Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденска порака (04.04.2010)

                                      ВЕЛИГДЕН  2010 ГОДИНА

                                                                                   

 

                                    Браќа и сестри во Господа,

                                    Мили дечиња и младинци!

 

 

 

            Озарени од блесокот на славното Христово воскресение, со архипастирски молитвени чувства на искрена почит и евангелска братска љубов, ве поздравувам со древниот торжествен поздрав

 

                                    ХРИСТОС  ВОСКРЕСЕ !

 

            Величествено празнуваме и Му се радуваме на Христовото воскресение зашто ја славиме победата на животот и смртта, победата на правдата над неправдата, победата на радоста над жалоста. На овој највеличествен празник над празниците, како сеоддајни чеда Божји го славиме и човековото воскресение и вечно живеење со воскреснатиот Господ Исус Христос во времето што ни е дарувано да го живееме мирно, достоинствено и примерно во овоземната Црква Христова и да обезбедиме вечен, блажен духовен мир и спокој кај Бога.

            Двеилјадагодишното наше Христијанско живеење, напојувајќи се со евангелските неменливи вистини се темелниците и суштината на нашата неизмерна радост и љубов кои блескаат со својот сјај од радоста што се раѓа од празникот на Христовото Воскресение. Преку празникот Велигден, преку празникот на славното Христово Воскресение, ние Христијаните, го наоѓаме одговорот на сите човекови дилеми бидејќи секој од нас доживуваме своевидно откровение за тајната на животот со Бога и во Бога. “Доколку Христос не воскреснеше залудна ќе беше нашата проповед и празна ќе беше нашата вера” ( 1 Кор. 15,14 ). Во овие евангелски пораки со кои живееме два милениуми го наоѓаме одговорот на сите човекови прашања. Се разоткрива тајната на нашето овоземно живеење, тајната за здобивање со вечноста во Царство Божјо.

 

                                    Браќа и сестри во Господа,

 

            Мојата возвишена архипастирска должност ми налага, и во оваа пригода, да ја искажам грижата на нашата Света Црква бидејќи во некои региони во Татковината се помалубројни се рожбите. Поголем ни е морталитетот од наталитетот. Затоа упатуваме пораки до нашата младина - кои стапуваат во од Бога благословена брачна заедница. Пред се бракот е Света Тајна. Таа треба да се почитува. Брачните другари да живеат по евангелските начела и да создаваат потомство. Здравата брачна заедница со своите од Бога дарувани и добро воспитани рожби претставува столб и тврдина за вистински просперитет на Татковината. Затоа пораката гласи:

2 деца се малку, 3 не се многу!

            Во светата православна Христова Црква бракот е децидно дефиниран како врска меѓу машки и женски пол. Во брак се здружуваат маж и жена. Круна на се што е од Бога создадено е човекот - се Адам и Ева. Во таа смисла да се потсетиме што ни порачува и што е запишано во Светото Писмо во Библијата: “И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско го создаде” ( 1 Мој. 27 ). “И го благослови Бог, и им рече: “Плодете се, и множете се, и наполнетеја земјата, и господарете над неја ..... ( 1 Мој. 28 ).

            Од овие библиски начела Светата Црква не смее да отстапи, бидејќи само на тој начин смета дека се обезбедува опстојот и вечноста на човечкиот род на планетата земја.

 

 

                        Драги браќа и сестри во Господа,

 

            Чест и привилегија е, благочестиви христијани, да ја имаш Божјата милост, да се родиш на македонското библиско тло, да бидеш чедо на нашата Света Црква. Да создадеш потомство. Да бидеш примерен син и ќерка на Македонија, преку добрите и трајни дела што ќе ги содадеш и што ќе му ги даруваш на своето семејство - на својот народ. Најголем пак доблест за секое македонско чедо е, кога ќе се исполни времето, со цел да го спечалиш венецот на вечната почит и слава, да се претставиш пред Бога достојно како верно и сеоддајно чедо на Македонија и на својата Света Црква. Само на таков начин сите ќе помогнеме да се сочува вечноста на нашиот македонски род, на нашата татковина Македонија и на нашата света автокефална Македонска Православна Црква. Ќе опстоиме се додека векот векува и светот светува, ако се потрудиме, здружени и збратимени, да градиме цврсти мостови на пријателство, почит и разбирање со сите мирољубиви и правдољубиви народи и држави. Долг е списокот на голем број најдоблесни македонски синови и ќерки кои за остварување на ваквите возвишени и свети сенародни и црковни идеали и го подариле животот на Татковината и на својата Света Црква. Од нас Македонија и нашата света Црква не бараат да се жртвуваме за нив, ами да живееме и да твориме добри дела за и тие да живеат и да творат за нас и со вас вечно.

            Спасителот Господ Исус Христос со своето славно Воскресение ни ја откри вистината на нашето постоење и живеење. Ни се откри патот кон светоста и вечноста. Живеејќе достоен и примерен христијански живот, заедно со Воскреснатиот Спасител, постануваме победници на животот над смртта, победници и владетели на правдата над неправдата, владетели на доброто над злото. Од тука произлегува на празникот Велигден, во некои региони од нашата Татковина, да Му се посветуваат најповеќе светодени.

            И преку доживеаниот молитвен и величествен велигденски духовен сјај, преку примањето на велигденска светлина која што никогаш не згаснува, ами ни се осветлува животниот Господов пат по кој одиме духовно се воздигнуваме до небесните височини и стануваме поблиски до Бога.

 

                                    Браќа и сестри во Господа,

 

            Со најискрени братоњубиви архипастирски чувства на велигденска радост молитвено посакуваме во мир, слога и евангелска братска и сестринска љубов и почитување да го дочекаме празникот на славното Христово Воскресение - Велигден. Воскресениот Божји мир и љубов да ги исполнува Вашите души и срца. Велигденската радост да се всели во Вашите домови и во Вашите благородни семејства која да Ви биде цврста поткрепа во сите денови  од Вашиот живот.

 

                                    ХРИСТОС  ВОСКРЕСЕ !

                               НАВИСТИНА  ВОСКРЕСЕ !

 

                                                                                                              Подготвил: Диме Змејкоски