Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Духовна академија во храмот “Рождество на Пресвета Богородица”во Битола (28.03.2010)

После утринското богослужение и Златоустовата Литургија со која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Г. Петар, вечерта благочестивите повторно се собраа да си споменат за настаните кои следеа после свеченото Христиво влегување во Ерусалим.

Во тишина на која и пустината би и позавидела, на вечерната богослужба која според типикот на православната икумена се служи и утрената, во која си споменуваме за прекрасниот Јосиф и настанот кога Господ Исус Христос враќајќи се утредента од Витанија за Ерусалим, ја проколна бесплодната смоква, верните тивко се молеа пред Страдалниот лик на Спасителот, за потоа, сите понесени од Неговата благодат, се упатат во црковната сала.

Тука, започна новиот ден. Повторно будење. Будење полно со живот, а оние кои се во Црквата, многу добро знаат што е животот- евхаристијата. Тоа беше темата на предавањето, кое е второ по ред од циклусот на предавања кои се одржуваат според програмата на црковната школа по веронаука, а истото му беше доверено на опитниот во тајната, протоереј ставрофор отец Никола Грамбозов. Да бидеме искрени: Зарем може некој да зборува и да му докажува на друг нешто доколку не го доживеал? Колку и да се трудиме и како и да говориме ако нештото, (во нашиот случај-евхаристијата) не го живееме, тоа за слушателот ќе биде неелоквентно и празно. А за резултатот и ефектот од предавањето, можат да ви раскажат само оние кои беа таму, а не беа ни малку-преполна сала. Тоа навистина и не се доживува секој ден. Едно само успеав најдобро и доследно да го запомнам: “Евхаристијата тоа е животот, тоа е денес и сега, нема утре да се соединам со Бога. Денес и сега.

Но, она што ме поттикна да го пишувам сето ова, не е предавањето, туку проблемот кој чука на вратите на нашата епархија (а кој како што рече Високопреосвештениот, истиот проблем Руската православна Црква го имаше пред околу 100 години) а за кој се заслужни некои ревносни свештеници, кои не сакаат да признаат дека до денес ги водеа своите духовни чеда во погрешна насока, така што сеуште ги малтретираат да бидат добри христијани, а со Бога да се соединат само четири пати годишно. Овој проблем, некако како да не сака да си замине од нас , туку упорно наоѓа кревки души во верата, за притоа да ги скрши и стопира во нивниот духовен развој, а за сето тоа се виновни дел од свештениците, кои поради својата гордост, не сакаат да ги признаат своите грешни ставови и што е уште пострашно, продолжуваат да го шират тој вирус.

Поради тоа што, еден свештеник не му дозволуваше на своето духовно чедо да се причести, во случајот Светиот Игнатиј Брајчанинов, тој го напушти својот духовник,- рече отец Никола,- некои од верните дури се фаќаат како давеник за сламка во однос на ова прашање, искористувајќи некои лични погледи на одредени светители, но сакам да знаете дека тоа се лични погледи на тој светител но не и правило на Црквата. Секое правило на Црквата е боговдахновено од Светиот Дух и е донесено од страна на соборот на епископите, било да се работи за помесен, локален или икуменски собор. Не смееме да тргнуваме по еден авторитет, по еден ум, по ставот на еден свештеник или личност, тоа е одлика на западниот папски свет. Ние сме Црква на соборите и на заедницата, а таква сме само поради Светата Евхаристија и верните кои земаат учество во неа. Сите оние кои се сметаат недостојни да се причестуваат почесто, за крај би ги запрашал: Дали тогаш кога пристапуваат во тие четири пати се достојни?

Слично на Христа, кој нема грев прв нека фрли камен, и оние кои сакаа да направат зло си отидоа пострамени бидејќи немаа што да кажат.

     

 

      

 

отец Никола Димовски Чонтев