Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Меѓународен научен симпозиум во Охрид по повод 1100-годишнината од упокојувањето на свети Наум Охридски (04.10.2010)

Оваа година во Република Македонија, преку најразлични манифестации и научни собири, се одбележува 1100-годишнината од упокојувањето на св. Наум Охридски Чудотворец. Од 3 до 5 октомври 2010 година, во просториите на Универзитетскиот конгресен центар во Охрид, Дебарско-кичевската епархија организираше Меѓународен научен симпозиум, на кој  зедоа учество еминентни домашни и странски научници од повеќе научни области.

 

Отварајќи го Симпозиумот, поглаварот на МПЦ, Архиепискотпот Охридски и Македонски г.г. Стефан истакна дека светото дело и духовниот подвиг на Свети Наум Охридски Чудотворец дури и денес зрачат и остануваат да бидат предизвик и пример за следба во монаштвото и мисионерството, во книжевноста и просветата, но и во богољубието и човекољубието.

 

- На 23 декември 910 година се упокоил Свети Наум Охридски Чудотворец, и бил погребан на јужната страна на храмот на манастирот што самиот го изградил на јужниот брег на Белото езеро. На погребението чиноначалствувал неговиот брат, Свети Климент, Архиепископот Охридски.  Вака може накратко да се опише настанот за кој оваа година одбележуваме 1.100 години. МПЦ и сите институци што имаат чувство дека се продолжувачи и наследници на грандиозното дело на Свети Наум му оддаваат или ќе ми оддадат достојна почит на големиот мисионер, просветител, подвижник, светител, чудотворец, рече поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.

 

- Во одбележувањето се вклучени најразлични државни, високообразовни и научни институции, Македонската православна црква и други субјекти, што покажува дека како држава, како народ, како граѓани, знаеме да го почитуваме, да го чуваме и надградуваме нашето историско и културно наследство, истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на отворањето на дводневниот Меѓународен симпозиум што по повод одбележувањето на годишнината од упокојувањето на големиот Свети Наум Охридски се одржува во Охрид.

Вељаноски подвлече дека за животот и делото на Свети Наум Чудотворец, како што го именува народот, денес имаме многу богата научна литература зад која стојат имиња на научници и академици, не само од Република Македонија, туку и од Балканот, но и многу други европски држави. Исто така, многу научници и истражувачи истакнуваат дека делото и животот на Свети Наум сè уште се предизвик за многу сериозни научни истражувања. Тој изрази верување дека токму сега, кога се одбележува 11 века од неговото упокојување ова ќе биде дополнителен мотив, пред сè за младите, да продолжат да го истражуваат неговото дело и да создадат нови научни дела и потсети оти Свети Наум и неговото дело биле инспирација и мотив за многу книжевни дела, пред сè на македонските писатели.

- Ова е доказ дека пред 11 века Македонија била значаен верски, духовен и просветителски центар, од кој во тогашниот, христијански свет се ширеле многу духовни и културни вредности. Македонскиот народ и другите етнички заедници кои денес живеат во Република Македонија, може да се пофалат дека на овој простор живееле и создавале великани како што се Светите Браќа Кирил и Методи, Свети Наум и Свети Климент, рече тој.

Поздравен збор на  Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј 

...Нe собра голем повод, 1100 години од блаженото преселување на преподобниот Наум Охридски од овој лажен свет во вечноста. Промислата Божја отсекогаш и засекогаш промислува за спасението на човечкиот род. Па така, испраќа разни учители, просветители и свети личности кои со нивниот живот, а уште повеќе и со нивните дела високо светат на небесниот свод и го осветлуваат патот на човечкиот род. Токму такви големи светила пред 11 века Бог испрати и на оваа почва за да го осветлат патот на словенските народи и да ги воведат во христијанството, а преку тоа и во редот на цивилизираните и просветени народи. Свети Наум со својот сотрудник, свети Климент, се големи факели кои веќе 11 века светат, просветуваат, утврдуваат во вистината Христова, лекуваат секакви болести и немоќи.

