Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Цветници во Гостивар (28.03.2010)

Денес, 28.март 2010 лето Господово, по повод празникот  Цветници, во соборната црква посветена во чест на Успение на Пресвета  Богородица во Гостивар, Митрополитот Полошко Кумановски Господин Кирил одслужи Света Божествена Архиерејска литургија во сослужение на свештениците од Гостиварското и Тетовското Архиерејско намесништво, а во присуство на голем број верници од Гостивар и Гостиварско. Во својата Беседа по повод големиот Христијански празник Цветници, Митрополитот  Господин Кирил на присутните верници  им се обрати со зборовите:       

МИЛИ НАШИ ДУХОВНИ ЧЕДА,

Шест денови пред еврејскиот најголем празник Пасха, Господ Исус Христос отишол во Витенија, каде бил умрен Неговиот сакан пријател Лазар, братот на Марта и Марија.

Господ Исус Христос не отишол во Витанија само затоа да го изрази Своето сочувство, туку да им каже на луѓето, токму тогаш кога му претстоело страдање и смрт, дека воскреснувајќи го Лазара, кој бил веќе четири дена во гробот, дека, по Своето страдање и крсната смрт, ќе ја победи смртта, ќе воскресне и ќе им дарува воскресение на сите. Така пее и Светата црква: “Христе Боже, сакајќи да не увериш во општото воскресение пред Твоите страдања го вокресна Лазара од мртвите.” А ова значи:, како што воскресна Господ Исус Христос, така ќе воскреснат и сите умрени.

Зашто нашиот Спасител сакал токму пред своите страдања и пред својата смрт на ваков очигледен начин да ги увери Своите ученици и сите луѓе дека ќе воскресне, дека ќе ја победи смртта и дека ќе има сеопшто воскресение? - Затоа за да не паднат во очајание кога ќе Го видат како страда и умира. Верата во воскресението на мртвите ни е најпотребно токму тогаш кога гледаме блиски и сакани мртовци.

Нашата вера во општото воскресение ја поткрепува особено Христовото воскресение. Господ Исус Христос умре и воскресна, и ние, ако неизбежно мораме да поминеме низ врата на смртта, ќе воскреснеме. и во природата околу нас има умирање, гниење и распаѓање, но секое умирање е почеток на нов живот. и семето што го фрла сејачот во земјата, ако не изгние, ако не умре, не може да стане извор на нов и побогат живот. Верата во Бога и во воскресението на мртвите и дава голема утеха и ретка сила на нашата душа.

А идниот ден кога се чуло дека Исус Христос се приближува кон Ерусалим, сите што биле во градот, и постојаните негови жители и гостите што дошле за големиот празник, зеле палмови гранчици и излегле да Го пречекаат Победителот на смртта. Сите извикувале весело:”Осана! Да е благословен Оној што доаѓа во името на Господа - Царот Израилов!” се пренесуваме во она далечно време и Го гледаме Христа како кроток Цар, седнат на магаре и ни се чини дека Го пречекуваме и ние заедно со тогашните жители и гости на градот Ерусалим. Но да бидеме уверени дека ќе дојде ден кога ќе Го видиме, по воскресението на мртвите, како доаѓа во сила и со голема слава - како страшен, но праведен, Судија за грешинците.

Каква е ползата за нас што го празнуваме споменот на овој настан од заемниот живот на нашиот Спасител? Ова празнување треба да се предизвика кај нас искрена желба да се стретнеме со Господа уште овде за време на нашиот земен живот - да Го пречекаме во нашите души и срца. А ако навистина сакаме Христос да дојде во нас и да живее во нас, тогаш треба да ги отфрлиме сите наши грешни навики. Треба да се откажеме од се што Му е Нему непријатно.

Нека ни е честит празникот!

Во најголема радост да го дочекаме и славното

Христовото Воскресение - Велигден!

 

                                                                                   

                      

 

         

 

         

 

Подготвил: Диме Змејкоски