За празникот на свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка (06.07.2010)
Денес, во Манастирскиот комплекс на свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка, по повод патрониот празник, Неговото Високопреосвештенство Митрополит Полошко-кумановски Господин Кирил отслужи Света Божествена Архиерејска Литургија во сослужение на свештениците од Тетовското, Гостиварското и Кумановското Архиерејско намесништво а во присуство на голем број верни чеда, не само од Тетово и Тетовско, туку и пошироко од повеќе градови ширум нашава Татковина.
На Светата Архиерејска Литургија во свештенички чин беше произведен ѓаконот Сашо Петревски.
Во својата Беседа пред присутните верници, Митрополитот Господин Кирил го образложи значението на денешниот празник и делата на Светиот Наум Охридски Чудотворец, воедно изрази голема благодарност до манастирското настојателство, охрабрувајќи ги и понатаму да истраат и со заеднички напори да се доизградат и осветат манастирските конаци, обраќајќи им се со зборовите: колку финансиски средства вие ќе успеете да соберете, јас со двојно поголем износ ќе учествувам во доизградбата на Манастирските конаци.
Потоа Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Господин Кирил го пресече кумскиот колач принесен од семејството на Јорданка Василевска.
Свеченостите продолжија со богата културно-уметничка програма, а за сите присутни беше приредена братска трпеза на љубовта.