Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Охрид: усвоена Декларација за придонес на религиите и културите кон мирот, меѓусебна почит и соживот (10.05.2010)

Учесниците на Втората Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во Охрид ја усвоија Декларацијата за придонес на религиите и културите кон мирот.

„Ние се обврзуваме дека ќе развиеме меѓуцивилизациски и меѓурелигиски дијалог преку градење и јакнење на меѓусебни размени и ширење добри практики, особено во рамките на нашите сопствени заедници,“ се вели во Декларацијата и се праќа порака до овие и идните генерации за мирен соживот и одржлива иднина.

„Сите учесници ќе се борат против сите појави на предрасуди, нетолеранција и исклученост,“ се наведува во документот, со кој и официјално се затвара Втората меѓурелигиска конференција.

Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска на завршното обраќање го поздрави усвојувањето на Декларацијата.

Конференцијата беше исто така и поздравена од Архиепископот јарославски и ростовски, Кирил, кој како претставник на Руската Црква ја посети Втората светска конференција. „Руската православна црква се залага и се моли проблемот со статусот на МПЦ што побрзо да биде решен,“ порача тој.

На Конференцијата за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која по втор пат се одржува во Охрид присуствуваат преку 300 мисионери од сите верски заедници од над 30 држави од неколку континенти, како и голем број на експерти, научни и културни работници, професори и претставници од невладиниот сектор.

Конференцијата беше во организација на Министерството за култура на Република Македонија во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и со верските заедници во Република Македонија.

 

       

Извор: Макфакс