Нивното дело е продолжување на одот на нивните големи учители, светите Кирил и Методиј, кои ја заорале браздата во Панонија и Моравија со просветување на словенските народи. Но, без делото на свети Климент и на свети Наум се сомневаме дека ќе останело забележано делото на нивните учители, кое тие го продолжиле на брегот на Белото Езеро. Собирајќи се и денеска на овој почитуван собир, се надеваме и очекуваме дека делото на свети Наум ќе биде дополнето, појаснето и осветлено од повеќе аспекти преку научните трудови кои ќе бидат презентирани во времето што следува. Во исто време сакам да кажам дека овој научен собир всушност претставува и искрена благодарност за нивното севремено дело.

Уште еднаш искажуваме благодарност за учеството и посакувам плодотворна работа и пријатен престој во оваа средина.

Во работата на Меѓународниот симпозиум што се одржува во организација на Дебарско-кичевската епархија и Македонската православна црква, учествуваа педесетина научни работници и експерти од Македонија, Србија, Бугарија и Русија.

 

На симпозиумот беа одржани три работни сесии, на кои збор зедоа:

Ратомир Грозданоски, (Скопје, Македонија) „Свети Наум Охридски виден низ библиските цитати во богослужбите за него“

Петар Хр. Илиевски (Скопје, Македонија) „Повторно за името Кутмичевица (нови сознанија на областа каде што свети Наум ја продолжил учителската дејност на свети Климент)“

Алексеј Пентковски (Москва, Русија)

Митрополит Струмички г. Наум (Македонија) „Светоотечко толкување – откровение на внатрешниот духовен живот на св. Наум Охридски“

Никола Ѓурѓиноски (Охрид, Македонија) „Придонесот на св. Наум во формирањето на словенското богослужение во Охрид“

Тони Филиповски (Скопје, Македонија) „Св. Наум и неговите епитети: Чудотворец и Охридски“

Александар Трајановски (Скопје, Македонија) „Охридскиот архиепископ Аврамиј и игуменот на манастирот Св. Наум во Европа и Русија од 1631 до 1635 г.“

Ралица Русева (Софија, Бугарија) „Свети Йоан Кукузел и композицията на Свети Седмочисленици в манастира Арденица“

Гордана Келиќ (Белград, Србија) „Портрет светог Наума из цркве Ваведења Богородице манастира Троноша“

Викторија Попоска Коробар (Скопје, Македонија) „Иконата на св. Наум од црквата св. Спас во Скопје“

Ѓорѓи Поп Атанасов (Скопје, Македонија) „Св. Наум Охридски во духовната и книжевната традиција на Света Гора“

Светлина Николова (Софија, Бугарија) „Грцките извори за св. Наум Охридски: источници и отношенија между текстовите“

Сашо Цветковски (Струга, Македонија) „Непознати портрети на св. Наум Охридски во живописот на Охридската Архиепископија од XVIII и XIX век“

Ристо Палигура (Битола, Македонија) „Непознати портрети на св. Наум во живописот од XIX  век во Битолско-преспанскиот регион“

Никола Митрески (Прилеп, Македонија) „Претставите на св. Наум во живописот од XIX век во Пелагонија и Демир Хисар“

Викторија Грозданова Коцевска (Скопје, Македонија) „Портретите на св. Наум во иконописот на Св. Богородица Каменско во Охрид“

Меѓународниот научен симпозиум беше вистинско место за претставување  на нови откритија поврзани со животот и делото на св. Наум Охридски, а особено се истакнаа оние од областа на Историјата на уметност. Симпозиумот го затвори Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј, кој во таа прилика им искажа благодарност и честитки на сите кои зедоа учество и оделија од своето драгоцено време за да бидат присутни на овој симпозиум.

 

      

 

       

 

      

 

             

 

         

 

         

 

        

 

         

 

         

 

        

 

        

 

        

 

Извор: Дебарско-кичевска епархија, Преминпортал