Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Св. Атанасиј- во Лешочкиот манастир (15.05.2010)

Денес, 15 мај 2010 лето Господово по повод празникот Св. Атанасиј Архиепископ Александриски, во Манастирската црква посветена во Негова чест се одслужи света Божествена Архиерејска Литургија, чиноначалствувана од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-Кумановски Господин Кирил во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското и Гостиварското Архиерејско Намесништво. На Светата Литургија активно учество зема и женскиот младински хор Менада од Тетово под диригенство на  Маестро Д-р Ивица Зориќ. 

Повеќегодишниот Кум на овој празник беше и овој пат Слободан Теодосијевски адвокат од Скопје со неговото благочестиво семејство и семејството на Милица Трајческа од Тетово.

Во својата Беседа посветена во чест на Св. Атанасиј – Архиепископ Александриски Митрополитот Господин Кирил рече:                                    

 

ВО ИМЕТО НА ОЦА И СИНА И СВТИОТ ДУХ !

БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,

 

Собрани сме на молитва, ја отслужуваме светата Божествена литургија. Нашите души и срца се исполнети со безгранична духовна радост и среќа.

Собрани сме во ова наше возобновено стародревно манастирско светилиште за да го славиме Бога и да му благодариме за сите изобилни дарови.

Се радуваме – зашто радоста што извира од искреното и братско молитвено дружење ги храни, освежува и оживотворува нашите души а нашите срца ги исполнува со среќа.

Светата Боженствена Богослужба ја отслуживме во спомен и Чест пренесувањето на моштите на Св. Атанасиј и големиот број чудеса што се десиле при тој настан. Голем број тешко болни и безнадежни кои Господ ги удостоил со силна вера да се допрат до светите мошти оздравувале од тешките душевни и телесни болести.  

Свети Анастасиј архиепископот Александриски Велики роден е при крајот на III век, (296) во градот чие титуларно име го носел. Во Александрија архипастирствувал полни четири децении, за жал со чести прекини поради прогонувањата што се вршени над него од страна на еретиците. Свети Атанасиј е еден од најжестоко прогонуваните архипастири во Православната Црква.

Како ѓакон зел учество на Првиот Вселенски собор во 325 година во градот Никеја и многу допринел во зацврстувањето чистотата на светото Православие.

Негово дело е Никејскиот символ на верата кој бил усвоен на овој Собор. Како изузетен богословски ум, од времето на IV-от златен период, ни оставил голем број богословски трудови. Архипастирот кој ја поставил основата на најголемата вистина на светото Православие, за тие вистини многу и страдаше. Но, со својот силен и непоклатен дух, силна вера и цврстина, Господ му помогна да издвојува целосна победа над неговите жестоки гонители и еретици.

Од Бога беше повикан да се пресели во царството небесно скоро при крајот на осмата деценија од својот живот и да биде овенчан со ореолот на вечната победа и слава и овде на земјата и горе на небото.

Затоа, како христијани сме должни да го следиме неговиот пример и самопрегорно да работиме и да допринесуваме и ние за чистотата и убавината на нашата православна вера и добробитот на нашата Света Црква и родна и мила татковина - Македонија.

Божјиот мир и благослов нека се излие и нека почива над сите нас во сите денови од нашиот живот. А М И Н !

 

На заедничката Молитва во манастирската црква беа присутни голем број на Верници од Тетово, Тетовско, а масовно присуство имаше и од Скопските општини: Газибаба, Бутел, Стајковци, па и пошироко од нашата Република, кои беа удостоени да го проследат произведувањето во чин игумен на досегашниот јеромонах Теодосиј, а по тој повод Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко Кумановски Господин Кирил заедно со игуменот на Лешочкиот манастир приредија заедничка братскла и сестринска Трпеза на Љубовта за околу 400 присутни верни чеда доследни на Светиот Атанасиј и родната ни мила  Мајка Македонска Православна Црква.

Чествувањата продолжија со заедничка веселба и културно-уметничка програма на која настапија реномирани пеачи од Македонската естрада меѓу кои беа: Ани Малинкова и Марјана Мишева предводени од оркестарот на Микле од Тетово.

 

Здрава младина, здрава нација, стабилна и перспективна држава, среќна и радосна мајка Црква.

Драги младинци, браќа и сестри!

Речено е дека песната најнапред ја смирува а потоа ја вознесува душата до небесните височини. А орото? Орото, го растреперува и разигрува срцето. За нашите млади од огромно значење е да им се внедрува љубов да ги негуваат прекрасните македонски песни, ора, традиции и обичаи, а нашиот мајчин македонски јазик е наш свет национален белег. Во сите овие вредности ги бараме и наоѓаме нашите длабоки корени и многустолетните наши историски древни времиња.

Дај Боже, Дај Боже, само врз цврстите камен-темелници на нашето славно и победоносно минато да ја градиме блескавата иднина на македонскиот народ и Света Црква. Нашата сила и победа е вон ашето единство и во спечалувањето на поголем број вистински пријатели без оглед на националната и верска припадност. Топлото Македонско сонце треба подеднакво да не грее сите нас.

Чест и гордост е да се родиш Македонец а најголема доблест, кога ќе се исполни времето, да се претставиш достојно во вечноста кај Бога како чедо на библиска Македонија и на Светоклиментовата Македонска Православна Црква со апостолско приемство!

Дај Боже вечно да растеме само во доброто! Додаде во своето обраќање Митрополитот Господин Кирил.

 

         

 

         

 

             

 

             

 

 

Подготви: Диме Змејкоски