На празникот на свети Димитриј во Крива Паланка (08.11.2010)
Во понеделник, на 08.11.2010 година, на денот посветен на св. великомаченик Димитриј Солунски, во соборниот храм во Крива Паланка, кој и го носи неговото име, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил отслужи Божествена Литургија, заедно со свештенството од кривопаланечкото архиерејско намесништво.
Пред насобраните верници, во преполнетиот храм Архиерејот изнесе пригодна беседа за големиот Xристов војник, закрилник и молитвеник пред Бога, светиот великомаченик Димитриј.
На Литургијата од светата десница на Митрополитот Кирил, во презвитерски чин беше ракоположен дипломираниот теолог, ѓакон Александар Смиљков. На ракополагањето Митрополитот истакна:
„Голем е Господ, и чудни се неговите дела.“ Точно по 200 години, по примерот на птицата феникс, којa повторно се раѓа од пепелта, така се обнови и нашата Света Црква, која иако неканонски укината во 1767 година, од иноверната Отоманска империја, точно после 200 години воскреснавме за нов целосно праведен црковно-духовен живот. Во 1958 ја обновивме самостојноста, а во 1967 и целосната автокефалност. Почнавме со троица архипастири во 1958, а во 1967 бевме петмина, меѓу кои и јас. Cега сме единаесет. Почнавме со 250 свештеници, а сега се трипати повеќе, кои што пастирствуваат на просторот на Македонија, а и по сите меридијани на земјината топка, Америка, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Европските земји.
Денес, Вие кои што помилувавте да дојдете, да ги принесеме овие заеднички молитви пред Бога, во чест и слава на светиот великомаченик Димитриј Победоносец, ќе бидете учесници и во ракополагањето на уште еден свештеник, на дипломираниот теолог Александар, досегашниот ѓакон. Светиот Дух да го вдахновува достојно, како што прилега на вистински македонски пастир да служи на повереното паство, кое што ќе му се додели на Радибушката парохија.
По завршувањето на Литургијата се освети вода и беа пресечени славските колачи.
Митрополитот Кирил, заедно со свештенството и верниот народ се упатија во манастирот на свети Јоаким Осоговски Чудотворец. Таму ги разгледаа новоизградениот конак, кој сега внатрешно се уредува, како и новиот иконостас во Големата манастирска црква. Иконостасот е изработен во резба, од вештите раце на копаничарса тајфа, предводена од протомајсторите Злате Крстевски и Димче Бунтески.
Известува: презвитер Александар Смиљков