Соопштение (11.03.2010)
Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква на својата редовна седница одржана на 11 март 2010 г. во просториите на Македонската Архиепископија - Скопје, разгледа повеќе прашања од тековниот живот на нашата Црква.
На својата денешна седница, Синодот особено се осврна на годишните епархиски извештаи при што истите беа разгледани и усвоени, а она што е особено забележително е негативниот тренд во наталитетот кај православното население, односно намалениот број на новородени. Синодот апелира да се продолжи со вековната традиција на нашето население за многудетни семејства, со што би ги исполниле и Божјите заповеди, но и би го обезбедиле и нашето битисување како православен народ на овие простори.
Исто така, Синодот зазема свој став по однос на Законот за антидискриминација. Македонската православна црква го признава правниот систем во рамките на државата во која постои и дејствува, и настојува да го афирмира правото на личноста поаѓајќи од евангелскиот вредносен кодекс. МПЦ се залага согласно Уставот на Република Македонија за практикување на сите основни човекови права и слободи. МПЦ е против дискриминација на сите човекови права и слободи наведени во Уставот на Република Македонија. МПЦ ја поддржува Владата на Република Македонија во донесувањето и развивањето на законските одредби кои ќе ги заштитат граѓаните на Република Македонија од можноста да бидата дискриминирани по однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Во таа смисла, следејќи ги Уставните одредби, МПЦ смета дека дополнителните интервенции кои би се однесувале на правата и слободите врз основа на сексуалната ориентација а кои не се запишани во Уставот, би можеле да ги нарушат веќе загарантираните права и слободи на граѓанските групи наведени во постоечкиот Устав на Република Македонија. Изразување на некои лични склоности спаѓа во доменот на приватноста и МПЦ смета дека приватноста треба да биде неприкосновена и заштитена. Јавното изразување на личните и интимните склоности, каква што е сексуалната ориентација може да биде навреда на правото на граѓанинот на приватноста на семеен живот. Воедно, ова може да ги навреди верските уверувања на голем дел од граѓаните, нанесувајќи штета и повреда на неприкосновеното достоинство на личноста. Се разбира, МПЦ е со јасен став дека дискриминацијата во однос на личните склоности треба да биде ефикасно забранета. Граѓаните на Република Македонија, како и странците кои живеат во неа, не смеат да бидат дискриминирани заради своите лични својства, ставови и склоности. МПЦ изразува стравување дека доколку со новиот закон за антидискриминација се устрои правото на јавно изразување на сексуалните ориентации постои опасност од можни конфликти во општетството.
Синодалните архиереи посветија внимание на содржината на Писмото на намери, кое било на дневен ред на АУО, од кое произлегол и Договорот за струшките хотели Изгрев и Бисер, констатирајќи дека истиот не произведува никакво дејство.
КАНЦЕЛАРИЈА НА САС НА МПЦ