упатен од него.

Со еден збор и камбаната и минарето имале улога на сигнален и алармен објект или уред низ историјата.

А што се случува денес? Колку држиме до оваа основна нивна улога и функција?

Освен во малите места како што споменав дека сé уште ја имаат нивната основна функција, од искуство можам да кажам, низ Европа денес освен што се декоративен елемент на верскиот објект, за жал, се и објекти со кои треба да се покаже доминација на одреден простор, нешто како маркери за бележење на освоена територија. Или понекогаш, уште полошо, како уред за нервирање на соседот, па затоа и едните и другите, и христијаните и муслиманите сме во постојана трка кој ќе изгради повисока камбанарија или минаре и кој ќе стави посилно ѕвоно или пак звучници. Па оттука, во големите градови овие две основни функции на споменатите објекти или им се обесмислиле, или пак е пренагласено нивното функционирање благодарение на современата техника, посебно на аудиотехниката. А, колку е тоа нефункционално најдобро се гледа во дијаспората каде обично доселениците се распрснати на разни страни низ велеградот или пак во пошироката околина по периферијата. Во таков случај ако наш храм на пример, се изгради во некоја европска метропола или во некое периферно гратче што е центар на некоја област во чиј радиус од 100 км живеат нашинци, каква улога ќе има камбаната? До кај ќе се слуша таа, и ако се слуша од каде ќе препознаеме дека таа е токму нашата камбана? Значи нејзината улога би се свела само на запазување на традицијата во Црквата, и би го означувала почетокот на богослужбата или потенцирањето на поважните делови од неа само за присутните или за оние кои се приближуваат кон храмот. Па оттука, нормална би била и препораката да не се вложува во високи камбанарии и големи скапи ѕвона. Еве тука се обврзувам како европски митрополит да не покренувам никаква жалбена постапка ако некаде во некоја земја бидеме опоменати за висината на камбанаријата или силината на ѕвоното од камбанаријата.

И пак кај минарето, и пак истото како и погоре споменатото. Кој ќе го види од секаде минарето за да знае дали светлата се запалиле како знак за ифтар и кој би го чул повикот на оџата на десетици километри низ бучавата на велеградот? Кој и од каде би го гледал и слушал на пример во една планинска Швајцарија? Но, пустиот мерак за висини.

Светов стана, а посебно новонаселените територии од емиграцијата, едно големо поле за играње игра на стратегија како во компјутерските игри, со овие придружни верски објекти, каде што секоја освоена територија се обележува со градба и тоа што помаркантна.

И сега суштинско прашање е, што кога некоја земја ќе си изгласа и тоа на референдум, како на пример Швајцарија, да не дозволи изградба на минариња? Или како што е случај во некои од другите европски земји висината, на пример, на камбанаријата да се ограничува и да не смее да надминува некои норми за градба во односната земја, а ако притоа тие земји дозволуваат градба на верски објект во кој можеме да се собираме, да ги задоволуваме потребите на духовниот живот, да се помолиме на Бога или согласно религијата да се клањаме, зошто пак да бидеме револтирани и да се жалиме дека ни се нарушени верските слободи и права?

И прашање, дали домаќините од знаење на погоре кажаното гласаат за забрана на градба или од желба за зачувување на нивната домашна вековна традиција, или пак, ние од незнаење на истото или од желбата нашата вековна традиција да ја покажеме секаде, сме упорни во барањата? Или можеби станува збор за реципроцитет? Да се ставиме ние во улога на домаќини и да се запрашаме дали доколку некои од граѓаните на овие земји во кои ние сме се преселиле ни се населат кај нас, дали ние би биле широкогради и би дозволиле изградба на нивни верски објект? Нам на христијаните барем Христос ни порачал да не правиме на друг она што не сакаме нам да ни се прави, нели? Но како и да е, меѓусебниот антагонизам продолжува и трае, а со тоа се зголемува и верската нетолеранција. А за тоа, во име на Бог, сите имаме еднаква одговорност од која најверојатно ќе страдаат нашите идни генерации.

Еве уште едно прашање кое можеби заслужува да се разгледа како посебна тема: Треба ли мнозинството сé почесто да станува заробеник на малцинските права, било да се тие верски, национални, полови или какви и да се?   
   
Автор: Митрополит Европски Пимен   

Извор: Нова Македонија